По повод номинацијата на Словенката Марта Кос за нов еврокомесар за проширување
Она што е повеќе од јасно, тоа е дека назначувањето на Кос реално нема да го забрза процесот на проширување, но отвора можност ова прашање постојано да се истакнува на европската агенда, без оглед што тоа не е во главниот европски фокус. Од друга страна, Кос има добри конекции со дел од политичките лидери во регионот и на тој начин ќе може подобро да ги разбере и пренесе позициите на сите земји кандидати во Брисел, вклучувајќи ги и проблемите со кои се соочуваат
Без некакви посебни очекувања Македонија и земјите од регионот на Западен Балкан го дочекаа назначувањето на Словенката Марта Кос на местото комесар за проширување на Европската Унија, каде што треба да го наследи Оливер Вархеи. Претседателката Урсула фон дер Лајен го претстави новиот состав на Европската комисија (ЕК), во кој еврокомесарка за проширување ќе биде Кос, поранешна амбасадорка на Словенија во Германија и во Швајцарија.
Таа беше номинирана за словенечки претставник во ЕК во последен момент, откако Томаж Васел ја повлече својата кандидатура за да може Фон дер Лајен да постигне родова рамнотежа во рамките на Комисијата. По објавувањето на номинациите за нови еврокомесари, конечниот збор ќе го има Европскиот парламент, кој ќе треба да ги прочешла и одобри сите предложени кандидати за составот на новата европска влада.
Кос во мисија да ја заживее европската идеја во регионот
Првичните впечатоци во регионот по назначувањето на Кос за еврокомесарка за проширување се резервирани, имајќи ги предвид клучните цели што пред себе ги постави новата Европска комисија, а меѓу кои проширувањето не е приоритет. Имено, просперитетот, безбедноста, демократијата, конкурентноста, дигиталната и енергетската транзиција се основни приоритети на новата Европска комисија. Во фокусот ќе се најдат и климатските промени, војната во Украина, како и растот на Кина.
Сето ова јасно говори дека проширувањето во следните пет години го нема никаде, така што Фон дер Лајен деновиве на работен ручек во Брисел ќе ги собере лидерите на земјите од Западен Балкан за да го олабави притисокот од проширувањето и да го насочи фокусот кон напредокот и остварувањето на целите од Планот за раст. Во една таква констелација на поставеност на агендата на ЕК, сосем оправдани се малите очекувања на Македонија и земјите од регионот за какво било придвижување во евроинтегративниот процес, без оглед што на местото комесар за проширување доаѓа кандидат што потекнува од овие простори и чија земја отсекогаш била промотор на побрзо зачленување на земјите од поранешна Југославија во ЕУ.
Она што е повеќе од јасно, тоа е дека назначувањето на Кос реално нема да го забрза процесот на проширување, но отвора можност ова прашање постојано да се истакнува на европската агенда, без оглед што тоа не е во главниот европски фокус. Од друга страна, Кос има добри конекции со дел од политичките лидери во регионот и на тој начин ќе може подобро да ги разбере и пренесе позициите на сите земји кандидати во Брисел, вклучувајќи ги и проблемите со кои се соочуваат.
Улога на Кос ќе биде и да го следи реформскиот процес во секоја земја и врз основа на сработеното да реферира околу нивниот напредок, што е клучно во градењето реална слика околу подготвеноста на секој кандидат, така што ќе се изземат сите нови билатерални услови од страна на земјите членки кон земјите кандидати, како што тоа сега го прави Бугарија кон Македонија.
Позицијата од која тргнува Словенија, како земја што ја номинираше Кос, е обезбедување стабилност во нејзиното блиско соседство, односно во регионот на Западен Балкан.
– Секторот за кој се натпреваруваме е токму за да обезбедиме стабилност и мир во нашето непосредно соседство, но и пошироко. Целта ни е да придонесеме во тоа европската идеја да помогне да се стабилизираат и Западен Балкан и Источна Европа – порача словенечкиот премиер Роберт Голоб, најавувајќи ја словенечката кандидатура за местото комесар за проширување.
Аналитичари: Кос ќе го спроведува она што ќе го налагаат европските
институции, наше е да си ја сработиме домашната задача
Некои од аналитичарите сметаат дека со назначувањето на Марта Кос генерално нема да се променат многу работи, се разбира ако го помине филтерот на Европскиот парламент, бидејќи и таа ќе ги спроведува европските политики.
