Илустрација: „Нова Македонија“

Во пресрет на денешниот избор на носителите на највисоките функции во европските институции, професори и експерти по право на ЕУ јавно излегоа со констатации што расветлуваат уште едно темно петно во функционирањето на ЕУ, во контекст на трендот во Унијата на пад на демократските процедури и загрозување на нејзините темелни вредности и принципи

Милиони луѓе гласаат на европските избори, а потоа само шест луѓе прават договор
за тоа кој ќе биде ново раководство на ЕУ

Денеска 27-те лидери на ЕУ ќе се состанат во Брисел и треба да ја заокружат формата за пополнување на трите врвни работни места во Европската Унија. Од неодамна Германката Урсула фон дер Лајен, Португалецот Антонио Коста и Естонката Каја Калас беа опфатени како најсериозни кандидати за највисоките позиции во Европската комисија, Европскиот совет и во службата за надворешна политика.

Формална или неформална процедура?

Во врска со назначувањето на носителите на највисоките функции во институциите на ЕУ, во последно време имаше повеќе реакции. Токму реномираниот медиум „Политико“ ја анализираше оваа состојба.
Назначувањето е „недемократско на повеќе нивоа“, изјави Алберто Алемано, професор по право на ЕУ во ХЕЦ Париз, за „Политико“.
За појаснување, медиумот пишува дека правилата за избор на новото раководство на ЕУ се главно – непишани.
Кога лидерите на ЕУ ја решаваат загатката за пополнување на врвните работни места во ЕУ, „тие само треба да ги земат предвид резултатите од европските избори: 373 милиони граѓани имаа право да гласаат на една од најголемите демократски процедури во светот“. Но не е така. Имено, групата што ги носи одлуките е многу помала и репрезентативна за изборниот однос на силите. Всушност „шест преговарачи од три политички групи – десниот центар, социјалистите и либералите – веќе се договорија за триото лидери, очекувајќи дека другите ќе го потпишат договорот во текот на неделава“!

Има многу непишани правила при назначувањето на топ носителите на функциите во ЕУ-институциите

За назначувањето на топ носителите на функциите во ЕУ-институциите има многу непишани правила, рече за „Политико“ Стивен ван Хеке, професор по европска политика во КУ Левен.
Правилата „не се напишани во ниту еден договор“, истакна професорот Ван Хеке. Поради тоа, предизвикот е многу потежок и малку демократски.
Во тој контекст, унгарскиот популистички премиер Виктор Орбан јавно критикуваше дека шесте преговарачи веќе постигнале договор.
– Врвните функционери на ЕУ треба да ја претставуваат секоја земја членка, а не само левичарите и либералите – истакна Орбан.
Реакцијата на Орбан (и на други европски политичари што се на авторитетни места во бриселската администрација, кои ги критикуваа назначувањата на високите позиции во ЕУ) се заснова на констатацијата дека „тие сами си го поседуваат проектот“, рече Алберто Алемано, професор по право на ЕУ во ХЕЦ Париз.
– Овој недемократски начин на постапување може да има спектакуларно спротивен ефект, бидејќи може да ги отуѓи „екстремно десничарските“ партии, па дури и да ги обедини – додаде тој.

Трите главни „непишани правила“ водат кон „зделки/заткулисни
договори со одредена заднина и интерес“

Прво, според авторките на анализата во „Политико“, Барбара Моенс и Сара Витон, е тоа што најголемата политичка група по изборите во ЕУ – моментално Европската народна партија, партијата на Фон дер Лајен – треба да предложи кандидат за претседател на Европската комисија (ЕК). Оваа идеја за т.н. шпитценкандидат, или главен кандидат, треба да им помогне на европските гласачи да имаат подиректно влијание врз тоа кој ќе ја води Комисијата (Владата на ЕУ). Социјалистите, втората по големина група, потоа го предложија Коста за претседател на Европскиот совет, додека либералите ја презедоа функцијата во надворешната политика на Калас. Не секогаш излегува така. Во 2019 година, водечкиот кандидат на ЕПП, Манфред Вебер, беше цврсто отфрлен од лидерите на ЕУ и покрај тоа што беше од најголемата група по изборите. Овој пат Фон дер Лајен не се кандидираше за место во Европскиот парламент, па дури и Германците не можеа директно да гласаат за водечкиот кандидат на ЕПП.
Претседателот на Европскиот парламент го избираат 720-те европски пратеници. Но, во пракса, оваа работа ја земаат предвид и лидерите при поделбата на врвните работни места. Целта е да се подели петгодишниот мандат на половина, со тоа што ќе се остави актуелната претседателка Роберта Мецола (ЕПП) да продолжи две и пол години, а потоа да му се предаде на социјалист.
– Таквото „претходно зготвено“ предавање на половина од парламентарниот мандат е проблематично – рече Кен Годфри, извршен директор на Европското партнерство за демократија, мрежа на граѓанското општество што се залага за демократски вредности.
Тоа е особено точно ако социјалистите имаат слаби резултати на претстојните национални избори.
– Ќе изгледа разделено од демократската реалност. Според мене, тие треба да го променат тоа – рече Годфри, извршниот директор на Европското партнерство за демократија (организација од граѓанското општество што се залага за демократски вредности).

Второто непишано правило е – географијата.

