Додека од една страна себеси се сметаат за промотори на демократијата и го наметнуваат наративот за слобода на медиумите како највисок приоритет, изготвувајќи илјадници извештаи за сите земји во светот и оценувајќи ја медиумската слобода, истите тие центри на моќ настапуваат од позиција на авторитети, диктираат што може, а што не може да циркулира во медиумскиот простор и не полагаат сметки пред никого за тоа
Светски центри на моќ не се откажуваат од влијание и притисоци врз медиумите
Нескротливата желба да се има влијание и контрола врз медиумите постојано е присутна и не се избираат средства како да се оствари таквата цел, а тоа го прават дури и најголемите светски центри на моќ, со намера да ја пласираат исклучиво едната страна на приказната, и тоа нивната.
Додека од една страна себеси се сметаат за промотори на демократијата и го наметнуваат наративот за слобода на медиумите како највисок приоритет, изготвувајќи илјадници извештаи за сите земји во светот и оценувајќи ја медиумската слобода, самите настапуваат од позиција на авторитети, диктираат што може, а што не може да циркулира во медиумскиот простор и не полагаат сметки пред никого за тоа.
Несомнено со таквиот настап сакаат да остварат некои свои тесни интереси, безобѕирно злоупотребувајќи ги медиумите за нивната пропаганда и задушувајќи секаков обид истите тие медиуми да го изнесат мислењето и на другата страна.
Моќта ги оправдува средствата
Неодамна основачот и сопственик на социјалната платформа „Мета“, Марк Закерберг, изјави дека високи претставници на Белата куќа од администрацијата на Џо Бајден постојано вршеле притисок врз „Мета“, „мајката“ на Фејсбук и Инстаграм, да цензурира одредени содржини за ковид-19 за време на пандемијата.
Закерберг уште во 2021 година рече дека високи функционери од администрацијата на Бајден, вклучувајќи ја и Белата куќа, постојано вршеле притисок врз тимовите со месеци да цензурираат одредени содржини за ковид-19, вклучувајќи хумор и сатира.
– Тие изразија голема фрустрација кон нашите тимови кога не се согласивме – рече тој во писмото до Џим Џордан, претседател на Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом, додавајќи дека верува оти притисокот на Владата е погрешен.
За време на пандемијата, Фејсбук им додаваше предупредувања за дезинформации на корисниците кога тие коментираа или лајкуваа објави за кои се оценува дека содржат лажни информации за ковид.
Во кампањата за претседателските избори во САД во 2020 година, Бајден ги обвини социјалните мрежи како Фејсбук дека „убиваат луѓе“ дозволувајќи да се објавуваат дезинформации за вакцините за коронавирус на платформата.
– Мислам дека направивме некои избори, кои, со помош на ретроспектива и нови информации, немаше да ги направиме денес. Жал ми е што не бевме поотворени за тоа – рече Закерберг.
Неодамна, Европската комисија (Владата на ЕУ) беше јавно обвинета дека нудела „илегален таен договор за ограничување (на слободата) на говорот. Ова тешко обвинување гласно го објави сопственикот на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), Илон Маск, кој тврди дека освен неговата компанија, другите социјални мрежи ја прифатиле понудата од Европската комисија. Тој во објава на мрежата Икс вели дека на компанијата ѝ било понудено (таен договор) да цензурира објави, а за возврат тоа да не биде санкционирано според правилата на ЕК, односно ЕУ да прогледа низ прсти и субјектот да не ја добие пропишаната парична казна (од ЕК) доколку цензурира нешто што не оди во полза на Брисел.
– Европската комисија му понуди на Икс незаконски таен договор: ако тивко го цензурираме говорот без да му кажеме никому, тие нема да нè казнат. Другите платформи го прифатија тој договор. Икс – не!!! – напиша Маск.