– Генерално ништо нема да се промени, можеби само повеќе емпатија од нејзина страна за нас, но суштински ништо нема да се смени бидејќи политиките ги носат ЕУ-институциите и членките внатре. Не може да очекуваме подобар став од неа само затоа што е од Словенија, туку ние треба да работиме за да покажеме дека сме подготвени за ЕУ – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Некои, пак, сметаат дека назначувањето на Кос е добар сигнал за Македонија и за земјите од регионот бидејќи досегашната практика покажала дека Брисел не покажува сенс за овдешните релации, туку настапува исклучиво бирократски и водејќи се од сопствените и од интересите на земјите членки.
– Таквиот досегашен однос доведе до тоа во Македонија да расте недовербата кон ЕУ и да се намалува ентузијазмот за приклучување кон Унијата, која е далеку од принципите за кои се залагаше во времето кога се формираше. Задача на Кос ќе биде да ги замени фрустрациите со нова европска надеж и да ја врати меѓусебната доверба. Европскиот комесар за проширување може да донесе освежување и нова динамика во проширувањето на Западен Балкан. Сепак, клучно за проширувањето е дали постои политичка волја за проширување кај државите членки и во Европскиот совет.
Очигледно го нема тоа, туку фокусот е насочен кон забрзување на зачленувањето на Украина и на Молдавија, како дел од европската геостратегија. Без оглед што овие земји не исполнуваат никакви услови, тие веќе добија датум – велат аналитичарите.
Според нив, простор за некаков оптимизам околу проширувањето нема, па затоа клучно е никој во регионот да нема лажни илузии дека нештата ќе се променат само затоа што Словенка би можела да биде комесар за проширување.
– Марта Кос, доколку ги помине сите потребни процедури во Европскиот парламент, ќе претставува континуитет на политиките на словенечкиот премиер Роберт Голоб кон Западен Балкан и тоа е конечно нешто добро за регионот. Голоб е најдобриот глас на земјите кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан во Европскиот совет и генерално во ЕУ. Сепак, она што е македонска задача, тоа е да се воспостават добри врски со новиот комесар за проширување и да се постави основа нашата оценка да се базира врз основа на исполнување на европските критериуми, а да се избегне секаква дополнителна билатерализација на нашиот европски процес. Тоа е најдобрата опција за нас во момент кога проширувањето реално не е на агендата на ЕУ – заклучуваат соговорниците.
Која е Марта Кос, потенцијалната нова еврокомесарка за проширување?
Марта Кос, која на функцијата комесар ќе го замени Унгарецот Оливер Вархеи, има богата дипломатска и политичка кариера. Таа била амбасадорка на Словенија во Германија, Швајцарија, Латвија и Лихтенштајн. Според некои регионални медиуми, токму додека била амбасадорка во Германија, Кос се запознала со Фон дер Лајен, која тогаш била министерка за одбрана. Кариерата како амбасадорка во Швајцарија ја заврши во 2020 година со оставка поради, како што самата изјави, несогласување со надворешната политика на владата. Тогаш таа потврди и дека нејзината оставка е поврзана со вонредниот надзор на нејзиното раководење со амбасадата во Берн. Две години подоцна, во пресрет на претседателските избори, таа беше кандидатка на Движењето на слободата за претседател на Словенија, но ја повлече кандидатурата, а набрзо потоа ја напушти партијата, изјавувајќи дека „тоа повеќе не е нејзина партија“.
На социјалната мрежа Линкдин, Кос е опишана како искусна дипломатка, бизнис-лидерка, консултантка и експертка за комуникации. Таа има неколкугодишно лидерско искуство на раководни позиции и долги години е активна на полето на родовата еднаквост. До 2003 година беше потпретседателка за меѓународни односи во Трговско-индустриската комора на Словенија, а моментално е претседателка на здружението на жени ОНА ВЕ и е активна во менаџмент-консалтинг. Од 2003 до 2013 година, таа раководеше со „Густав Касер тренинг интернационал“, компанија специјализирана за обука за лидерство и продажба.
Кос студирала новинарство во Љубљана, а пред дипломатската кариера работела како новинарка во Словенечката национална радио-телевизија, а потоа како дописничка во Германија за „Дојче веле“. Потоа стана директорка на Секторот за односи со јавноста и медиуми во Владата на Република Словенија и портпаролка на Владата и од таа функција влезе во политиката.
Покрај професионалните достигнувања, Кос е поранешна врвна пливачка и била членка на словенечката и југословенската пливачка репрезентација. Таа е страсна планинарка и, како што вели, сака да чита. Добитничка е на наградата „Прешерн“ за студенти, добитничка на титулата амбасадор на годината 2016 во Германија и добитничка на наградата на германскиот претседател, Големиот федерален крст за заслуги на Сојузна Република Германија. С.Т.