Одраз на изборните резултати врз партиите од албанскиот политички блок
- Али Ахмети бараше од своите сонародници во Македонија локалните избори да бидат „албански национален референдум“, порачувајќи им да гласаат „масовно за него и албанската национална кауза, која тој ја брани како мисионер“. Албанците навистина излегоа да се изјаснат, но, за негова жал, се изјаснија против неговиот повик (во чија основа се поделби и сецесија наместо интеграција). Албанскиот кампус на гласачи му приреди на „мисионерот“ „изборен Титаник“: со своите гласачки ливчиња му го „издупчија бродот вкотвен“ во Мала Речица, до таа мера што му тоне уште побрзо удолу како „Титаник“!
- Навистина, ако одиме по логиката на Ахмети дека на локално-изборното изјаснување на граѓаните за неговите политики чинот треба да претставува „албански национален референдум“, односно „масовен облик на изјаснување во врска со начинот на доскорашното владеење на ДУИ во централната власт и саканото владеење во наредниот период во локалната власт“, тогаш граѓаните Албанци многу јасно (референдумски) се изјаснија „ПРОТИВ“ политиките на Ахмети и ДУИ. Со тоа, токму онака како што сакаше Ахмети – со плебисцитарно изјаснување, но во спротивна насока, целосно се делегитимира концептот од Мала Речица, како и нивните амбиции преку локалната власт да бараат партиципација во централната власт заради некакво нивно „мнозинство во албанскиот кампус“, што и како бројка и како принцип – одамна го нема!
Албанците навистина излегоа да се изјаснат, но против неговиот повик во чија основа се поделби и сецесија, наместо интеграција. Албанскиот кампус на гласачи му приреди на „мисионерот“ „изборен Титаник“: со своите гласачки ливчиња му го „издупчија бродот вкотвен“ во Мала Речица, до таа мера што му тоне уште побрзо удолу како „Титаник“!
Дебакл на етноцентричните политики на ДУИ
Тежината на поразот на Ахмети е дотолку поголема, бидејќи тој е на пат целосно да го изгуби и Кичево, кое, како што милуваат да истакнуваат во јавноста, е нивни „воен плен од 2001 година што не смее да им падне во рацете на Македонците“ (изрека на Артан Груби на еден нивен предизборен митинг). За потсетување, огромни надежи полагаа Али Ахмети и Бујар Османи, како кандидат за градоначалник во Чаир, толку големи и со толкава сигурност во нивната победа во однос на Изет Меџити од Вреди, што со сигурност навестуваа дека веднаш по изборите ќе се постави и барањето за одржување предвремени парламентарни избори, за да се избере и нова влада. Но, победи Изет Меџити, а на Бујар Османи му преостана само да му честита на изборот како нов градоначалник. Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, информираше дека коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција, добила три градоначалнички места уште во првиот круг на гласање, оти победиле нивните кандидати во општините Липково, Пласница и Гостивар.
Барања за оставка на Ахмети
Ваквиот изборен дебакл на ДУИ и Али Ахмети му беше повод и на Изет Меџити да побара оставка од шефот на „интегративците“.
– Му се обраќам на мојот политички противник Али Ахмети – ова е моментот кога мора да поднесете оставка. Гласот на Албанците ве испрати во политичка пензија – посочи Меџити.
За издвојување е и дека шефот на централниот изборен штаб на Вреди, Аднан Азизи, побара оставка од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој е и лидер на коалицијата Национална алијанса за интеграција, откако Вреди ја прогласи својата победа во општините и со албанско население. „Дали го има Али овде, дали ја има ДУИ тука“, праша со нота на иронија и подбивање и лидерот на Беса и кандидат за градоначалник на Тетово, Билал Касами, откако ја прогласи својата победа во првиот изборен круг. Според информациите до тој момент, Касами беше во предност со повеќе од четири илјади гласа во однос на неговиот ривал Бајрам Реџепи од коалицијата НАИ на ДУИ и Ахмети.
– Победивме во сиот Полог, победивме во цела Македонија. ДУИ бараше референдум и доби референдум – посочи Касами, едновремено прашувајќи дали сега нивните политички противници ќе бараат предвремени парламентарни избори или повеќе не.
Ахмети и ДУИ еднаш веќе загубија од Касами и Вреди, откако на претходните локални избори претрпеа пораз во овој град и општина со големо симболичко значење за ДУИ, оти е местото каде што се наоѓа нивното партиско седиште. Али Ахмети бараше од своите сонародници во Македонија локалните избори да ги направат „албански национален референдум“, порачувајќи им да гласаат „масовно за него и албанската национална кауза, која тој ја брани како мисионер“.
Уште едно заплеткано „клопче“ што чека да биде отплеткано
Но, не се бара од Ахмети политички да одговара за тоа што (не) го правел за доброто на Албанците во текот на неговото повеќе од 20-годишно престојување во врвот на извршната власт во Македонија. Ахмети веќе неколку години се соочува со тешки и сериозни обвинувања од негови сонародници, кои целосно го „демонтираат“ неговото „воено-политичко наследство“ како „врховен командант„ на УЧК од 2001 година, па дури и го товарат за убиства на команданти на УЧК… За тоа допрва почна да се одмотува „клопчето на вистината“, а наскоро, по барање на Советот на Европа, ќе се отвораат досиејата на македонските хашки случаи, каде што во името на правната држава и владеењето на правото ќе се бара правдина, која токму во тие случаи никогаш не застарува. Р.Н.М.