Анализа за можните пошироки ефекти од големите политички кризи во Франција и во Германија
Разнишаните позиции на лидерите на Франција и на Германија, Емануел Макрон и Фридрих Мерц, го принудуваат двоецот да се посвети на домашните проблеми, што може да донесе поинаква политичка клима во ЕУ за најважните прашања, вклучувајќи ги и финансиите, одбраната, но и проширувањето на Унијата, што особено ја засега Македонија
Секојдневното засилување на големите политички и општествени кризи во Франција и во Германија извесно ќе има големо влијание во Европа, што се очекува да се одрази и врз политиките на Европската Унија, поради големиот застој во таканаречениот „мотор на ЕУ“, кој го сочинуваат двете најмоќни држави во европскиот блок. Разнишаните позиции на тамошните лидери, Емануел Макрон и Фридрих Мерц, го принудуваат двоецот да се посвети на домашните проблеми, што може да донесе поинаква политичка клима во ЕУ за најважните прашања, вклучувајќи ги и финансиите, воениот комплекс прашања, но и проширувањето на Унијата, што особено ја засега Македонија.
Французите сакаат да го пратат Макрон на политичка гилотина
Франција тоне во хаос. Немирите се случија за помалку од 24 часа, откако претседателот Емануел Макрон го назначи својот седми премиер за помалку од девет години. Новиот француски премиер Себастијан Лекорну вети дека ќе заврши подобра работа од неговиот претходник Франсоа Бајру, кој беше отстранет со гласање за недоверба во понеделникот. Бајру беше отстранет, откако се обиде да ги намали јавните трошоци со примена на исклучително непопуларен пакет мерки за штедење, чија цел беше намалување на растечкиот долг на земјата.
Разбунтувана Франција вели „не“ – и тоа не само на претставената буџетска рамка за 2026 година, со која се бараше поддршка за планот за заштеда на околу 44 милијарди евра како дел од напорите за намалување на зголемениот јавен долг на Франција, кој сега изнесува 113 отсто од нејзиниот бруто-домашен производ. Франција има еден од најголемите буџетски дефицити во ЕУ: 5,8 отсто. Буџетските преговори се еден од главните извори на напнатоста и судирите во француската политика, кои доведоа до паѓање на досегашниот премиер Франсоа Бајру и именување на Себастијан Лекорну за нов премиер.
Револтираните и разбеснети Французи ги отфрлаат и планот за штедење на претседателот Емануел Макрон и самиот него на кормилото на француската држава. Французите повторно сакаат да го пратат Макрон на политичка гилотина, тие ја бараат неговата претседателска глава!
Во својата уредничка анализа со наслов „Штедење, празнична гозба за акционерите“ во септемврискиот број на угледниот француски аналитички месечен магазин „Ле монд дипломатик“, Пјер Римбер и Грегори Ржепски изнесуваат прецизна слика за моментната социоекономска и политичка ситуација во Франција. Во жестокиот заклучок на својата анализа, Римбер и Ржепски ги „честат“ претседателот Макрон и другите, кои ја водат француската република со „комплиментот“ „ќелави и шугави луѓе“ дека „од нив доаѓа целото зло“! Посебно дополнувајќи дека Макрон веќе е маргинална политичка личност во една од водечките европски држави.
– Маргинализиран претседател на Републиката, разочарано население. Дали француската влада ќе се држи до својот план за штедење, кој се состои од изнудување пари од вработените, пензионерите и болните, заради финансирање на армијата? Дали државата ќе продолжи да ги поттикнува профитите на големите корпорации без никаква заработка? Всушност, буџетската офанзива на владата дури и не се труди да се преправа дека е фер. Оданочување на болните, намалување на правата на невработените, замрзнување на социјалните бенефиции, уништување на јавните услуги и така натаму. Цената на големото европско вооружување ќе падне силно врз најранливите… Од овие ќелави и шугави луѓе доаѓа целото зло! – пишуваат двата уредника во својата анализа во „Ле монд дипломатик“.
Се шират протестите низ Франција
Француската радиотелевизиска мрежа БФМ ТВ објави дека и вчера, многумина Французи продолжија со протестите во рамките на движењето „Блокирај сè“, кое доби масовни размери уште од завчера, кога низ многу градови низ Франција во него се вклучија речиси 200 илјади демонстранти. Во текот на вчерашниот ден протестни собирања имаше не само во главниот град Париз туку и во Нант и низа други градови. Репортерите на БФМ ТВ известуваа дека француската полиција повторно употреби пендреци против немири врз некои од демонстрантите, во обид да ги спречи да постават блокади и за да не се собираат протестно на улиците.
