Во несреќата кај Лариса на 28 февруари 2023 година во судир на брз патнички и транспортен воз загинаа 57 лица. Сега се откриваат многу детали за тоа дека истрагата не била водена професионално, дека се прикривале докази, а самиот Мицотакис фрли вистински бомба за грчката, но и за македонската јавност – транспортниот воз превезувал забранети запаливи материи, кои експлодирале и затоа имало многу жртви. Според грчкиот премиер, железничката композиција тргнала од Скопје. Точно ли е тоа?
Речиси две години по катастрофалната железничка несреќа, најголема во историјата на Грција, деновиве на површина излегуваат детали што не само што го кренаа повторно гневот на грчката јавност туку и сериозно му ја загрозија функцијата на премиерот Киријакос Мицотакис. Но оваа железничка катастрофа сосема неочекувано може да добие димензии и на меѓународен скандал доколку се покажат точни тврдењата на Мицотакис дека во оваа трагедија вмешал прсти и некој од Македонија. Звучи речиси неверојатно да се слушне вакво нешто цели две години по катастрофата. Но самиот Мицотакис неодамна за грчката ТВ Алфа обелодени дека многу детали за причината на несреќата и тој самиот не знаел, а еден од нив е дека „товарната композиција својата појдовна точка ја имала во Скопје“, а последната неочекувано завршила во Темпи, близу Лариса, каде што се случи фаталниот судир со брзиот патнички воз.
Јавноста е премногу скептична за тоа што сега го зборува Мицотакис, а неизбежно се наметнува дилемата дали грчкиот премиер можеби игра на картата да ја спасува својата политичка кариера на Македонија. Да префрли вина надвор од Грција? Да впери прст кон некого во подолните ешалони на институциите (и на грчка и на македонска страна), кои со своето поведение ги прекршиле законите на царинското работење и строгите закони и меѓународни прописи што ја регулираат оваа материја, и поради тоа дошло до катастрофалната несреќа? Дали возот на смртта навистина тргнал од Скопје? Зошто не се знаело тоа? Што имало натоварено во него? Што знаеле или не знаеле надлежните во царината и во МВР од претходната влада на СДСМ?
ШТО СЕ СЛУЧИ НА ЦРНИОТ 28 ФЕВРУАРИ?
На 28 февруари 2023 година се случи директен судир меѓу два воза јужно од долината Темпи во Грција, на половина пат помеѓу грчките села Темпи и Евангелисмос, во регионот Тесалија. Во судирот, во кој учествуваа патничкиот воз „интер сити 62“ (IC62) и интермодалниот товарен воз, загинаа најмалку 57 лица. Во двата воза имало 342 патници и 12 вработени во железницата. Десетици патници при несреќата добија доживотни повреди и тешки изгореници. Истрагата открила дека на патничкиот воз му било дозволено да продолжи по погрешна пруга и да поминува сигнали во опасност и покрај присуството на товарниот воз на истиот дел од пругата.
Пред една недела за несреќата зборуваше премиерот Мицотакис, откако јавноста повторно почна да ја бара вистината за несреќата протестирајќи во десетици града, но не само во Грција туку и во неколку европски града во кои има грчка дијаспора. Притисокот кон него се засилува, но не само политички туку и судски, затоа што од роднини на жртвите тој веќе доби тужба.
Белградскиот дневен весник „Политика“, преку својот дописник од Атина, пишуваше за Алфа за интервјуто на Мицотакис и притоа наведува дека најверојатно грчкиот премиер бил жртва на измама и не ја знаел целата вистина за причините за катастрофалната железничка несреќа. Голем дел од јавноста не му верува на премиерот, ниту, пак, е задоволна од наводите во истрагата, ниту како е таа водена. Дали се прикривале клучни докази? Некои патишта водат и кон таа насока.
КАКО „ЧОВЕЧКАТА ГРЕШКА“ СЕ ПРЕСТОРИ ВО „ТРАНСПОРТ НА ОПАСНИ СУПСТАНЦИИ“, А КОМПОЗИЦИЈАТА ТРГНА ОД СКОПЈЕ?
Пред две години, кога грчкиот премиер Мицотакис им изрази сочувство на семејствата на жртвите, ѝ вети на нацијата дека сторителите ќе бидат казнети, дека тоа е „човечка грешка“. Сега, со новата истрага, Мицотакис рече дека не знаел оти товарниот воз содржи опасни забранети супстанции. Судејќи според она што го кажа во интервјуто за ТВ Алфа, очигледно беше вознемирен од масовните протести во 130 града, каде што Грците уште еднаш побараа целосна вистина и политичка одговорност минатиот викенд.
