Двајцата кандидати за градоначалници на Скопје, Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, на дебата на Канал 5 телевизија, вечерва ги спротивставија своите ставови.
Ѓорѓиевски изјави дека поради слабата излезност на првиот круг од локалните избори не победил и оти верува дека во недела на 2 ноември, кога ќе се одржи, вториот круг од изборите граѓаните ќе излезат во поголем број и оти ќе победи.
Тој истакна дека досега немало разлика од 60.000 гласови меѓу противкандидатите на локални избори во Градот Скопје, како што е разликата помеѓу него и Амар Мециновиќ од Левица.
При претставувањето, Ѓорѓиевски истакна дека е политиколог и доаѓа од приватниот сектор, како и дека е горд што е член на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ, пак, кажа дека студирал на Политички студии но дека нема дипломирано, дека работел различни работи, меѓу другото, и како фриленсер и дека се гордее со тоа.
Мециновиќ пак, ја коментираше ниската излезност на гласачите во првиот круг од Локалните избори 2025, истакнувајќи дека таа произлегува од недовербата во политички промени.
-Излезноста почива на тоа што нашите граѓани не гледаат политички промени кога ќе дојде до трансфер на власт. Малата излезност е генерално продукт на тоа што нашите граѓани сметаат дека не можат да делуваат со своето гласачко право кое го имаат – не можат да ја сменат судбината – рече Мециновиќ.
Тој додаде дека народот не е деполитизиран, туку индиферентен, бидејќи не верува дека може да се дојде до вистинска промена. Според него, вториот круг од изборите отвора нова политичка реалност во Македонија.
-Сега имаме други околности, втор круг каде што има натпревар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и сметам дека со самото тоа што ги живееме првите денови од оваа нова политичка реалност во Македонија, многу граѓани ќе се охрабрат и допрва ќе излезат во вториот круг – изјави тој.
При претставувањето тој кажа дека студирал на политички студии, потврдувајќи дека нема дипломирано, дека работел различни работи, меѓу другото и фриленсер. Како член на Левица станал општински советник, а потоа и пратеник.




































