Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдува и отсликува посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, ја воведовме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец ќе издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати македонски дејци

1 ноември 1943 година – Единици на баталјонот „Мирче Ацев“ по двочасовни борби со германската армија и со балисти по вторпат го ослободуваат Кичево.

3 ноември 1944 година – По предлог на Поверенството за просвета, Президиумот на АСНОМ донел решение за отворање гимназии во градовите: Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Велес и Охрид.
3 ноември 1944 година – Во селото Горно Врановци е донесена одлука за основање на Школата за народни учители во Скопје.

3 ноември 1951 – Со посебна уредба на Владата на НР Македонија е формиран Отсекот за правни науки при Правно-економскиот факултет во Скопје. На 1 јули 1956 година, Отсекот за правни науки се одвоил како посебна високообразовна институција.

4 ноември 1944 година – Единиците на Народноослободителната војска на Македонија по борбите што ги водеа на приодите кон Битола го ослободија градот.

6 ноември 1942 година – Во селото Битуше, Гостиварско, проработи првата партизанска печатница во Македонија „Гоце Делчев“.
6 ноември 1944 година – Ослободени се градовите: Радовиш, Дојран и Валандово.

7 ноември 1829 година – Роден е Марко Цепенков — македонски преродбеник и собирач на народни умотворби.

8 ноември 1944 година – Ослободени се Штип, Неготино и Струга.
8 ноември 1878 година – Роден е Димитрија Чуповски – организатор и афирматор на македонската национална мисла.

8 ноември 1878 година – Роден е Димитар Влахов – македонски револуционер – политичар и публицист.

8 ноември 1906 година – Роден е Михаило Апостолски – македонски академик – народен херој и генерал-полковник.
9 ноември 1944 година – Ослободен е Велес.

9 ноември 1972 година – Починал Елисие Поповски – делегат на Првото заседание на АСНОМ.

10 ноември 2006 година – Починала Вера Ацева – македонска партизанка, борец во НОБ и народен херој на Југославија.

11 ноември 1943 година – Во селото Сливово, Охридско, формирана е Првата македонско-косовска ударна бригада. Таа била формирана од баталјонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот баталјон, првиот косовски баталјон „Рамиз Садику“, вториот косовски баталјон „Борис Вукмировиќ“ и од четата на придружните баталјони на Главниот штаб на Македонија. При формирањето, бригадата имала 700 борци и го добила називот ударна.

11 ноември 1944 година – Во центарот на Гостивар албанските балисти стрелале шестмина македонски приврзаници на народноослободителното движење: Киро Ристовски-Дрнц, Васил Пејчиновски, Баренко Георгиевски, Изре Зафировски, Сократ Павловски и Павле Петрески.

11 ноември 1944 година – Ослободено е Куманово.

13 ноември 1944 година – Ослободено е Скопје.

15 ноември 1944 година – Во Скопје, во руинираните простории на некогашната Воена болница кај „Гази Баба“ (Полумесец), беше сместена Болницата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

17 ноември 1991 година – Усвоен е Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето сувереност и самостојност.

19 ноември 1944 година – Тетово е ослободено во Втората светска војна, како последен ослободен град на територијата на Македонија.

21 ноември 1875 година – Роден е Никола Петров Русински – македонски социјалист и револуционер.

23 ноември 1944 година – По одлука на АСНОМ, формирана е Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

24 ноември 1944 година – Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнаа последните улични борби, основан е првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено, во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои сѐ уште беа во партизански униформи, го формираа симфонискиот оркестар. На таа средба присуствуваа Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.

26 ноември 1919 година – Роден е Ѓоце Стојчевски-Амбарче – македонски борец и народен херој.