Фото: „Нова Македонија“

Се случува една парадоксална ситуација: Урсула фон дер Лајен веќе неколкупати при своите посети во Македонија во последниве четири години повикува на „борба против корупцијата“, а самата таа е под истрага поради сомнежи за корупција од највисоко ниво. Ова е како народната приказна „фатете го крадецот“, ама парафразирана во европска, надградена верзија: Урсула фон дер Лајен среде Скопје гласно вика „Фатете го корумпираниот!“, а токму за неа денес Општиот суд на Европската Унија ќе ги оценува материјалните докази што предизвикаа основани сомнежи дека таа направила тешки дела поврзани со корупција. Можеби е важна пресудата на Општиот суд на ЕУ, но уште е поважен самиот факт што се појавил сомнеж или основано сомнение за висока корупција врзан за носител на функција во ЕУ, што е недозволиво за моралниот и етичкиот профил на функционерот, не навлегувајќи натаму во правната или, пак, неговата/нејзината политичката одговорност…

Денес Општиот суд на ЕУ треба да донесе одлука во врска со аферата „Фајзергејт“ и платените една милијарда евра
за вакцините на „Фајзер“

Денес Општиот суд на Европската Унија треба да донесе одлука во врска со аферата „Фајзергејт“ и платените една милијарда евра за вакцините на „Фајзер“, што може да ги расчисти сомнежите дали навистина претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е лично вмешана и одговорна во оваа крупна корупциска афера. „Политико“ објави дека „Урсула фон дер Лајен се соочува со критичен тест“.
– Случајот е правно сложен за Лајен, бидејќи таа лично го потпиша најголемиот договор за вакцини во блокот, вреден милијарди евра, но и оти и претседава со институцијата задолжена за спроведување на законите на ЕУ – истакнува „Политико“.
А се случува парадоксална ситуација: Урсула фон дер Лајен веќе неколкупати при своите посети во Македонија во последниве четири години повикува на „борба против корупцијата“, а самата таа е под истрага, поради сомнежи за корупција од највисоко ниво. Ова е како народната поговорка „фатете го крадецот“, ама парафразирана во „европска верзија“: Урсула фон дер Лајен среде Скопје гласно вика „Фатете го корумпираниот!“, а токму за неа ќе се одлучува сега дали таа треба да биде „фатена како корумпирана“. Во својата анализа во швајцарски „Велтвохе“ во врска со барањата на високи дипломати во Брисел Лајен да поднесе оставка, бидејќи станала „токсична“ и „товар за ЕУ“, Филип Гут нагласува: „Рибата смрди од главата, а главата на ЕУ е Урсула фон дер Лајен!“ Судот на ЕУ денес треба да одлучи дали од Урсула фон дер Лајен, како „глава на ЕУ“ извира „корупциска смрдеа“ или не!

Во „Политико“ објавени клучните наводи што ја товарат претседателката на ЕК

Еве дел од клучните наводи во анализата на „Политико“, објавена под наслов „Лајен се соочува со критичен тест, бидејќи судот на ЕУ одлучува за тајните текстуални фајзергејт-пораки“. „Наследството на Урсула фон дер Лајен како претседател на Европската комисија ќе се соочи со голем предизвик кога Европскиот суд на правдата ќе пресуди за тајните пораки што ги разменила со директорот на фармацевтската компанија што потпиша договор за вакцини вреден милијарда евра со Брисел. Во пресуда што би можела да го отслика угледот на Урсула фон дер Лајен, Судот на правдата на Европската Унија ќе одлучи дали Европската комисија ги прекршила правилата за транспарентност со тоа што одбила да ја објави содржината на нејзините текстуални комуникации со извршниот директор на ‘Фајзер’, Алберт Бурла. Одлуката што треба да се донесе во врска со случајот ‘Фајзергејт’ ќе има далекосежни последици врз начинот на кој највисоките функционери на ЕУ работат зад затворени врати. Таа одлука би можела да фрли сенка врз вториот петгодишен мандат на Лајен на чело на Комисијата, кој започна на 1 декември лани“, се посочува во анализата на „Политико“.
Ако судот донесе пресуда против неа, тоа би било и голем срам, со оглед на тоа што поминаа само неколку месеци откако таа јавно вети дека ќе ги брани стандардите за транспарентност, ефикасност и праведност во нејзиниот втор мандат