Четирите главни работни места на ЕУ треба да бидат еднакво поделени меѓу различните региони на блокот. Во сегашниот план, и Коста (од Португалија) и Мецола (кој потекнува од Малта) го претставуваат Југот. Фон дер Лајен потекнува од Германија, додека Естонката Калас го зазема местото за Исток. Овој пакет исто така обезбедува рамнотежа помеѓу помалите и поголемите земји членки на ЕУ и помеѓу постарите и поновите земји членки – критериуми што се помалку важни од целокупната географска рамнотежа, но сепак се земаат предвид. Теоретски, секоја сложувалка за врвна работа започнува од нула. Но лидерите ја знаат својата историја. На пример, овој пат ќе беше тешко да се бара друга главна позиција за белгиски или луксембуршки политичар со оглед на тоа колку врвни работни места има Бенелукс (Белгија имаше двајца претседатели на Европскиот совет во Херман ван Ромпуј и Шарл Мишел, Жан-Клод Јункер од Луксембург беше шеф на Комисијата, а холандскиот премиер во заминување Марк Руте штотуку ја освои главната функција во НАТО).
Трето непишано правило е – рамнотежа на половите. Во минатото, ова често се сведуваше на обезбедување дека барем една жена е вклучена во пакетот за врвни работни места. Во сегашниот план би имало две жени и двајца мажи.

Сега постои и четврто неформално правило: Дали меѓусебно си се допаѓаат?

Поаѓајќи од влошениот однос меѓу Фон дер Лајен и Мишел, тоа е нешто што лидерите не сакаат да се повтори. Тензиите меѓу Фон дер Лајен и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, се помалку очигледни – но тие станаа видливи кога двајцата не се согласија за тоа како да се справат со војната на Блискиот Исток.
Премиерот Виктор Орбан ја критикуваше веста дека шесте преговарачи веќе постигнале договор.
Од друга страна, Португалецот Антонио Коста има добри работни односи со речиси сите лидери на ЕУ, вклучувајќи и со Фон дер Лајен. Како што рече, ЕПП и социјалистите не се согласија околу времето што Коста ќе го има како мандат. Мандатот на претседателот на Советот е официјално две и пол години, а потоа треба да го обноват лидерите на ЕУ, а секој претседател на Советот досега имаше два мандати.
Сепак, ЕПП сакаше да ја подели работата, потенцијално да донесе лидер на ЕПП за втората половина од мандатот – на гнев на социјалистите. Шестте преговарачи сега се согласија дека „кога станува збор за вториот мандат на претседателот на Европскиот совет, намерата е да се следи добро воспоставената практика“, рече дипломат на ЕУ.
Последно непишано правило е практиката на „одземањето на мандатот за водењето на преговорите во процесот“. Теоретски, на Мишел е да ги води преговорите. Но, кога лидерите на ЕУ се состанаа минатата недела, беше очигледно дека Мишел беше тргнат настрана и маргинализиран.
– Од самиот почеток беше јасно дека лидерите ќе го земат ова во свои раце наместо да му го препуштат на Мишел – рече претставник на ЕУ што сакаше да остане анонимен.
Сега, на Мишел му беше претставена само завршена работа од шесте врвни преговарачи, за што беше информиран од францускиот претседател Емануел Макрон (еден од шесте фактори на одлучување за назначување на ЕУ-функционерите).
– Маневарскиот простор на Мишел беше многу ограничен. Ова е моментот кога земјите на ЕУ сакаат да ја искористат моќта што ја имаат врз Фон дер Лајен, за да обезбедат добри портфолија или да влијаат на политиката – рече Ван Хеке.
Исто така, за издвојување е дека „настрана е тргната италијанската премиерка Џорџа Мелони“. Таа е револтирана поради нејзиното исклучување од преговорите за одлучување за назначување на ЕУ-функционерите. Имено, социјалистите, а особено Шолц, не сакаа да ја вклучат нејзината група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) во преговорите, и покрај тоа што ЕЦР стана трета по големина група во Европскиот парламент, пред либералите.
Во секој случај, во пресрет на изборот за носителите на највисоките функции во европските институции, професори и експерти по право на ЕУ јавно излегоа со констатации што расветлуваат уште едно темно петно во функционирањето на ЕУ, во контекст на трендот на пад на демократските процедури и загрозување на темелните вредности и принципи на Унијата. П.Р.


ЕУ-„ДЕМОКРАТИЈАТА“ НА ДЕЛО
За највисоките позиции во ЕУ се одлучува во најтесен круг од шест лидери

Шестмина лидери на Европската Унија преговараа за највисоките позиции во Унијата и се договорија Германката Урсула фон дер Лајен, Португалецот Антонио Коста и Естонката Каја Калас да ги добијат највисоките позиции во Европската комисија (ЕК), Европскиот совет (ЕС) и во Службата за надворешна политика.

Шестемина преговарачи се:
1. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис
2. Полскиот премиер Доналд Туск (за Европската народна партија)
3. Шпанскиот премиер Педро Санчез (за социјалистите)
4. Германскиот канцелар Олаф Шолц (за социјалистите)
5. Францускиот претседател Емануел Макрон и
6. Холандскиот премиер Марк Руте (за либералите)

Следниот (проформа) чекор е денеска, на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, каде што трите имиња ќе бидат претставени на „одобрување на шефовите на држави и влади“.

Во текстот се пренесени делови од анализата во „Политико“ од авторките Барбара Моенс и Сара Витон