„Нова Македонија“ стекна увид во алармантни статистики за состојбата со иселувањето од земјава врз основа на истражување податоци објавени од домашни и странски институции, спроведено од редакцијата, кое ќе го објавиме во неколку продолженија. Денеска го објавуваме второто продолжение
Истражување на „Нова Македонија“ за иселените од нашата држава (2)
Кога се говори за иселувањето, постојано се спомнува дека тоа претставува клучен демографски проблем, но наспроти сериозноста на тематиката, се забележува и дека Македонија никогаш немала точни податоци за иселувањето. Во пракса, во земјава веќе триесеттина години не е идентификувана ниту низ годините системски се практикувала ефективна, валидна, стратегија како да се задржат младите, пред сѐ високообразовани, лица во земјава. Но се најавува дека во следниот период ќе биде конципирана таква владина програма, а набрзо потоа и операционализирана.
Болно е што се динамизира „одливот на мозоци“
Во соопштението на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кое содржи четири страници, а е насловено „Алармантен губиток на таленти – државата на петто место по одлив на мозоци“, помеѓу другото, се вели дека процените од извршената анализа на ангажираниот експерт за потребите на ревизијата покажуваат дека во периодот од 2013 до 2021 година од Македонија просечно годишно мигрирале по околу 2.500 високообразовани кадри. Во нив државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари (наша забелешка: околу 80 милиони евра годишно) или вкупно за анализираниот горенаведен период потрошила 44,7 милијарди денари (наша забелешка: околу 725 милиони евра). Одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 отсто од годишниот бруто-домашен производ (БДП).
Овие податоци се наведени и во обемен (има 62 страници) документ (со датум од 29 април годинава), подготвен од страна на тимот на ДЗР, кој е насловен „Конечен извештај за извршена ревизија на успешност на темата ‘ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри’“.
Во конечниот извештај, на стр. 11 се наведува дека странските извори на податоци (од меѓународните организации/институции и од земјите на прием) овозможуваат пореална процена на обемот и структурата на емиграцијата од Македонија. Како посеопфатни податоци за бројот на имигрантите/емигрантите во одделни земји на прием/потекло може да се издвојат оние на Обединетите нации и на Светската банка (чии нумерички вредности вообичаено се совпаѓаат). Тие покажуваат дека вкупниот број македонски граѓани што престојуваат во земјите на прием низ светот во последната деценија забележува континуиран пораст: од 527.075 лица во 2010 година, преку 562.907 во 2015 година и 658.264 во 2019 година, до 693.900 во 2020 година.
Во пракса, во земјава веќе триесеттина години, значи по осамостојувањето, не е идентификувана ниту низ годините системски се практикувала ефективна, валидна, стратегија како да се задржат младите, пред сѐ високообразовани, лица во земјава. Но се најавува дека во следниот период ќе биде конципирана таква владина програма
Ревизијата на ДЗР дава увид во активностите за спречување на одливот
Тимот на ДЗР ја извршил, како што пишува на стр. 20 од конечниот извештај, оваа ревизија од 1 септември до 31 декември 2023 година. На истата страница (20), во следниот пасус се додава дека резултатите од спроведената ревизија на успешност биле презентирани на завршен состанок со претставници од Министерството за образование и наука (МОН), Генералниот секретаријат на Владата и Канцеларијата на претседателот на Владата, на 30 јануари годинава. Оваа ревизија, видливо од идентичниот навод во соопштението и во конечниот извештај, е планирана во согласност со годишната програма за 2023 година на ДЗР.
Во конечен извештај (на почетокот од „Резиме“) и во соопштението е наведено дека ревизијата е извршена со цел да се даде одговор на прашањето „дали Владата ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013 – 2020 (наша забелешка, понатаму во текстот: Стратегијата), на начин што би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри“.
Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, собраните ревизорски докази, ДЗР стекнал разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата.
Видливо од соопштението и конечниот извештај, Стратегијата, како единствен стратегиски документ за јавни политики во кој директно се адресира прашањето за „одливот на мозоци“, не е објавена во „Службен весник“ и на веб-страницата на МОН (МОН е носител во процесот на креирање на Стратегијата), со што не е исполнето начелото на транспарентност и придонесува за неинформираност на граѓаните за постоењето на стратегискиот документ, целта што треба да се постигне, како и за мерките и активностите што треба да се преземат за постигнување на целта. Отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратегискиот документ.
Живко Здравковски
(продолжува)