Осврт кон информацијата дека Кремљ има подготвено свежи сили за украинскиот фронт од околу сто илјади војници
- Бројката од „100.000 руски војници“ што би биле распоредени на одреден начин на украинското боиште кружи низ пишувањата на воените блогови, и од украинска и од руска страна. Но што навистина значи тоа и дали укажува на подготовка за финален пресврт на фронтот или само на засилување на постојната стратегија или, пак, подготовка за подобар почеток на преговарачката позиција, разговаравме со неколку воени експерти
Во изминатите денови, сè почесто – и од руски и од украински извори, особено во воената блогосфера – се споменува бројката од 100 илјади руски војници, кои наводно се подготвуваат за нова фаза од војната. Иако ваквите информации засега немаат официјална потврда од независни разузнавачки извори, самото нивно ширење отвора суштинско прашање: дали станува збор за подготовка на масовна офанзива што би имала цел да создаде „преговарачка предност“ или за постепено засилување на веќе постојниот руски оперативен план?
Што значи активирањето „сто илјади војници“?
Во воени терминологија, бројката сама по себе не значи многу без контекст. Но многу пластичен приказ на формација од сто илјади војници дава нашиот соговорник, пензиониран генерал.
– Воена формација што обично има околу 100.000 војници се нарекува армија. Или, еве, за читателите на „Нова Македонија“ ќе појасниме дека една помала формациска единица, на пример чета, има 100–200 војници, потоа баталјон има 500–1.000 војници, бригада има 3.000–5.000 војници, дивизија од 10.000 до 20.000 војници, корпус од 20.000 до 50.000 војници и на крајот армија, која може да има од 100.000 војници, па нагоре. За издвојување е дека армиската група (група армии) може да има од неколку стотици илјади до над милион војници. Затоа, велам, точниот број може да варира зависно од државата, периодот и типот на војската, но една формација од околу 100.000 војници најчесто се класифицира како армија – вели нашиот соговорник.
Истовремено, уште еден соговорник, поранешно воено лице, додава дека во врска со бројката од 100.000 руски војници, кои наводно се подготвуваат за нова фаза од војната, не е јасно дали се мисли на една цела интегрална воена формација (армија) или, пак, се мисли на новомобилизирани и обучени сили?
– Можеби се мисли на префрлање единици од други региони или, пак, резервни состави што допрва треба да бидат оперативни или, пак, во крајна линија комбинација од логистички, заднински и борбени единици. Затоа, ваквата информација треба да се земе со голема резерва, бидејќи експертското аналитичко око веднаш лоцира тешка аномалија и непрецизност во лиферуваната информација, која наликува повеќе на новинарска сензација – вели тој.
Нашите соговорници додаваат и дека „доколку станува збор за нова мобилизација, треба да се има предвид дека создавањето ефективна борбена сила од таков обем бара повеќе месеци обука, логистичка подготовка и стабилна линија на снабдување“.
– Ако, пак, станува збор за прегрупирање на постојните сили, тогаш ефектот врз фронтот би бил ограничен и постепен, а не драматичен и изненадувачки – велат тие.
Дали е можен одлучувачки „голем руски удар“?
Воената логика налага дека масовна офанзива има смисла само ако постои реална можност за пробив или, пак, противникот е ослабен или истрошен и зад воениот одлучувачки и масивен удар постои јасна политичка цел што треба брзо да се постигне, велат соговорниците.
– Нешто од овие предуслови навистина постои, бидејќи украинската војска се соочува со замор, демотивираност, проблеми со ресурси и зависност од западна помош… Факт е дека фронтот е стабилизиран во повеќе сегменти, но на некои места е и пробиен. Но исто така е факт дека длабоките пробиви се ретки и скапи. Затоа, сценариото на еднократен, масовен и изненадувачки „удар со 100.000 свежи војници“ изгледа помалку веројатно од стратегијата на „постепено засилување и притисок по одредени правци“ – тврдат нашите соговорници, пензионирани високи воени лица. Со поедноставни зборови, „100.000“ може да биде бројка што симболизира засилување и мобилизациски капацитет, но не и нужно сигнал за драматичен пресврт, тврдат воените експерти.
Што велат консултираните дипломати од своја гледна точка за истото прашање?
Во дипломатските кругови се споменува летото 2026 година како период во кој САД и Трамп би сакале да видат придвижување кон завршница на конфликтот. Иако ваквите рокови не се формални ултиматуми, тие влијаат врз политичката динамика.
Прашањето упатено кон соговорниците дипломати беше дали Москва би се обидела да создаде нова реалност на терен пред таква политичка динамика – односно да ги „исчисти“ или да ги зацврсти посакуваните територии за да влезе во евентуални преговори од посилна позиција?
– Историјата на конфликтот покажува дека Русија често комбинира воена ескалација со дипломатска понуда. Во таа смисла, можно е зголемувањето на силите да има двојна функција: реална оперативна поддршка и психолошки притисок врз Киев и неговите сојузници – велат тие.
Интересно е видувањето на дипломатите со кои се консултиравме и за можното и веројатно постоење на т.н. тајна дипломатија меѓу Москва и САД.
– Повремено се појавуваат информации за неформални контакти меѓу Вашингтон и Москва, особено околу прашања како размена на затвореници, безбедносни гаранции или управување со ризикот од директна конфронтација. Тоа, сепак, не значи дека постои „голем договор зад сцената“. Дури и доколку има ограничено затоплување на комуникацијата, логиката на војната останува автономна. Кремљ не би ризикувал стратегиска позиција само врз основа на политички сигнали, ниту, пак, Вашингтон би го жртвувал украинскиот интерес заради поширока геополитичка размена без сериозни гаранции – велат нашите соговорници дипломати. Р.С.
Војска од сто илјади – како силна преговарачка алатка
Во разговор со наш соговорник, лиценциран медијатор и искусен преговарач и новинар по професија, добивме интересен одговор во врска со феноменот на „зајакнување на преговарачка позиција, пред почеток на преговори“, ставена во контекст на информацијата „100.000 нови руски војници“ на украинскиот фронт.
– И Москва и Киев добро знаат дека секој километар освоена или изгубена територија има тежина на преговарачката маса. Затоа воените операции не се само тактички потези туку и дипломатски пораки. Доколку Русија навистина го зголемува бројот на сили, тоа може да биде порака дека нема намера да замрзне конфликт без дополнителни отстапки. Но истовремено, отсуството на јасни докази за масовна офанзива укажува дека Кремљ веројатно избира стратегија на истрошување – постепена, долгорочна и пресметана. Во таков контекст, бројката од 100.000 војници не треба да се чита како најавен „ден Д“, туку како дел од поширока игра во која фронтот и дипломатијата се движат паралелно, а конечната разврска останува да се реши на зелената маса на која сите преговарачки страни брзаат да ги заземат своите места со најсилните можни свои преговарачки позиции. Во тој контекст Русија засега има џокер, а стоте илјади војници ги извлекува како „пик на дама“ – сликовито објаснува нашиот соговорник. Р.С.