„Политико“ укажува дека „случајот е правно незгоден за Лајен“ и потоа наведува: „Таа не само што лично го одобри најголемиот договор за вакцини во ЕУ, вреден милијарди евра, туку и претседава со институција задолжена за спроведување на законите на ЕУ, вклучувајќи ги и принципите на транспарентност и одговорност. Ако судот донесе пресуда против неа, тоа би било и голем срам, со оглед на тоа што поминаа само неколку месеци откако таа јавно вети дека ќе ги брани стандардите за транспарентност, ефикасност и праведност во нејзиниот втор мандат. ‘Оваа судска одлука би можела да означи пресвртница за транспарентноста во ЕУ. Кога станува збор за клучни одлуки, особено оние што влијаат на јавното здравје, треба да се избегнува тајност’, рече Шари Хиндс, службеник за политика на ЕУ во невладината организација ‘Транспаренси интернешенел’“.
За потсетување, „Договорот со ‘Фајзер’ беше финализиран во мај 2021 година и вклучуваше обврска на ЕУ да купи до 1,8 милијарда дози од вакцината на ‘Фајзер-Бионтек’ против ковид-19. Тоа е убедливо најголемиот од сите договори потпишани од Брисел. Со него беше предвидена испорака на нарачаните 900 милиони дози до 2023 година, со можност за нарачка на уште 900 милиони. Но, притисокот врз Лајен расте дури и без врска со овој случај. Европскиот јавен обвинител, задолжен за истрага за сериозни финансиски кривични дела против финансиските интереси на ЕУ, потврди како ја спроведувала Европската комисија набавката на вакцини. Во март 2025 година главната обвинителка на Европа, Лаура Кодруца Ковеси, потврди дека нејзината канцеларија неодамна ги испрашувала претставниците на Европската комисија за начинот на кој се воделе преговорите за вакцините“, дополнува „Политико“ во споменатата анализа.


Експертски извештај: „Области со висока опасност од растечката корупција во ЕУ, мапирање и длабинска анализа

Растечката корупција во ЕУ чини 990 милијарди евра годишно!

Д-р Ана Персон, професорка истражувач и експертка за корупција и добро владеење од Катедрата за политички науки при Универзитетот во Гетеборг, Шведска, Марк Ворт, експерт за антикорупција и извршен директор на истражувачката организација „Екорус“ од Ротердам, Холандија, како и д-р Петра Џени, докторка по правни науки, истражувачка од „Екорус“, го подзготвија истражувачкиот извештај со наслов „Области со висока опасност од растечката корупција во ЕУ: мапирање и длабинска анализа“, кој е нарачан од Европската комисија. Авторите комбинирале прегледи на литературата, експертски анкети и интервјуа со над 20 експерти за борба против корупцијата. Податоците се собрани од извори како Европол, Евроџаст, Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ), „Транспаренси интернешнел“ и академски публикации.
Овие тројца експерти за антикорупција нагласуваат дека во својот истражувачки извештај идентификувале „шест области со висока опасност, каде што корупцијата се заканува да има далекосежни и системски загрозувачки последици во рамките на ЕУ“. „Една од овие области е секторот за јавни набавки, кој сочинува 14 проценти од бруто-домашниот производ на ЕУ. Според Европскиот парламент, корупцијата во ЕУ чини до 990 милијарди евра годишно. Според процените, оваа сума би можела да го искорени светскиот глад и да им обезбеди на сите луѓе на Земјата пристап до електрична енергија, чиста вода и санитација“, изнесуваат составувачите на извештајот.
„Корупцијата е една од најголемите закани за нашето општество и неговите институции. Таа ги поткопува демократијата, можностите за развој, општествената доверба и легитимитетот на политичкиот систем. Покрај тоа, корупцијата е од корист за мала корумпирана елита на сметка на општеството во целина“, поодделно посочува Ана Персон.

