- ЕУ се повлекува пред енергетската реалност кога кризата притиска (втор дел)
Европската Унија, која со години се наметнуваше како идеолошки глобален лидер во креирањето политики од областа на енергетиката, инспирирана не од прагматични, туку од идеолошки мотиви, направи такви тешки стратегиски промашувања што денес истата таа ЕУ и членките во неа се соочуваат со суровата реалност на енергетската несигурност. Промашувања има многу, а во пресрет на почетокот на самитот на ЕУ за енергетика неделава, ќе се осврнеме на една покарактеристична утка, поради која деновиве Европската комисија (влада) прави „полукружно завртување“, обидувајќи се да се врати на некои претходни позиции заради олеснување на забревтаната енергетска криза, за која самиот Брисел во голема мера е виновен.
Олеснување на динамиката на декарбонизација со бесплатни дозволи за индустријата
Новите мерки што ги најавува Европската комисија се зголемување на понудата на дозволи за емисија на јаглерод, задржување или проширување на бесплатните дозволи за индустријата и олеснување на динамиката на декарбонизација. Тие претставуваат јасен сигнал дека „зелената агенда“ веќе не е апсолутен приоритет кога економијата е под притисок, односно во криза.
Рака на срце, ова не е формално откажување од климатските цели, но е очигледно ретерирање од нивната строгост и темпо.
– Причината е едноставна. Растот на цените на енергијата, поттикнат од геополитичките тензии и конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, веќе создава сериозни економски последици за европските економии. И сега тие бараат решенија, кои и не се совпаѓаат баш со поставените политики на ЕУ. Брисел, во обид да ги спаси стопанството и индустријата, силно ретерира покажувајќи уште еднаш дека претходно имал избрзани и непромислени потези, кои биле и се идеолошки мотивирани, а не од здрав економски резон, што подолго време преовладува кај бриселските неолиберални елити – коментираат наши соговорници.
Јаглеродните давачки како идеолошка алатка
Системот за тргување со емисии (ЕТС), кој беше „иновација“ на европската климатска политика, сега станува „салто мортале инструмент за амортизација на кризата“. Наместо постепено намалување на дозволите за емисии, што требаше да ја зголеми цената на загадувањето и да ја забрза транзицијата, Брисел размислува за зголемување на понудата на дозволи, за промени во резервниот механизам за стабилизација, за бесплатни дозволи за одредени индустрии, за „пореалистичен“ пат на декарбонизација по 2030 година…
Овие мерки практично значат намалување на притисокот врз индустријата, која се соочува со растечки трошоци за енергија, енергетски даноци и ризик од губење на конкурентноста.
Енергетската криза ја менува политиката на Брисел, што нема да биде првпат бриселската каста да се почувствува загрозено
Фактот дека цените на гасот во Европа пораснаа за повеќе од 50 отсто за краток период, а увозната сметка за енергенти се зголеми за милијарди евра, ја принуди Европската комисија да признае дека „физичката безбедност на снабдувањето е обезбедена, но цените веќе ја погодуваат економијата“.
Ова признание е клучно. Тоа покажува дека дури и најразвиените економии во светот не можат да си дозволат ригидна климатска политика кога енергијата станува скапа и нестабилна.
Дополнително, отсуството на радикални мерки, како ограничување на цените на гасот или целосно редизајнирање на пазарот на електрична енергија, укажува дека ЕУ се обидува да балансира меѓу идеологијата и економската реалност, со што прави компромис што до пред неколку години беше незамислив. Според аналитичарите, ноторен факт е длабоката поделеност во ЕУ по ова прашање, и тоа поделена е Европската Унија – северот против југот. Внатрешните разлики во Унијата дополнително ја откриваат слабоста на досегашниот пристап. Земји како Италија бараат суспензија на јаглеродниот пазар за да се намалат трошоците, додека Шведска и Холандија се противат на какво било слабеење на системот.
Оваа поделба покажува дека „зелената агенда“ не е универзално одржлива политика, туку зависи од економската структура и енергетската зависност на секоја држава.
Што значи ова за Македонија?
За Македонија, која не е членка на ЕУ, но е обврзана на усогласување со европските политики, ова отвора сериозно прашање. Имено, тоа е дали треба слепо да се следи политика што самата Унија ја ревидира?!
– Ако ЕУ сега го забавува намалувањето на емисиите, ако ЕУ сега дозволува поголема државна помош, ако ЕУ ги штити своите индустрии од ценовни шокови, тогаш е логично и кандидатските земји да добијат ист третман.
Во спротивно, се создава асиметрија и „бриселски политики на два колосека“. Имено, земјите членки си дозволуваат флексибилност, додека од кандидатите се очекува строго да ги спроведуваат правилата – дури и кога тоа значи економска штета. Ова е потежок облик на лицемерство – вели еден поранешен универзитетски професор, енергетичар, кој сега е пензионер, но сѐ уште е активен аналитичар на енергетските појави и проблеми.
Потреба од нова преговарачка позиција
Според повеќе наши брифери, сите експерти од областа на енергетиката и чести наши соговорници, Македонија сега навистина има основа да побара неколку суштински работи.
– За нас, од големо значење ќе биде одложувањето на обврските за јаглеродни даноци, второ добивање поповолни рокови за декарбонизација, потоа пристап до механизми за компензација како оние во ЕУ, како и заштита и допуштање работа во полн капацитет на домашната енергетска и, се разбира, индустриска база. Ова не е отстапување од европскиот пат, туку барање за фер и реален пристап. Ако Унијата признава дека нејзините политики мора да се приспособат на кризата, тогаш ако се фер и принципиелни, тоа мора да важи и за оние што се на пат да станат дел од неа – велат нашите соговорници.
Крај на идеализмот, почеток на реализмот
Она што се случува денес во ЕУ е суштинска трансформација. Од идеолошки водени политики во повеќе области, бриселските либерални елити очигледно застранија со својата ароганција, недопирливост и отуѓеност од европскиот обичен граѓанин. Ако сака раст и развој, неопходно е ЕУ да премине кон прагматичен политички, економски, енергетски, безбедносен пристап и, се разбира, кон оној за проширување на Унијата.
„Зелената агенда“ не исчезнува, но очигледно треба да се приспособува на реалноста.
Прашањето не е дали тоа е исправно, туку зошто истата флексибилност и принципи не важат за сите.
Ако ЕУ сака кредибилност и стабилна интеграција, тогаш мора да покаже принципиелност. Во спротивно ризикува да ги претвори сета своја политика и доктрина во инструмент на двојни стандарди, и тоа строга и ригидна за кандидатите за членство, а флексибилна и растеглива за самата себе, уживајќи во членството на привилегираниот клуб наречен Европска Унија. Е.Р.
































