Токму од историски важниот украински град Лавов, еврокомесарката Калас најави дека е можен план Б за проширувањето, односно да се најде формула како да се избегне унгарско вето за брзото зачленување на Украина во ЕУ. Засега нема повеќе информации за тој план, ниту дали со него ќе биде опфатена и Македонија. Затоа се наметнува прашањето – дали тој ќе биде ексклузивно за Украина во пакет со Црна Гора и Албанија, а Македонија ќе биде заробена во мрежата на двојните стандарди и на фамозната билатерализација
НАЈАВАТА НА КАЈА КАЛАС ПРЕДИЗВИКА ПОМАЛ ЕВРОПСКИ ПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС
Подготвуваме план Б за проширувањето на Европската Унија, бомбастично најави од Лавов, Украина, Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика. Веднаш да го поставиме клучното прашање: Што е план Б во Европа?
Прв одговор – план Б е проект финансиран од ЕУ (Хоризонт Европа), кој има за цел да создаде услови за поддршка на активностите планирани во Стратегијата на ЕУ за биолошка разновидност за 2030 година и да обезбеди нови патишта за справување со загадувањето со светлина и бучава во европските екосистеми, во согласност со целите на ЕУ и меѓународните цели за биолошка разновидност.
Значи, ова не е точниот одговор. Втора варијанта – во ЕУ постојат една група парламентарци што се претставуваат како План Б група, извесна сива еминенција, критичари на „погубните неолиберални политики“ на Унијата и кои се залагаат за правда, социјална правда, за суверенитет и за укинување на еврото, односно намалување на влијанието на Европската централна банка. Тие се залагаат за преориентирање на ЕУ, во својот фокус го имаат пред сѐ човекот, а не проширувањето. И оваа варијанта не е точниот одговор.
ФРЛЕНА РАКАВИЦА КОН НЕПОСЛУШНИТЕ ЧЛЕНКИ
Самата комесарка Калас не откри многу во својата изјава, но таа беше доволна да се разбере како фрлена ракавица кон некои членки во ЕУ што веслаат спроти ветрот. А тој што весла спроти струјата, тој секогаш е некоја црна овца во семејството. ЕУ работи по принципот дека сите овци мора да бидат бели.
Европската Унија подготвува план Б во случај Унгарија да стави вето на пристапувањето на Украина во ЕУ, изјави во Лавов високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика. Според неа, Европската Унија се надева на поддршка за членството на Украина од 27-те земји членки, што, како што изјави таа, е план А.
– Украина има своја домашна задача, а и ЕУ мора да ја заврши. И ние соработуваме со унгарската влада. Но ако не функционира, веќе работиме на план Б. Но нема да го откријам. Сè уште сме во процес -, рече таа.
Таа оцени дека членството на Украина во ЕУ е „повторно обединување“. Меѓутоа, Унгарија го блокира отворањето кластер за преговорите за пристапување на Украина во ЕУ од почетокот на 2025 година. Владата на земјата изјави дека „членството на Украина во ЕУ ќе биде товар и за блокот и за Унгарија“.
Веќе е најавено дека Унгарија ќе одржи консултативен референдум за пристапување на Украина во ЕУ. Унгарската влада, исто така, испрати писмо до граѓаните на земјата, во кое директно ги повикува Унгарците да гласаат против членството на Украина во ЕУ. Засега само Виктор Орбан има јасен став за забрзаното членство на Украина, но искуството вели дека треба да се почека зашто е многу веројатно да се јават и други заинтересирани членки што евентуално би можеле да имаат последици по нивната економија, но и интереси, и да постават свои сериозни услови за тој план Б. Тоа по дефиниција ќе значи кочење на процесот.
МАКЕДОНИЈА НА ПРВ ПОГЛЕД ЈА НЕМА НИ ВО ПАКЕТОТ Б
На прв поглед изгледа дека Македонија, која повеќе од 20 години залудно го чека членството, ја немаат спакувано во планот Б и оти тој ексклузивно ќе се однесува на Украина, која најверојатно би се ставила на брза пруга со Црна Гора и со Албанија. Изненадувања секогаш се можни, особено што ЕУ не е научена на брзо возење кога се зборува за проширувањето. И ЕУ сега влегува во сосема неизвесна трка со самата себе меѓу геополитиката и проширувањето. Како да се синхронизираат овие две сосема спротивни работи?