Во Нант многу рано вчера на плоштадот „Роза-Парк“ беа поставени блокади и избувнаа тензии со присуството на полицијата против немири по обидот за проверка на идентитетот. Полицијата се судри со дел од демонстрантите при насилна интервенција, што ја видоа новинарите на БФМ ТВ. Полициските службеници издадоа забрани за одржување какви било собири и во Нант и во други француски градови. Жандармеријата соопшти дека се случил нов обид за блокирање на фабриката „Лакталис“ во Лоара-Атлантик. Некои париски универзитети беа блокирани. Уште од вчера рано изутрината беа упатени повици за блокади и на други образовни институции, особено на универзитетите и училиштата во Парискиот Регион. Полицајците интервенираа на разбивање на блокадата на еден од нив.
Англиското издание на „Ле монд“ вчера објави сумарен извештај дека во текот на завчерашниот прв ден на „Блокирај сè“ биле ангажирани околу 80 илјади полицајци низ целата земја.
– Министерството за внатрешни работи соопшти дека 197 илјади луѓе учествувале во протестите низ цела Франција, додека синдикатот на Генералната конфедерација на трудот на Франција тврди дека во протестите учествувале 250 илјади луѓе. Властите соопштија дека до доцна попладнето изминатава среда биле извршени 540 апсења. Министерот за внатрешни работи Бруно Ретајо извести за „околу 50 акции за отстранување на блокадите на кружни патишта, патишта и депоа“ низ целата земја. Министерот Ретајо „ги осуди овие акти“ и го поздрави „поразот на оние што сакаа да ја блокираат земјата“. Тој тврдеше дека левичарските радикали го киднапирале протестното движење, иако тоа има очигледно широк спектар на поддржувачи – истакна „Ле монд“ во својата статија на англиски јазик за насилните сцени и судирите на демонстрантите со интервентната полиција и жандармеријата на улиците во француските градови. Демонстрации се планирани во Нант и за сабота, 13 септември, почнувајќи од 14 часот. Сепак, вниманието сега е насочено кон 18 септември, по меѓусиндикалниот повик за широка мобилизација и блокада на јавниот и стопанскиот живот во француската република. Св.Т.

И рејтингот на Мерц на ниско рамниште, Германците бараат смена
На многу ниски гранки се урниса не само рејтингот на водечките француски политичари туку и рејтингот на нивните германски колеги. Германскиот канцелар Фридрих Мерц од редовите на демохристијаните не се задржа долго на листата на перспективни политичари, а неговиот рејтинг веќе падна на крајно ниското рамниште на неговиот претходник, социјалдемократот Олаф Шолц.
Најновите анкети на јавното мислење покажуваат дека 77 проценти од Германците не се задоволни од односите во владејачката коалиција. Институтот „Инфратестдимап“ (Infratestdimap) деновиве анкетираше 1.342 граѓани со право на глас и еден од најзначајните заклучоци е дека поддржувачите на демохристијаните и социјалдемократите, кои ја делат власта, се незадоволни и од односите во кабинетот на канцеларот, како и од ефикасноста на неговото функционирање. Поддржувачите на демохристијаните беа поблаги, па 57 проценти од нив се задоволни од работата на владата, додека социјалдемократите се многу построги. Само една четвртина од анкетираните се задоволни од сегашниот министерски состав и од неговото работење.
Буџетот и споровите околу социјалните бенефиции и климатските проекти ја соборија владата на Шолц во ноември 2024 година. Мерц сега доживува слична судбина. Помалку од една година подоцна неговата коалиција се судира остро со проблеми исти како и француската влада – буџетски и паричен дефицит, како и со социјална политика. Германија повеќе не може економски да ја поддржи стратегијата за бенефиции за материјално ранливите категории на населението, посочи Мерц, но неговиот коалициски партнер, Социјалдемократската партија (СПД), одговара дека „тоа е глупост“.
Министерката за труд и сопретседателка на СПД, Барбел Бас, не се двоумеше да упати оваа остра критика до канцеларот. Аналитичарите, сепак, велат дека социјалдемократите биле премногу меки, со оглед на негодувањето што владее во нивните редови и плановите за кои демохристијаните веќе јавно дискутираат. Кажано со појасни зборови, ова може да значи причина за уривање и на канцеларот Мерц, а со него во пакет и постојната влада на Германија.
