Предавањето на професорот Донглин Хан беше со внимание проследено од големата група новинари од целиот свет, меѓу кои беше и нашиот главен и одговорен уредник / Фото: Милко Живковиќ

Професорот по политички науки Донглин Хан од Школата за меѓународни односи при универзитетот „Ренмин“ даде објаснување за подобро разбирање на демократијата во Кина, нагласувајќи оти таа е осмислена да одговара на потребите на кинескиот народ. Тој ги издвојува брзиот економски развој, унапредувањето на националната положба и достоинство, политичката стабилност и ефективното функционирање на политичкиот систем меѓу достигнувањата на кинескиот модел на демократија

Кинеска перспектива за моделот на државно управување

Кинескиот систем на државно управување сѐ повеќе го привлекува вниманието на светската јавност, како што се зголемуваат економскиот раст, модернизацијата и влијанието на Кина во глобални рамки. А бидејќи специфичниот модел, познат како демократија со кинески карактеристики, се смета за алтернатива на таканаречените либерални демократии, на Западот тој честопати е проследен со негирање и критики.
Во Кина се свесни дека кинеската демократија значително се разликува од западната, па при дискусии со кинески професори и новинари во Пекинг може да се слушне оти за нив е разбирливо што кинеската демократија не е слична на ниту една друга, односно дека кинескиот модел не копира ниеден друг, земајќи ја предвид бројноста на населението од над 1,4 милијарди жители, како и кинеската историја и култура. Кинеските експерти за оваа тематика веруваат дека целокупната народна демократија е клучна за економските, научните, општествените и други достигнувања на земјата.

Моделот на кинеската народна демократијата- клучен за економските,
научните, општествените и други достигнувања

Професорот по политички науки Донглин Хан од Школата за меѓународни односи при универзитетот „Ренмин“ даде објаснување за подобро разбирање на демократијата во Кина, нагласувајќи оти таа е осмислена за да одговара на потребите на кинескиот народ.
– Мислителите и политичарите во традиционалното кинеско општество ја препознаа моќта на народот и веруваа дека тој е основа на земјата. Тие, исто така, препознаа дека владетелите секогаш мораат да се грижат за луѓето, за да го задржат владеењето и за да добијат поддршка од народот – вели професор Хан.
Познавачите на состојбите во Кина велат оти демократијата што се практикува во државата ја одразува волјата на народот, при што постојано се стреми кон обезбедување на правото на кинеското население да учествува во процесот на државно управување.
Професорот Хан меѓу достигнувањата на кинеската демократија ги издвојува брзиот економски развој и унапредувањето на модернизацијата, значителното подобрување на материјалните услови и искоренувањето на сиромаштијата, унапредувањето на националната положба и достоинство, високото јавно задоволство од власта, одговорноста на владата кон народот, политичката стабилност и ефективното функционирање на политичкиот систем.
Кинезите сметаат оти се покажува дека нивниот систем носи резултати, овозможувајќи политичка стабилност и ефикасност при носењето одлуки.
– Кинескиот народ ќе посвети повеќе внимание на вистинските придобивки што ги носи демократијата, наместо само да обрнува внимание на тоа дали политичкиот систем на Кина ги исполнува стандардите на одредени популарни демократски концепти. Политичките елити во Кина, исто така, го ценат вистинскиот ефект на демократијата врз националниот развој и животите на луѓето, наместо да бидат ограничени на правилата и прописите на демократските процедури – објаснува професорот Хан.

Национално единство и обединета власт претпочитани во однос на политичката конкуренција

Во Кина им се придава големо значење на националното единство, централизацијата и обединетото лидерство во кое Комунистичката партија ја има водечката улога. Азиската велесила се придржува до идејата за единство наместо за поделба на власта, што на Западот се толкува како карактеристика на затворен или авторитарен систем. Но кинеската демократија, според професорот Хан, не е конфронтациски систем како оној во западните земји, каде што има „повеќепартиска конкуренција и дводомен парламент“.
Таквата определба претставува одраз и на конфуцијското гледиште за важноста на образованието и моралот во општеството заради создавање стабилност. А под влијание на конфуцијанизмот, општествената стабилност и хармонија се претпочитани во однос на отворената политичка конкуренција.
Кинеската демократија, како што заклучува професорот Хан, токму затоа не може да се оценува според западните стандарди на либералната демократија. Тој го цитира кинескиот претседател Си Џинпинг, кој своевремено кажал дека „формите за остварување на демократската политика се богати и разновидни и не можат да се ограничат на ригидни модели. Практиката целосно докажа дека демократијата во кинески стил е изводлива и ефикасна во Кина“.
Професорот Хан исто така нагласува дека постојат предизвици со кои кинеската демократија допрва треба да се справи. Но тој истовремено заклучува оти се покажало дека кинескиот модел на демократија ги задоволува потребите за развој на државата и основните интереси на кинескиот народ, во рамките на повеќедецениската практика што вклучува постојана иновативност и приспособливост.

Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг