Новинарски историски осврт: Сведоштва за грчките негаторски политики врз македонскиот јазик, од диктатурата на Метаксас до Преспанскиот договор
Денешната политика на Грција и забраните на македонскиот јазик, па и на месни панаѓури, дури и спречувањето да се пеат песни на македонски јазик, се всушност продолжување на политиката на нивниот генерал Метаксас, само во друго „подемократско пакување“, пред кое бриселските либерални елити, олицетворени во толку посакуваната за нас Европската Унија, не само што замижуваат туку и директно го поддржуваат, барајќи почитување на несиметрично скроениот и на наша штета Преспански договор. А токму тој, Преспанскиот договор од Нивици, е стопроцентен „концентрат“ на сиот геноциден и идентитетски фашизам на Метаксас и многу други грчки политичари врз Македонците во сопствената татковина Македонија и врз Македонците во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција
Мерките на грчките фашисти и на генералот Јоанис Метаксас преку јазичниот, духовниот и физичкиот геноцид „да ги сотрат Македонците во Егејска Македонија“ не дале резултат, туку, напротив, уште повеќе го засилиле отпорот да се зачуваат македонскиот идентитет и јазик. Дури и во затворите Македонците давале силен отпор за зачувување на својот национален идентитет. Денешната политика на Грција и забраните на македонскиот јазик, па и на месни панаѓури, дури и спречувањето да се пеат песни на македонски јазик, се всушност продолжување на политиката на нивниот генерал Метаксас, само во друго „подемократско пакување“, пред кое „цивилизираната“ политичка Европа, олицетворена во Европската Унија, не само што замижува туку и директно го поддржува, барајќи почитување на Преспанскиот договор. А Преспанскиот договор е стопроцентен „концентрат“ на сиот геноциден и идентитетски фашизам на Метаксас и многу други грчки политичари врз Македонците во сопствената татковина Македонија и врз Македонците во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција.
Политиките на Атина за етничко чистење на Македонците и голема колонизација на Егејска Македонија со негрчко население од Турција и Азија
По Балканските војни (1912-1913) и Првата светска војна (1914-1918), особено по договорите за мир во Лозана (1923), каде што централно место доби македонското прашање, започна големото етничко чистење на Македонците од егејскиот дел на Македонија, чиј број во 1912 година изнесуваше 374 илјади. Во егејскиот дел на Македонија грчката држава насели 618.000 лица од грчко и негрчко потекло. Ова хетерогено население, кое беше колонизирано во егејскиот дел на Македонија во периодот меѓу двете светски војни, потекнуваше од други делови на Грција, Мала Азија, Црноморјето, Кавказ, Западна Тракија, Бугарија итн. По големата грчка колонизација, македонскиот јазик го смени својот историски статус. Од најупотребуван јазик го доби статусот на јазик на малцинство или статус на семеен јазик. По големите етнички промени, и грчкиот јазик го смени својот статус. Од јазик на малцинство доби статус на најупотребуван јазик. Врз основа на грчкиот јазик, сега, пред сѐ преку мешовитите бракови, се формираше и се развиваше новата грчка нација во егејскиот дел на Македонија. Со колонизирањето на ова население, кое Македонците го нарекуваа „маџири“ (странци, туѓинци), егејскиот дел на Македонија го загуби својот македонски етнички карактер. Македонците (240.000) станаа веќе малцинство, а како мнозинско население беше присутно само во западниот дел на егејскиот дел на Македонија (Костурско, Леринско и Воденско).
По големата грчка колонизација, грчката држава во 1926 година донесе закон со кој се менува топонимијата на егејскиот дел на Македонија. Сите села, градови, реки, планини беа преименувани и добија грчки имиња. Сето ова грчката држава го постигна со политика на државен терор. Уште од Втората балканска војна (1913), Грција го почна етничкиот геноцид врз македонскиот народ. Суровоста на грчките војници кон македонското население беше немилосрдна.
Со катастрофалната поделба на етнојазичната територија на Македонија и на националното тело на македонскиот народ со Букурешкиот договор од 1913 година грчката држава почна да спроведува активна политика на денационализација и асимилација на Македонците. Македонското име и македонскиот јазик беа забранети, а Македонците беа именувани како „Бугари“, „Славофони-Грци“ или како „ендопи“ (домородци). Истовремено, сите Македонци беа принудени да ги изменат имињата и презимињата и македонските презимиња требаше да завршуваат на ,,-ос“ или ,,-пулос“.
