Обиди на дел од бриселските либерални елити во јавноста да се дистанцираат од корупцискиот скандал „Могерини“
- Скандалот се случува во услови на тензии меѓу Фон дер Лајен и сегашната шефица на ЕЕАС, Каја Калас, која исто така се обиде да се дистанцира од истрагата, иако не беше на функција во времето на наводната корупција
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, со сите расположливи средства се обидува да се дистанцира од обвинувањата за корупција што ја зафаќаат дипломатската служба на Европската Унија, додека Европскиот совет (ЕС) и Европскиот парламент (ЕП) постигнаа привремен договор за дефинирање и санкционирање корупциски дела во кривичниот законик на земјите членки на ЕУ.
– Ова е задоцнето дејствување на водечките функционери и институции на Унијата, во обид да се заштитат од големиот корупциски скандал што го потресува Брисел, нарушувајќи го кредибилитетот на ЕУ – сметаат аналитичарите.
Факт е дека по една година вo рамките на нејзиниот втор мандат како претседателка на комисијата, Фон дер Лајен, веќе се соочи со прашања во врска со нејзината нетранспарентност и лукративност („Катаргејт“, „Фајзергејт“…). Но сега таа мора да најде начин да избегне вмешување во скандал што датира од нејзините први години на функцијата.
– Новиот корупциски скандал ги обнови и повиците за соочување на Фон дер Лајен со ново, четврто гласање за недоверба – велат аналитичарите.
За потсетување, белгиските власти во вторникот неделава спроведоа рации и ги приведоа поранешната највисока дипломатка на ЕУ, Федерика Могерини, и поранешниот генерален секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино, додека претставници на Европската комисија го отфрлија скандалот како проблем на ЕЕАС. Иако споменатиот Санино ја презеде високата функција во комисијата годинава, истрагата датира во периодот кога бил на друга позиција. Европската комисија (ЕК) исто така објави дека Санино е заминат од челната функција во нејзиниот оддел за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот.
Скандал згора на тензиите што почнаа помеѓу Фон дер Лајен и Калас
Тројца претставници на европската влада (Европска комисија) дадоа искази во јавноста дека „тековната истрага нема никаква поврзаност со Фон дер Лајен“. Своето тврдење тие го поткрепуваат во фактот дека „дипломатската служба е засебна институција во однос на Европската комисија (ЕК)“. Поточно кажано, Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), која како институција е осомничена за скандалот, нема ништо заедничко со Европската комисија, а посебно нема во делот од доделувањето „тендери за водење академија за обука на идни дипломати на ЕУ на Колеџот на Европа во Бриж“. Тоа не го работи ЕК туку ЕЕАС. Во таков контекст, официјален претставник на ЕУ ги окарактеризира нападите врз шефицата на комисијата како „неправедни и неразумни“, нагласувајќи дека „овие напади врз Фон дер Лајен доаѓаат во чувствително време кога таа се обидува да ја зајакне поддршката за Украина пред клучниот самит на лидерите на ЕУ во декември“.
Има уште еден битен факт што треба да се издвои и кој сѐ уште е актуелен. Имено, последниов коруптивен скандал „Могерини“ се случува во услови на тензии меѓу Фон дер Лајен и сегашната шефица на ЕЕАС, Каја Калас, која исто така се обиде да се дистанцира од истрагата, иако не беше на функција во времето на наводната корупција. Така, поранешната естонска премиерка завчера се обиде да нагласи дека работела на „чистење“ на ЕЕАС уште од своето назначување за висока претставничка на ЕУ во декември 2024 година.
Во писмо до персоналот на ЕЕАС, во кое увид имал реномираниот медиум „Политико“, највисоката дипломатка на ЕУ напиша дека ги смета обвинувањата против Могерини и Санино за „длабоко шокантни“, но дека тие датираат од пред нејзиното време во ЕЕАС. Во месеците оттогаш, како што истакна таа, нејзиниот тим започнал внатрешни реформи, вклучително и воспоставување „Стратегија против измами“ и градење посилна соработка со агенцијата на ЕУ за борба против измами, ОЛАФ, и ЕППО.
Настаните од вторникот би можеле да ги зголемат тензиите меѓу функционерите на ЕУ и белгиските власти. Двајца функционери го доведоа во прашање квалитетот на белгискиот правосуден систем, истакнувајќи дека властите одржале блескава прес-конференција и привеле осомничени, но потоа не успеале да постигнат напредок во случаите во скандалот „Катаргејт“ од 2022 година и годинашната истрага за поткуп во врска со активности за лобирање.
Допрва ќе се открива кој сѐ бил вмрежен во корупциската мрежа во ЕУ
Според четворица вработени во ЕЕАС, кои разговарале со „Политико“ во интервјуа пред рациите спроведени во вторникот, биле отворени пошироки прашања за начинот на кој Санино ги извршувал назначувањата за посакувани дипломатски позиции за време на неговото време во служба, вклучително и обвинувања дека ги доделил на фаворизирани кандидати. Службеници од ОЛАФ ги посетиле канцелариите на генералниот секретар пред неговото заминување од ЕЕАС, според две лица запознаени со ова прашање.
Официјален претставник на ЕУ изјави дека комисијата не била запознаена со претходни жалби за Санино кога бил вработен да биде раководител на нов оддел што ги опфаќа Блискиот Исток и Северна Африка.
Во соопштение за рациите во вторникот, EППO истакна дека побарала од властите да го укинат имунитетот, што обично им се дава на дипломатите за да ги заштити од правни дејствија, на неколкумина осомничени, уште пред истрагата, што било одобрено. Р.С.
Новиот закон ги усогласува прописите против корупција на ниво на ЕУ
Жариштето на епидемијата на корупција е во Брисел
Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за минималните стандарди за тоа како земјите членки ги дефинираат и ги санкционираат корупциските дела во нивниот кривичен законик. Новиот закон, исто така, содржи мерки за спречување на корупцијата и правила за поефикасна истрага и гонење. Овој нов закон поставува стандарди на ниво на ЕУ, така што во сите земји членки голем број дела се криминализираат и се дефинираат на ист начин.
На тој начин е предвидено следните коруптивни прекршоци низ цела ЕУ, да бидат казниви како кривични дела: поткуп во јавниот и приватниот сектор, злоупотреба, тргување со влијание, попречување на правдата, збогатување од корупциски дела, прикривање и одредени сериозни прекршувања на незаконско вршење јавна функција. Покрај усогласувањето на дефинициите за корупциски дела, земјите членки мора да воспостават и исто ниво на казни за нивно санкционирање.
Овој нов закон – директива на ЕУ, ќе замени два одделни закона на ЕУ – законот од 2003 година што се занимава со корупцијата во приватниот сектор и Конвенција на ЕУ од 1997 година за корупција, во која се вклучени службеници на ЕУ или службеници на земјите членки на ЕУ. Привремениот договор ќе треба да биде потврден од Советот и Европскиот парламент пред формално да биде усвоен од двете институции. Р.С.


































