Фото: Пиксабеј

Академик Таки Фити

Ова е апсурдна идеја. Во ниту една современа земја нема две национални академии. Постои само една, која е репрезент на научната мисла на конкретната земја. Тоа е небулозна идеја.
Битни се науката и придонесот на потенцијалните членови на академијата во соодветната област. Во МАНУ се избираат академици врз база на вонредно строги критериуми. Претпоследниот циклус на избори во Академијата беше дополнително засилен и така ќе остане. Академијата е национална, но тоа не значи само на Македонците туку на сите други етникуми во Македонија. И порано имало и сега има академци што биле високо почитувани со различна етничка припадност. Имало и Власи, Турци, Албанци, дури има и една Полјачка. Денес во Академијата имаме четири члена од албанска националност, од кои двајца се активни и работат. Академиците Беџети и Абази како редовни членови, додека како дописен член е академикот Зеќири.
Луѓето ги мешаат работите. Во МАНУ академиците немаат статус на вработени, туку вработени во Академијата се административниот и техничкиот персонал во рамките на Секретаријатот и научни соработници со научни звања. Не бегаме од тоа да примиме Албанци, Власи или Турци – проблем е дали луѓето ќе се јават на конкурс. Имавме низа конкурси и ниту еден Албанец не ни се јавил, зборувам за техничкиот персонал. Ако ги исполнува условите и критериумите, сигурно ќе биде примен, нас не нѐ интересира националност.
Во науката не смеат да се инкорпоираат етнички или политички принципи. МАНУ е независна, самостојна, највисока научна и уметничка институција – така е формирана по закон и така ќе опстои во иднина. Тука не правиме никакви компромиси.

Академик Владо Камбовски

Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите. Можно е да се формираат, на пример, здравствени здруженија, но невозможно е да има две национални академии.

Академик Божин Павловски

За три години МАНУ ќе влезе во седмата деценија од основањето. Ќе се види од синтезата дека остварила импресивни постигања во науките и уметностите. Раководена исклучиво од критериумите, дури и во последниве седум години, кога ѝ беше трн во око на власта, која го осакати нејзиното финансирање. Но, подобро е МАНУ да седне одошто да стане алатка за политичко и етничко пазарење. Тоа во науките и уметностите не е дозволено.

Проф. д-р Солза Грчева

Во која држава има две национални академии по етничка основа? Ова никако не смее да се дозволи. МАНУ е столбот на нашата државност и никој не смее да ја дели и размножува во провинциски манир и најмалку по етничка основа!“


Делови од реакциите на политичките партии во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција што ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници. Критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто што треба и може да се политизира и етнизира.
Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување извонредност и иновации. Само преку строгите критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификуваните ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество. Затоа, мораме да ги задржиме високите стандарди и да се осигуриме дека нашата Академија на науките останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања.

ЗНАМ

Науката не смее да се политизира ниту пак да се етнизира, таа има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам.
Во Македонија постои МАНУ како една и единствена aкадемија што им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен.
Партнерите во власта од Вреди е потребно да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани на Македонија и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата, вклучувајќи ја и политичката корупција. За тоа е потребна и понуда на кадри со чисто минато, без криминал и опашки.

СДСМ

МАНУ треба да остане единствена институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници. МАНУ исто така треба да биде институција што не смее да се партизира или да се злоупотребува од страна на поединци за дневнополитички потреби. Ова е нешто што се случуваше во минатотo.

ДОМ

Улогата на МАНУ е да се промовираат и негуваат науката и научните достигнувања како универзална вредност, која ги обединува сите етникуми, не осврнувајќи се на политичките чинители во одреден момент.

ВРЕДИ

Засега почнавме како иницијатива од четири општини, а понатаму се надевам дека ќе најдеме решение што би било прифатливо за сите што живееме во Република Македонија. Науката никогаш не се етнизира, тамам работа, имаме повеќе универзитети, не ја етнизираме и ќе имаме повеќе институции што се занимаваат со наука и со уметност и да ги развиваме овие институции и што повеќе да ги поддржуваме, бидејќи секоја година кога се објавуваат резултатите на рангирањето на универзитетите, нашите за жал се заникаде. Сите да дадеме максимум од себе науката и уметноста на сите етнички заедници што живеат во Македонија сѐ повеќе и подобро да се развиваат, рече Арбен Таравари, еден од лидерите на коалицијата Вреди и актуелен министер за здравство.