Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, ја воведовме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец ќе издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати македонски дејци
1 јули 1909 година: Роден е Никола Парапунов, македонски патриот и партизан од пиринскиот дел на Македонија. Загинува во борба со бугарските безбедносни сили во 1943 година.
2 јули 1876 година: Роден е Тодор Паница, истакнат македонски револуционер од бугарско потекло, еден од најблиските соработници на Јане Сандански.
3 јули 1949 година: Во Скопје, во Македонскиот народен театар била изведена премиерата на операта „Продадената невеста“ од Беджих Сметана, а диригент бил Трајко Прокопиев.
6 јули 1943 година: Во текот на Народноослободителната борба на македонскиот народ, преспанско-охридскиот партизански одред „Даме Груев“ ја уништил италијанската воена телефонска линија, во должина од неколку километри, во реонот на преспанските села Љубојно – Царев Двор – Долно Дупени.
7 јули 1921 година: Роден е Васко Карангелески, македонски комунист, првоборец, генерал-полковник и народен херој на Македонија.
9 јули 1904 година: Славејко Арсов, истакнат македонски револуционер и војвода на Македонската револуционерна организација (МРО), се самоубива за да не биде заробен од турските власти.
13 јули 1907 година: Роден е Елисие Поповски-Марко, македонски деец, учесник во Шпанската граѓанска војна и во Народноослободителната борба на македонскиот народ, делегат на Првото заседание на АСНОМ.
18 јули 1967 година: Архиепископскиот синод донесе одлука за прогласување автокефалност на Македонската православна црква како наследник на обновената Охридска архиепископија. Одлуката била соопштена од архиепископот охридски и македонски г.г. Доситеј.
21 јули 1962 година: Со одлука на Владата на Народна Република Македонија, Радио Скопје е применувано во Радио-телевизија Скопје.
22 јули 1948 година: Со одлука на Владата на Народна Република Македонија се основа Институтот за национална историја во Скопје.
23 јули 1942 година: Бугарската фашистичка власт ги стрела македонските патриоти Никола Јонков Вапцаров, Антон Попов-Дончо и Атанас Романов во Софија.
21 јули 1984 година: Починал Живко Фирфов, македонски етномузиколог, педагог, диригент и музички деец. Се категоризира во првата генерација македонски повоени композитори. За својата богата музичка активност има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат на Географското здружение од Колумбија, САД, во 1955 година.
21 јули 2001 година: Починал Крсте Црвенковски, учесник е во НОБ и носител на орденот народен херој и на Партизанска споменица 1941.
24 јули 1923 година: Турција, Грција и сојузничките држави од Првата светска војна го потпишуваат Лозанскиот договор. Врз основа на овој договор и размената на населението помеѓу Турција и Грција се менува националниот карактер на егејскиот дел на Македонија.
24 јули 1957 година: Починал Методија Андонов–Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и борец за правата и слободата на македонскиот народ.
26 јули 1963 година: Катастрофален земјотрес го погоди Скопје. Во земјотресот загинаа 1.070 луѓе, 2.900 беа повредени, а голем дел од станбениот фонд беше уништен.
29 јули 1014 година: Македонскиот средновековен владетел Самуил е катастрофално поразен од византиската војска на Василиј Втори.
29 јули 1945 година: За народни херои на Југославија од Македонија се прогласени: Мирче Ацев, Стив Наумов, Орце Николов, Христијан Тодоровски-Карпош и Страшо Пинџур. Неколку дена подоцна за народен херој е прогласен и Кузман Јосифовски-Питу.
31 јули 1908 година: Јане Сандански го упатува „Манифестот до сите народности во Османлиската Империја“. Во него, меѓу другото, се вели: „Сонародници, Вие, кои сте дале толку скапи жртви пред олтарот на слободата, можете радосно да здивнете. Сега вие не сте сами – ете зошто и вашата борба станува полесна и понадежна. Со заедничките усилби на сите народи ние ќе ја извојуваме нашата слобода. Не подавајте ѝ се на престапната агитација, која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода“. Д.Ст.