Од Европската комисија, во однос на јавните обвинувања на Маск и од неговата платформа Икс за понуда за „таен договор за цензура“, официјално одговорија дека „социјалната мрежа прави повеќе прекршоци и за тоа мора да биде казнета“.
– Според нашето мислење, Икс не е во согласност со ДСА (акт на ЕУ за дигитални услуги) во клучните области на транспарентност. Ги доведува во заблуда корисниците, не обезбедува соодветно складиште за реклами и го блокира пристапот до податоците за истражувачите. Тоа е првпат да издаваме прелиминарни наоди според Законот за дигитални услуги – пишува Маргарет Вестагер, извршна потпретседателка во ЕУ, одговорна за дигитална ера и комесарка за конкурентност.
Под удар на моќните центри се најде и основачот на Телеграм, Павел Дуров, кој пред неколку дена беше уапсен во Париз по налог за сторени прекршоци поврзани со популарната апликација за комуникација.
Истрагата против Дуров, наводно, се однесува на тоа што тој како извршен директор не презел чекори да го спречи користењето на Телеграм за криминални цели. Според неофицијални информации, објавени од француските медиуми, Дуров е осомничен за прекршоци поврзани со измама, трговија со дрога, сајбер-малтретирање, организиран криминал и пропагирање тероризам.
Неговата апликација Телеграм е особено популарна во Русија, Украина и во други земји од поранешниот Советски Сојуз. Беше забранета во Русија во 2018 година, откако Дуров одби да им ги предаде на властите податоците на корисниците, но по три години, односно во 2021 година забраната беше повлечена.
Големата популарност на апликацијата Телеграм се должи пред сѐ на слободата за споделување содржини што не беа подложени на проверка или верификација на самата мрежа како што е пример со најголемите комуникациски апликации и социјални мрежи. Телеграм беше познат дека не споделува податоци со државни институции и истражни органи за содржини објавени или трансферирани преку апликацијата.
Нема слободно општество ако луѓето не можат да го кажат она што го мислат
Во време кога граѓаните стануваат сѐ посвесни дека центрите на моќ сакаат да ги контролираат информациите и да им го пласираат само она што ним им одговара, медиумите се тие што треба да ги отфрлат таквите притисоци и обиди за влијанија така што ќе се стават исклучиво во служба на општествата, пласирајќи им ја секогаш вистината, ослободена од секакви притисоци и скриени намери на кои било центри.
Американскиот новинар Карлсон Такер, кој пред извесно време беше отпуштен од матичниот медиум затоа што одби да спроведува наметната владина агенда, е на ставот дека мора да постои демократска дискусија во секое општество, а медиумите не смеат во ниту еден случај да бидат нечија пропагандна алатка што ќе ја опструира таквата дискусија и ќе наметнуваат некаков поинаков дискурс.
– Не можете да имате слободно општество ако на луѓето не им е дозволено да го кажат она што мислат дека е вистина. Говорот е основен предуслов за демократија. Затоа е вградено во првиот наш уставен амандман – вели Такер, кој беше првиот западен новинар што направи интервју со рускиот претседател Путин од почетокот на руската агресија врз Украина и за што повторно беше на удар од дел од медиумите контролирани од Владата.
Според него, дел од вината за тоа што на граѓаните им се пласираат само одредени работи што се во прилог на некои центри на моќ, сносат и мејнстрим-медиумите, кои под превезот на некаква демократска дебата во јавноста протуркуваат најгруба пропаганда.
– Во најголем дел вестите што ги гледате доаѓаат од медиумски организации што и самите се слабо маскирани пропагандни места. Го гледате на кабелските вести и подоцна зборувате за тоа на социјалните мрежи. Резултатот може да изгледа како дебата, но всушност „вратарите“ сè уште се одговорни за тоа што ќе се пласира во јавноста. Мислиме дека тоа е лош систем. Знаеме точно како функционира и ни се гади. Слободниот говор е главното право што го имаат граѓаните, без него немаат ништо – констатира Такер.