Меѓутоа јавноста стана уште погневна кога слушна аудиоснимки на жртви што по судирот биле живи, но потоа или живи гореле или се задушувале. Тоа се однесува за триесетина лица, а Мицотакис вели дека за тие снимки не знаел. Тие лица, повеќето ученици и студенти, можеле да се спасат доколку не се случела експлозијата или повеќе експлозии, а потоа бил фатален и пожарот што избувнал.
– Жал ми е за мојата грешка бидејќи да знаев тогаш сè што знам денес, немаше да го кажам тоа што ѝ го дадов како објаснување на нацијата две недели по трагедијата – рече премиерот, осврнувајќи се на неговите уверувања дека таму немало опасни запаливи материи во товарниот воз.
Своите тврдења, како што пренесува „Политика“, ги темелел на објаснувањата на „Хеленик трејн“ и неговото раководство, во кои сите апсолутно веруваа и кои, очигледно, ги доведоа во заблуда и него и парламентот.
– Ако се покаже дека станува збор за опасен товар, компанијата ќе има не само кривична туку и политичка одговорност – нагласи Мицотакис.
„Политика“ понатаму го цитира Мицотакис, кој истакнува: „… товарниот воз ѝ припаѓал на компанија што уверувала дека во него нема сомнителен товар, но излезе поинаку, (ако е точно) тогаш тие ќе бидат први одговорни во синџирот на одговорност, иако има многу прашања за царината, бидејќи возот тргна од Скопје, и за полицијата, која не ги прегледала сите снимки од камерите“.
МИЦОТАКИС СО СВОЈАТА ИЗЈАВА ИНДИЦИРА ИНВОЛВИРАНОСТ НА МАКЕДОНСКИТЕ НАДЛЕЖНИ СЛУЖБИ?
Овие клучни детали од истрагата веројатно би се чувале во некоја фиока доколку некој од истражните органи на роднините на жртвите не им ги дал аудиоснимките. На некои од нив се слуша како жртвите бараат воздух, што значи дека биле живи, се задушувале, а не загинале како последица на судирот, туку на пожарот.
„Нова Македонија“ завчера се обиде да стапи во контакт со претставници на македонската Царинска управа, но безуспешно. Затоа на електронската адреса за контакт остави прашање дали имаат регистрирано некаков опасен железнички товар што ја преминал македонската граница на 28 февруари 2023 година или ден-два порано. Оставени се наш телефон и имејл-адреса, па очекуваме одговор.
Во меѓувреме можеме само да шпекулираме што се случило. Факт е дека откако се прозвани грчката царина и полиција, тоа се однесува и на македонските погранични власти и најверојатно нашите надлежни за ова прашање се веќе информирани преку своите дипломатски претставници во Атина и во Солун. Катастрофата веќе доби епитет на меѓународна. Следствено, истрага за целосно расветлување на случајот би требало да има и овде, кај нас.
Во времето на несреќата директорка на Царинската управа е Славица Кутиров, која ненадејно во јуни истата година поднесува оставка од лични причини. Министер за внатрешни работи во тоа време е Оливер Спасовски. Веројатно тие би можеле да кажат нешто за ова, евентуално да отстранат каква било вмешаност на нашите органи, односно дека не попуштиле легалните филтри и за Грција не заминал нелегален транспорт.
ИСТРАГАТА ВОДЕНА НА „СЛЕП КОЛОСЕК“
Мицотакис за трагедијата зборуваше самокритично, во свое лично име, обраќајќи им се на своите сонародници, а не на партиите, признавајќи низа грешки направени од раководните органи и владата, енергично отфрлајќи ги сите инсинуации дека тој самиот прикрил докази. Тој додаде дека и самиот не е задоволен од истрагата, дека има сомнежи и пропусти, но дека надлежните органи ќе земат сѐ во свои раце.
– Ќе го свртам светот наопаку за да се осигурам дека правдата ќе биде воспоставена – рече тој во многу емотивното ТВ-интервју.