Со непризнавањето на македонската нација не се признаваше ни македонскиот јазик. Тој беше забранет, омаловажуван, сметан како „варварски јазик“, недостоен за еден културен и цивилизиран граѓанин. Строго се забрануваше неговата употреба во меѓусебната комуникација, меѓу родителите и децата, меѓу селаните, на свадби или на погребни ритуали. Прекршувањето на оваа забрана повлекуваше драконски казни: од морално и психичко малтретирање до „јазичен данок“ за секој изустен македонски збор. Истовремено, строго се забрануваше и писменото користење на македонскиот јазик, a македонската писменост се отстрануваше од црквите, спомениците и гробовите. Сите цркви беа именувани со грчки имиња.

Безуспешни беа нехуманите мерки на фашистичкиот режим на Метаксас да го сотре македонскиот јазик во Грција
Врвот на нападите врз македонскиот јазик беше политиката на Јоанис Метаксас (1936). Генералот Метаксас го забрани користењето на македонскиот јазик не само во секојдневниот живот во селото, на пазарот, во обичната и природна човекова комуникација, на погребните ритуали, туку и во рамките на семејството. Истовремено, возрасните Македонци, без разлика на староста, беа принудени да ги посетуваат т.н. „вечерни училишта“ и да го учат „мелозвучниот грчки јазик“. Поради кршењето на забраната за користење на македонскиот јазик во селото, на пазарот или во тесниот круг на семејството, голем број Македонци беа осудени и депортирани по грчките пусти острови.
Со воведувањето на фашистичката диктатура на генералот Јоанис Метаксас во 1936 година во Грција за македонскиот народ од Егејска Македонија, започнал еден од најтешките историски периоди. Диктатурата на Метаксас траела од август 1936 година до неговата смрт во април 1941 година. Со неговото доаѓање на власт, во контекст на целите на грчкиот режим за засилување на грчкото национално чувство, задолжителната асимилација на Македонците била сметана како неопходен предуслов за остварувањето на овие цели. Своите цели спрема Македонците режимот почнал да ги остварува со забраната за употреба на македонскиот јазик, јавно и приватно. Во таа насока е и доверливата директива бр. 122770 од 1936 година, испратена од генералниот гувернер на Северна Грција до сите локални совети да се придржуваат до мерките на забрана за употреба на македонскиот јазик.
Оние што биле забележувани како зборуваат на македонски јазик биле казнувани со пиење рициново масло, затвор или внатрешен прогон. Се смета дека во периодот 1936-1940 година поради употребата на македонскиот јазик биле казнети, затворени или прогонети околу 5.250 Македонци.
Лазар Мојсов во својата книга „Околу прашањето на македонското национално малцинство во Грција“ (Институт за национална историја, Скопје, 1954) го споменува состанокот одржан од окружниот управник во Леринската околија од 1936 година, кога бил констатиран фактот дека, сепак, „словенскиот“ јазик е многу раширен меѓу населението во околијата. Било констатирано дека дури и Грците трговци, заради профит, масовно го употребувале овој јазик. Исто така е споменат примерот со еден Македонец од селото Нерет, Леринско, кој бил казнет поради употребата на македонскиот јазик во 1939 година. Македонците што биле затворани биле испраќани во специјалните затвори на Пилос, Акронавплија, Хиос и Гавдос, додека оние што биле прогонувани биле испраќани на островите Крит, Хиос или Крф.
ВМРО (обединета), која во конкретниот момент била највидлив израз на политичката и националната активност на македонскиот народ во Грција, не останала надвор од прогонот на диктатурата. Нејзините членови Андреја Чипов, Христо Галабов, Коста Думов, Лазо Трповски, Трифун Хаџијанов, Неделко Поп Неделков и други се нашле во затворите и логорите на режимот.
Конечно, фашистичкиот грчки режим на Метаксас организирал ноќни училишта за Македонците, каде што тие биле обврзани да учат да читаат и да пишуваат на грчки јазик, но и да ја изучуваат и грчката историја. Суровоста добила свој израз и во казнувањето за непочитувањето на обврската за Македонците да ги истакнуваат грчките знамиња на своите куќи за време на националните празници или да ги бојадисуваат своите домови со боите од грчкото знаме.
Од извештаите до државните служби на Грција: Македонците упорно се самоопределуваат како Македонци!