Шест области со висок ризик

Истражувачите идентификуваа шест области што се изложени на висока опасност од корупција и каде што корупцијата би можела да има значителни негативни последици за луѓето низ цела Европска Унија: јавни набавки, здравство, финансиски сектор, градежништво и инфраструктура, одбрана и безбедност, како и спорт. „Иако корупцијата постои во многу други сектори, извештајот покажува дека овие области со висок ризик се особено важни во борбата против корупцијата. Освен ракувањето со големи суми пари, што привлекува несовесни актери, овие сектори честопати директно влијаат врз животите на многу граѓани на ЕУ. Според извештајот, корупцијата во овие области ризикува не само да го ограничи пристапот на граѓаните до јавните услуги на кои имаат право туку и да ја поткопа целокупната општествена доверба. Заедничка карактеристика на областите со висок ризик е тоа што тие вклучуваат многу различни актери – јавни институции, приватни компании, разни професионални групи и организиран криминал, што отежнува да се обезбеди дека парите и ресурсите се користат правилно“, напоменуваат Персон, Ворт и Џени.
„Вклученоста на многу актери може да создаде сложени корупциски мрежи, што е проблематично. Корупцијата има тенденција да го шири и да го засилува веќе создаденото коруптивно однесување во другите делови од општеството. Во исто време, тешко е да се бориме против корупцијата само на национално ниво, бидејќи таа често ги преминува границите“, предупредува Ана Персон.
Според извештајот, корупцијата во шесте области со висок ризик се карактеризира со впечатливи сличности во методите, актерите и структурите. Поткупот, измамата, проневерата, фаворизирањето, непотизмот, перењето пари и судирот на интереси се вообичаени и често системски елементи што одржуваат коруптивни механизми. Извештајот за состојбата со корупцијата во ЕУ покажува дека поткупот е најраспространетата и највидлива форма на корупција во сите идентификувани области.
„Поткупот може да се случи насекаде, во секое време и во која било индустрија. На пример, во јавните набавки честопати вклучува службеници што прифаќаат пари за да ги заобиколат регулативите и да ги фаворизираат политичките сојузници или деловните партнери. Нелегалните плаќања се исто така чести во договорите за оружје, каде што трансакциите се кријат преку сложени мрежи на меѓународни банки и посредници. Перењето пари е многу распространето. Околу 70 проценти од криминалните мрежи во ЕУ користат некаков облик на перење пари за да ги финансираат своите операции и да ги сокријат своите средства. Во спортот, перењето пари е особено честа појава во врска со местење натпревари и онлајн коцкање. Измамата се јавува во сите области со висок ризик. Истрагата, на пример, покажува дека корумпираните понудувачи често поднесуваат лажни фактури или фалсификувани информации за претходното искуство во јавните набавки, додека службените лица намерно кријат информации за да фаворизираат одредени актери“, констатираат тројцата истражувачи на европската корупција во својот извештај.
Процени на вкупните апроксимативни суми на
корупција во споменатите шест области
со висок ризик

1) Јавни набавки: Според извештајот, јавните набавки сочинуваат 14 отсто од БДП на ЕУ и се особено ранливи на поткуп, местење понуди и судир на интереси. Над половина од компаниите анкетирани во анкета спроведена од ЕУ веруваат дека владините договори почесто се доделуваат врз основа на врски, а не на заслуги.
2) Здравствена заштита: Анализата покажува дека овој сектор страда од измама, поткуп, неефикасна распределба на ресурси и судир на интереси, што ја чини ЕУ до 56 милијарди евра годишно и го поткопува пристапот до ефикасна здравствена заштита. Примерите вклучуваат префактурирање, поткуп за прием во болница и измама при набавки поврзани со медицински производи.
3) Финансиски сектор: Корупцијата во банкарството и финансиите е тесно поврзана со перење пари, даночно затајување и измамнички инвестиции. Се проценува дека ЕУ губи 1.000 милијарди евра годишно поради даночни измами и финансиски криминал, при што мрежите на организиран криминал ги искористуваат системските дупки.
4) Градежништво и инфраструктура: Големите градежни проекти се особено склони кон поткуп и формирање картели. Се проценува дека до 20 отсто од трошоците за градење се губат поради корумпирани актери, што доведува до лоши безбедносни стандарди, употреба на нестандардни материјали, лошо финансиско управување и зголемен ризик од несреќи.
5) Одбрана и безбедност: Ризиците од корупција во одбраната се влошуваат поради тајноста и недостигот од надзор. Годишниот буџет за одбрана на ЕУ надминува 250 милијарди евра, а корупцијата во набавките и договорите за оружје ја загрозува безбедноста, покажува извештајот.
6) Спорт: Постои растечка корупција и во спортот, особено во форма на местење натпревари и нелегално коцкање. Фудбалот и тенисот се најпогодени, при што мрежите на организиран криминал манипулираат со игри за профит. Коруптивни практики се јавуваат и во изградбата на арени и процесите на лицитирање за големи турнири. Бидејќи спортот ангажира многу млади луѓе, авторите предупредуваат за негативното влијание врз младите.

Свето Тоевски