Медиумите во првичните реакции го критикуваа дека лично се осврнал на тврдењата за причината за судирот на возот по трагедијата, бидејќи, како што нагласуваат, за тоа има надлежни органи. Опозицијата, очекувано, му порачува дека емотивното интервју нема да го спаси од одговорност, обвинувајќи ја власта за лицемерство, пропаганда…
На 16 мај 2023 година роднините на жртвите поднесоа кривична тужба против премиерот Киријакос Мицотакис и други министри и функционери.
Во ноември 2023 година, девет месеци по несреќата, беше лоцирана црната кутија на возот „интерсити“ што учествуваше во директен судир. Уредот за снимање е пронајден, според „Катимерини“, во остатоците од вагоните, кои останале во складиштето на Грчката железница.
Во написот објавен од „Политико“ на 26 јануари 2024 година се тврди дека во писмото испратено од обвинителката на Европскиот обвинител (ЕППО), Попи Папандреу, на 2 јуни 2023 година до грчките власти, Папандреу истакнала дека за време на истрагата за несреќата „се појавиле сомневања за наводни кривични дела извршени од поранешни членови на грчката влада. Овие наводни кривични дела се однесуваат на прекршување на должноста извршена од страна на поранешниот министер Христос Спирцис и присвојување извршено од поранешниот министер Константинос Караманлис“.
Шефицата на ЕППО, Лаура Ковеси, во 2024 година забележа дека (несреќата) „никогаш немаше да се случи доколку проектите беа спроведени. Но ние сме буквално блокирани во нашите истраги… И затоа не можеме да ја дознаеме вистината. Да го направиме тоа, грчкиот устав би требало да се смени“.
ИЗБРИШАНИ ТРАГИ НА МЕСТОТО НА НЕСРЕЌАТА
На 17 јануари 2025 година Здружението на семејствата на жртвите од катастрофата Темпи го достави до апелацискиот истражител од Лариса заклучокот на нивниот технички советник Василис Кокотсакис. Конечниот извештај на експертот открива дека причината за експлозијата по пожарот во кој загинаа последните 30 луѓе што ја преживеаја несреќата биле течни хемиски растворувачи. Заклучокот, пред сè, покажува дека местото на несреќата било многу нарушено, бидејќи освен подготовките потребни за спасувачката акција и шутот, површина од околу два хектара била покриена со шут како чакал и бетон. Всушност, фактот што областа каде што паднаа остатоците од патничкиот воз беше многу внимателно закрпена (покриена со густо натопен каменоломен чакал и покриена со многу бетон) речиси ја отфрли можноста за собирање материјали (органски и неоргански) од теренот што би можеле да ги расветлат причините за фаталната експлозија.
Второ, експертот заклучува дека феноменот „огнена топка“ што се случи по судирот на двата воза не се должи на палење силиконски масла, како што е наведено во заклучокот на ОСЕ, туку на присуство и палење течни хемиски растворувачи, како ксилен и толуен (се користат во индустријата за бои, во хемиската индустрија и како инсектициди, најчесто како адитиви на бензините), кои незаконски се носеле во комерцијалниот воз, што придонело за интензитетот на пожарот и експлозиите.
Што се однесува на конкретниот случај поврзан со железничката несреќа во Грција и написите во медиумите дека „Мицотакис и целата јавност токму деновиве дознале дека во судирот барем триесетина млади лица можеле да бидат спасени доколку не дошло до експлозија, бидејќи во возот се превезувале опасни материи“, факт е дека во судирот учествувале две железнички композиции: еден товарен и еден патнички воз. Изразувајќи низа основани сомнежи за досегашниот тек на истрагата и извештајот од железничката несреќа, грчкиот премиер Мицотакис отвори и нова лавина прашалници…
ПО УПАТЕНИОТ ПОВИК НА ГРЧКИОТ ПРЕМИЕР МИЦОТАКИС ДЕКА ЌЕ БАРА ОДГОВОРИ од НАДЛЕЖНИТЕ ЦАРИНСКИ И ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБИ
Што велат експертите за процедурите за меѓународен и внатрешен транспорт на опасни материи во железничкиот сообраќај?
Нашите соговорници експерти за оваа проблематика истакнуваат дека доколку навистина стоката (која според грчките извори е дефинирана како опасна/запалива/експлозивна) тргнала од Скопје и била упатена во Грција, несомнено треба да се провери и потврди дали навистина сите субјекти и надлежни институции во Македонија (извозникот, организаторот на железничкиот транспорт, царинските органи, полициските служби) постапиле во согласност со законските прописи соодветни за извоз и транспорт на опасна/запалива/експлозивна стока.