Треба да се споменат двата извештаја од овој период за македонското малцинство, составени од воденскиот учител Георгиос Пападопулос, кои се доставени до Државната служба за одбрана во временска разлика од две години (1936 и 1938). Првиот извештај е доставен во 1936 година и тој се нарекува „За емоционалната и јазичната ситуација кај Славофоните-Македонци и за наметнатите мерки за нивно погрчување“. Во извештајот најпрво се дава генерален заклучок дека иако ова подрачје е составен дел на Грција повеќе од 25 години, сепак, со оглед на тоа кој јазик е најзастапен меѓу населението, користењето на старите имиња и топоними, песните што се слушаат на разните веселби и обичаите сугерираат нешто спротивно. Најважниот заклучок на Пападопулос за Македонците е нивното „упорно карактеризирање на јазикот што го зборуваат како македонски“, како и „нивното упорно самоопределување како Македонци… и неволноста да го изучуваат грчкиот јазик“,
Според авторот на тој извештај, „ситуацијата со секојдневната употреба на македонскиот јазик била особено загрижувачка кај македонските интелектуалци, државните службеници и просветните работници – Македонци“. Во однос на националната свест, тој определува дека 70 отсто се определуваат како Македонци, кои „појавата на слоганот Македонија на Македонците ги наелектризира“. Преостанатите ги распределува како „гркофили и неопределени“.
Со цел оваа „непријатна“ ситуација да се надмине, Пападопулос предлага редица мерки за погрчување на македонското население. Најзначајни мерки се оние што се однесуваат на самиот образовен процес. Такви се: градење училишта таму каде што нема такви, воведување вечерни курсеви за учење грчки јазик, наставата исклучително да се одвива на грчки јазик, забрана „славофоните“ да предаваат во училишта, воведување разни стимулации за Грците што ќе учителствуваат во македонските села (двоен бенефициран стаж, пониски даноци итн.), доселување бегалци во овој регион, крштевање со грчки имиња и др.
Вториот извештај насловен како „Напорите во последните две години за погрчување на Западна Македонија“ е доставен во 1938 година. Анализирајќи го успехот од преземените мерки Пападопулос признава дека сепак целиот процес е долготраен. Но тој смета дека вечерните училишта, масовното истакнување на грчкото знаме и организациите на националната младина (фашистичките ЕОН-организации на Метаксас) давале надеж дека чувствата кај Македонците ќе се променат со текот на времето.
Истражување на независниот австралиски новинар Биртлс: Грчката диктатура има развиено свој посебен вид на шовинизам
Австралискиот новинар и автор Берт Биртлс (1900-1994) во својата книга од 1938 година пишува дека нацифашистичкиот режим на диктаторот Јоанис Метаксас во Грција систeмaтски ги прогонува тамошните Македонци. Биртлс го споредува односот на грчките нацифашисти кон Македонците со тоа што германските нацисти им го правеле на Евреите. Заклучокот на Биртлс гласел: „И не само што преку својата изопачена нечовечност, грчката диктатура го имитира германскиот и италијанскиот модел, туку таа веќе има развиено свој посебен вид на шовинизам“.
Тој бил дописник на неколку весници – „Дејли телеграф“, „Сан“ и „Сандеј телеграф“, а заедно со својата сопруга Дора престојувал една година во Грција. И двајцата патувале низ целата земја, истражувајќи ја политичката ситуација. Биле сведоци на политичките борби, како и на прогонот и тортурата врз илјадници луѓе, меѓу кои и Македонците, во злогласните логори на островите Гавдос, Анафи и други. Врз сето она што го видел и забележал, Биртлс сведочел дека во име на „хеленизацијата“ грчките власти постојано ги прогонуваат Македонците и „ги апсат поради најнечуени причини“.
– За да всади во нив соодветен (грчки) националистички дух, Метаксас го употребува методот со менување на изворните македонски имиња на местата во грчки и преку забранување (кон Македонците) да го употребуваат својот мајчин (македонски) јазик. А ако покажат и најмал отпор, бидејќи се сметало како закана за безбедноста на државата, селаните Македонци се прогонувани без судење – посочил Берт Биртлс во својата книга „Прогонети во Егејот, личен наратив за грчката политика и патувања“, објавена во Лондон во 1938 година.
Мерките на грчките фашисти и на генералот Метаксас преку јазичниот, духовниот и физичкиот геноцид да ги сотрат Македонците во Егејска Македонија не дале резултат, туку, напротив, уште повеќе го засилиле отпорот да се зачуваат македонскиот идентитет и јазик. Дури и во затворите Македонците давале силен отпор за зачувување на својот национален идентитет.
(Во подготвувањето на оваа статија се користени книгата на Донче Тасев „Македонците во Грција“ од 2011 година и научната студија „Македонија и односите со Грција“ на Македонската академија на науките и уметностите од 1993 година)
Свето Тоевски