Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, во рубриката Датуми за паметење секој месец издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати македонски дејци
1 ноември 1943: Единици на баталјонот „Мирче Ацев“ по двочасовни борби со германската армија и со балистите, по вторпат го ослободуваат Кичево.
3 ноември 1944: По предлог на Поверенството за просвета, Президиумот на АСНОМ донел решение за отворање гимназии во градовите: Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Велес и Охрид.
3 ноември 1944: Во селото Горно Врановци е донесена одлука за основање на Школата за народни учители во Скопје.
4 ноември 1944: Единиците на Народноослободителната војска на Македонија, по борбите што ги водеа на приодите кон Битола, го ослободија градот.
6 ноември 1942: Во селото Битуше, Гостиварско, проработи првата партизанска печатница во Македонија „Гоце Делчев“.
6 ноември 1944: Ослободени се градовите: Радовиш, Дојран и Валандово.
8 ноември 1944: Ослободени се Штип, Неготино и Струга.
9 ноември 1944: Ослободен е Велес
11 ноември 1943: Во селото Сливово, Охридско, формирана е Првата македонско-косовска ударна бригада. Таа била формирана од баталјонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот баталјон, првиот косовски баталјон „Рамиз Садику“, вториот косовски баталјон „Борис Вукмировиќ“ и од четата на придружните баталјони на Главниот штаб на Македонија. При формирањето, бригадата имала 700 борци и го добила називот ударна.
11 ноември 1944: Во центарот на Гостивар албанските балисти стрелале шестмина македонски приврзаници на народноослободителното движење: Киро Ристовски-Дрнц, Васил Пејчиновски, Баренко Георгиевски, Изре Зафировски, Сократ Павловски и Павле Петрески.
11 ноември 1944: Ослободено е Куманово.
13 ноември 1944: Ослободено е Скопје.
17 ноември 1991: Усвоен е Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето сувереност и самостојност.
18 ноември 1997: Делегација на Армијата на Република Македонија, при посетата на Турција, го пронајде и го фотографира крушевското црешово топче од периодот на Илинденското востание. Црешовото топче е пронајдено во Воениот музеј на армијата на Турција.
19 ноември 1944: Тетово е ослободено во Втората светска војна, како последен ослободен град на територијата на Македонија.
20 ноември 1991: Во Скопје, во Собранието на Република Македонија, свечено е прогласен Уставот на Република Македонија, усвоен на 17 ноември 1991 година.
23 ноември 1944: По одлука на АСНОМ, формирана е Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
24 ноември 1944: Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнаа последните улични борби, основан е првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено, во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои сѐ уште беа во партизански униформи, го формираа симфонискиот оркестар. На таа средба присуствуваа Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.
27 ноември 1941: Завршува судскиот процес против 15 уапсени македонски дејци што се одржува во Охрид. Од нив само петмина се осудени, меѓу кои Лазар Колишевски и Петре Пирузе на смрт со бесење.
27 ноември 1946: Солунскиот партиски весник „Лаки Фони“ објави список на околу 100 лица од Леринско и од Воденско (претежно Македонци) што беа интернирани на егејските острови.
27 ноември 1901: Роден е Емануел Чучков, истакнат македонски професор и политичар. Во 1943 година Чучков станува член на групата интелектуалци што го сочинуваат Акциониот народноослободителен комитет (АНОК). Во април 1944 година станува член на проширениот состав на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. На почетокот на мај 1944 година, заедно со Методија Андонов-Ченто и Кирил Петрушев, заминува за Вис, на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија, на чело со Јосип Броз-Тито. Во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран за член на Президиумот на АСНОМ, како негов втор потпретседател. На 14 август Президиумот на АСНОМ го избира за член на Комисијата за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги. Како претставник од Македонија, на 30 август 1944 година е испратен во Народниот комитет за ослободување на Југославија. Во НКОЈ ја врши функцијата повереник за земјоделство, а на 7 март 1945 година, кога е формирана Привремената сојузна влада на чело со Јосип Броз-Тито, станува министер за Македонија. Од 1946 до 1950 година е пратеник во Народното собрание на Македонија, а од 1946 до 1947 година ја врши функцијата директор на Народната библиотека во Скопје. Како музиколог етнолог, во 1947 го основа заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“, а од 1948 година станува соработник на новооснованиот Институт за национална историја. Во 1949 година станува директор на државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.