Незадоволството може само дополнително да се зголеми, бидејќи германската влада планира да ја зголеми возраста за пензионирање на 70 години, идеја што 84 проценти од испитаниците веќе ја отфрлаат. Покрај тоа, Мерц најавува нови намалувања во социјалната политика, за кои вели дека ќе бидат неопходни за да се заштедат 30 милијарди евра до 2027 година. Заштедите се неопходни, бидејќи буџетскиот јаз веќе постои и брзо се зголемува, поради трошоците за енергија, а уште повеќе, поради постојаната помош за Украина.
Во својата анализа со наслов „Мерцова Германија се соочува со проблеми поради ‘есента на реформите‘“, Бен Најт, политичкиот аналитичар на германскиот државен информативен сервис „Дојче веле“, ја нагласува одлуката на канцеларот Фридрих Мерц дека претстојнава есен во Германија мора да биде сезона за справување со итни домашни проблеми на Германија.
– Но тоа ќе значи конфликт со неговите коалициски партнери од централно-левичарската партија. „Есента на реформите“ на канцеларот Фридрих Мерц би можела да се претвори во сезона на коалициски судири додека тој продолжува со својот амбициозен план за реформирање на социјалната држава во Германија и за воведување даночни реформи, заради зајакнување на економијата. Предизвиците се значајни: германската економија сега се соочува со трета година без раст на бруто-домашниот производ. Социјалната држава и пензискиот систем не успеваат да ги совладаат демографските предизвици, а федералниот буџет има дупка од околу 172 милијарди евра (200 милијарди долари) за периодот од 2027 до 2029 година – наведува Најт.
Тој напомнува дека конзервативната база на членството и гласачите на ЦДУ татнат од незадоволство уште од март, кога Мерц го притисна парламентот „да ја заколе светата крава“ на секој германски конзервативец, односно да се крене сопирачката за националниот долг, за да се дозволат огромни нови заеми за плаќање одбранбени и инфраструктурни проекти.
– Базата на ЦДУ е разгневена оттогаш – предупреди Оливер Лембке, политиколог на Универзитетот во Бохум. Анкетата на „АРД Дојчландтренд“, спроведена во август 2025 година, покажа дека задоволството од Мерц паднало на само 32 отсто, што е пад од десет поени во споредба со претходниот месец. Околу две третини од Германците (65 отсто) изразиле незадоволство од работата на Мерц. Основните гласачи на ЦДУ поодделно се разгневени од огромниот нов национален долг, а гласачите и на ЦДУ и на СПД се разочарани, поради тоа што ветените планови за намалување на даноците за електрична енергија не се реализираа за домаќинствата и малите и средните претпријатија – заклучува Бен Најт во анализата за англиското издание на „Дојче веле“.
Пред да преминеме на тоа како би требало да се постави Република Македонија во однос на овие внатрешни социоекономски и политички вриежи во Франција и Германија, со сериозен одраз врз надворешната политика на овие две водечки држави во ЕУ, сметаме дека треба да се фрли аналитички поглед и на мошне инспиративната анализа на Хенинг Хоф, извршниот уредник во „Интернационале политик“, водечкиот аналитички магазин на Германскиот совет на надворешни односи, со наслов „Дали германската надворешна политика некогаш ќе ги промени своите позиции?“, објавена на 22 август 2025 година. Хоф им дава дијагноза на германските политичари, па и на денешните, дека „боледуваат од болеста да се наведнуваат пред сѝ што не можат да направат самите“.
– Главниот проблем е тоа дека Германија никогаш нема да направи ништо без Вашингтон. Претходникот на Мерц, Олаф Шолц (СПД), кога беше канцелар секогаш беше желен да дејствува во чекор со тогашниот американски претседател Џо Бајден, барем кога тоа се вклопуваше во неговата сопствена агенда. Вториот проблем е германската болест „исклучувачки“ („Ausschließeritis“), која силно ги напаѓаше германските странски политичари во минатото, предизвикувајќи кај нив импулс да се наведнат, пред сè, пред сите работи што Германија не е подготвена самата да ги направи. Тоа е карактеристика што веднаш го стеснува просторот за маневрирање на германската надворешна политика, ги ограничува нејзините опции, а исто така ја прави земјата помалку корисен сојузник – како во овој случај – критикува извршниот уредник на „Интернационале политик“, Хоф.
Според него, пред германската политика е долг патот да ја промени својата германска ДНК.
– Болеста е поврзана со навидум длабоко вкоренет страв дека сè е „премногу“ за кутрата мала Германија и Германците воопшто, кои во политичко-воените прашања можат да бидат турнати само до одреден степен пред да ги кренат рацете. Постратегиската и покохерентна германска надворешна политика сè уште е далеку, таа сè уште има уште многу да помине за навистина да ја промени својата ДНК – заклучува Хоф.