Со низа настани вчера беше свечено одбележана 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Во чест на раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев, повеќе делегации положија цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје, каде што се одржа централното чествување. На чествувањето присуствуваа претседателката Гордана Силјановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, опозицискиот лидер Венко Филипче, како и голем број собраниски и партиски делегации и претставници на здруженија на граѓани.
По повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, панихида служеше поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан.
Премиерот Мицкоски, кој заедно со претставници на македонската влада положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, посочи дека македонската влада во иднина треба да има традиција во чествувањето на овој ден, бидејќи, како што рече, Делчев е дел од македонскиот идентитет.
– Дозволете ми на целата македонска јавност да ѝ го честитам родениот ден на македонскиот великан, идеолог и јунак Гоце Делчев. Тоа што го правевме во минатото продолжуваме да го правиме и како влада. Цениме дека македонската влада треба да има традиција во иднина да го чествува овој ден, бидејќи ова е наш македонски великан, којшто е дел од македонскиот идентитет – рече Мицкоски.
Изјава за медиумите даде и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
– Делчев тргнал во борба повикувајќи ги сите луѓе без разлика на нивната етничка, национална или политичка припадност, поради тоа што имале една цел, а тоа било слободна држава. Ние денес треба да продолжиме во тој манир, да ги надминеме разликите, кога станува збор за националните интереси и сите заедно да се бориме за уште попросперитетна и интегрирана во Европската Унија, Македонија – порача Филипче.
Роденденот на Делчев беше одбележан и во Штип, Битола, Струмица и уште во неколку македонски града. Пред споменикот на Гоце Делчев, кој се наоѓа пред ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во Ново Село, свежо цвеќе положи претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која имаше и пригодно обраќање.
– Веројатно во историјата нема да најдете човек за кој толку многу се пишувало, зборувало и за кој се плачело, радувало… Тоа покажува дека Гоце Делчев е неразделен од македонскиот народ. Токму затоа, еве, и 153 години потоа како да е жив и мислам дека и следните 153 години ќе продолжи Гоцевата приказна. Значи повторувам дека аманет ни оставил да се натпреваруваме културно со преостанатите. Затоа мислам дека неговата мисла и знаење сѐ уште се актуелни. Немаме друг избор, освен да бидеме горди дека овде врвел и е дел од неговиот живот. Не можеме да го чествуваме во Кукуш, но го чествуваме овде. Сето тоа мислам дека е нешто што треба да нѐ прави горди на Гоце. Ние сме Гоцеви, Гоце е наш – тоа било и ќе биде за век и веков – изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод годишнината од раѓањето на најголемиот македонски револуционер. П.Р.