Најпрво, соговорниците со кои се консултиравме издвојуваат дека со нашиот Закон за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај се уредуваат условите и начинот на вршење превоз на опасни материи во внатрешниот и меѓународниот патен и железнички сообраќај. Имено, точно сто и два члена од законот ги уредуваат надлежностите на државните органи. Во законот педантно се уредени условите што треба да ги исполнуваат превозните средства вклучени при транспортот на опасни материи, должностите на лицата што учествуваат во превозот на опасни материи, потребата за т.н. советник за безбедност, оспособувањето на лицата што учествуваат во превозот на опасни материи, пакувањето (амбалажата) на опасните материи при нивниот превоз…
Нашите соговорници подвлекуваат и дека „поради специфичноста на материјата, освен од домашното законодавство, во регулирањето на оваа проблематика (за превоз на опасни материи) се применуваат и одредбите од Европската спогодба за меѓународниот патен превоз на опасни материи (ADR), како и Конвенцијата за меѓународни железнички превози (COTIF), чиј составен дел е правилникот за меѓународниот превоз на опасни материи во железничкиот сообраќај (RID)“.
Што треба да се знае за
таканаречените опасни материи?
Соговорниците, цитирајќи го законот, велат дека „опасните материи врз основа на своите карактеристики се поделени во девет класи, и тоа: експлозивни материи и предмети, гасови, запаливи течности, запаливи цврсти материи, самозапаливи материи, материи што во допир со водата развиваат запаливи гасови, оксидирачки материи, органски пероксиди, отрови, заразни материи, радиоактивни материи, корозивни (нагризувачки) материи, како и класата на преостанати (други) опасни материи и производи“.
Натаму, одобрението за вршење превоз на опасни материи го издава Министерството за транспорт и врски по барање на превозникот. Па така, превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај може да врши превозник што поседува одобрение за вршење превоз на опасни материи во сообраќајот.
Што се однесува на товарењето или истоварот на опасните материи (или други постапки во врска со тоа, како што се наточување, претовар, преточување, источување, чување), Министерството за внатрешни работи во согласност со Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање и со Дирекцијата за радијациска сигурност ќе определи посебно место во складовите на правните или физичките лица во кои ќе се вршат натовар, прием, предавање и истовар на опасните материи. Имено, тие операции можат да се вршат само на посебно определени и заградени места на кои не се загрозуваат животот и здравјето на луѓето, животната средина и природата или материјалните добра, односно безбедноста на сообраќајот.
Мицотакис: Има многу прашања и за царината и за полицијата, бидејќи возот тргнал од Скопје
Што се однесува на конкретниот случај поврзан со железничката несреќа во Грција и написите во медиумите дека „Мицотакис и целата јавност токму деновиве дознале дека во судирот барем триесетина млади лица можеле да бидат спасени доколку не дошло до експлозија, бидејќи во возот се превезувале опасни материи“, факт е дека во судирот учествувале две железнички композиции: еден товарен и еден патнички воз. Изразувајќи низа основани сомнежи за досегашниот тек на истрагата и извештајот од железничката несреќа, грчкиот премиер Мицотакис отвори и нова лавина прашалници.
– Има многу прашања и за царината, бидејќи возот тргнал од Скопје. Ќе има исто така прашања и за полицијата, која не ги прегледала сите записи од камерите, туку тоа го направила половично…
Во врска со ваквите тврдења, соговорниците велат дека доколку постоел товар од опасна материја од територијата на Македонија, тогаш „царинскиот орган на граничниот премин (или друго место каде што се врши царински надзор) би требало да провери дали домашниот или странскиот превозник имал дозвола и документи и дали превозот ги исполнувал барањата на европските прописи (горенаведените конвенции и спогодби), по овој основ.
– Ако царинскиот орган утврдел дека не се исполнети условите, нема да дозволел влегување, односно излегување од територијата на Македонија, а во врска со тоа, царинскиот орган веднаш би требало да ги извести надлежните инспекциски органи – велат нашите соговорници.
За издвојување е дека во синџирот надлежни институции е и Министерството за транспорт и врски – Државниот инспекторат за транспорт, кој врши контроли, а за извршените контроли подготвува квартални извештаи со унифициран квартален преглед и истите тие ги објавува на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски. Х.И.