Некои одговори се очекува да се добијат на состанокот на Европската политичка заедница закажан за 16 мај во Тирана. Таму ќе биде присутна и Македонија и ќе има можност да го каже своето мислење – дека треба да се отвори преговарачкиот процес, наместо Брисел да продолжи со притисокот дека мора да испорачаме уставни реформи сега и веднаш. Но Брисел тврди дека не може да дава гаранции, што не е сосема точно. Затоа, сега е токму моментот македонската дипломатија да ја зајакне својата активност и да дообјасни дека принципите мора да важат за сите. Ако веќе ЕУ е подготвена да го менува моделот на пристапување за едни, тоа мора да важи и за сите други. Тоа е тој клинч во кој се наоѓа ЕУ – геополитички притисок, но и проблем со двојните стандарди сериозно навлезени во процесот на проширувањето.
Во моментов можеме да анализираме барем две изгледни варијанти што би бил планот Б. Првиот е дека ЕУ, како што се залага и Германија, е да се напушти принципот на консензуално гласање, односно да се прифати нов модел. Ова е големата можност за Македонија. Тој може да биде 27 минус еден или двајца, или ќе оди на уште порадикален чекор, а тоа би било гласање со квалификувано мнозинство за прашања како што е проширувањето. Но, потоа треба да се има предвид и изгласувањето во националните парламенти, што е уште една голема пречка. Политичкиот спектар во Европа драматично се менува, па на пример германскиот канцелар Фридрих Мерц би бил соочен со сериозен притисок од АфД, која бара референдумско изјаснување за проширувањето.
Втората варијанта е на Украина да ѝ се даде некој вид придружно членство, но и на другите земји од Западен Балкан, со што ЕУ до 2030 година значително би се проширила. Дали е тоа чекор кон заокружување на идејата „Европа од Лисабон до Одеса“? Работите одат во таа насока, но има многу пречки до остварувањето на таа цел.
СЕ ОТВОРА ЕВРОПСКАТА ПАНДОРИНА КУТИЈА
Јасно е дека на ЕУ ѝ треба геополитички важниот простор на Украина, но и нејзините минерални ресурси. Идентитетската криза во која се наоѓа во моментов ЕУ, поттикната од брегзитот, ударите од Вашингтон и внатрешните политички сили, што е де факто судир на концепции, мора да се решава. Дали ќе ја решат Макрон и Мерц? И тука има концепциски разлики, па затоа можеме во моментов да зборуваме само за визури на планот Б. Како и да е, Урсула фон дер Лајен и Каја Калас одат кон отворање на европската Пандорина кутија, а таа е – губење на правото на вето. Која членка би се согласила да остане без тоа оружје? И што би добила за возврат на тоа оружје? Што?
Да погледнеме само во нашиот двор – дали Бугарија или Грција би го дале правото на вето, дали Хрватска, дали Унгарија? И уште едно клучно прашање – дали ставањето на проширувањето на ЕУ на втор колосек е договорена стратегија на целата ЕУ? Ќе остане да виси како нејасно ова прашање уште некое време.
Само да потсетиме дека е можен и „бунт на бродот Баунти“ во однос на проширувањето, зашто е познато дека не сите членки се расположени за продолжување на тој процес. Дали Украина ќе ја обедини Европа или ќе ја доразедини?
Само пред неколку дека словачкиот премиер Роберт Фицо, и покрај заканите од Брисел да не оди на прославата на Денот на победата над фашизмот во Москва оти неговата земја ќе трпи последици, сепак, беше на парадата. Очигледно е дека не се сите во стадото на Фон дер Лајен бели овци.
Може ли неевропска Канада да стане членка на ЕУ?
Во потрагата по својот идентитет, ЕУ отвори и можност кон неа да се приклучи и Канада. На хартија и тоа е изводливо, но во практика звучи доста неостварливо. Би рекле дека прашањето што го отвори Трамп со Гренланд е поостварливо отколку Канада да влезе во ЕУ. Народот би рекол на шега – па, прашајте ги прво Енглезите.
Фактор број два што потврдува дека Европа грчевито се бори да оствари единство, но и да се покаже како глобален фактор, е процесот што е во тек за формирање меѓународен трибунал за воените злосторства против Украина. Во моментов е тоа процес на ЕУ, кој ќе се прошири во рамките на Советот на Европа, каде што ја нема Руската Федерација. И тој трибунал е предвидено да има седиште во Хаг.
Да се вратиме на Канада и да видиме што вели членот 49 од Договорот за Европската Унија. Договорот од Мастрихт наведува дека секоја европска земја што ги почитува принципите на ЕУ може да аплицира за членство. Класификацијата на земјите како европски е „подлежна на политичка процена“ од страна на Комисијата и, што е уште поважно, на Европскиот совет.
Географски Канада не е во Европа, но политичката процена, како и многупати, може да биде поинаква и решавачка.