Отсекогаш кога се разгледувала некоја ментална болест, најголемото прашање било: колку постои наследен фактор. Најголемите истражувања досега биле насочени кон откривање на наследните фактори кај најтешките ментални болести како шизофренијата и слични психози, Алцхајмеровата деменција и сл. Стравот од ментално растројство ги наведувало постарите да бидат внимателни кога се склучувал брак помеѓу млади луѓе и просто било вообичаено да се истражат роднините од поширок круг на двете семејства сè со цел да се открие евентуална ментална болест.
Но во наредниов текст ќе видиме дека менталните болести не само што можат да бидат наследени туку можат да бидат во некоја смисла – преносливи (заразни)? Всушност познато ни е дека и некои однесувања се навистина преносливи помеѓу младата популација, па на пример ако другарите пушат, младиот човек станува „заразен“ со пушење, или за користење дрога, пиење алкохол и сл. Во таа насока и користењето на социјални медиуми, мобилни телефони, интернет, мобилни игри и слично се преносливи и претставуваат вистинска „зараза“.
Во најновото списание „ЈАМА сајкајатри“, на 22 мај 2024 г., се објавени некои интересни наоди за преносливоста на менталните болести.
Една нова студија сугерира дека тинејџерите што имале соученици што страдаат од ментална болест имаат значително поголем ризик за психијатриска дијагноза подоцна во животот, дури и кога биле под контрола на менталното здравје кај родителите или некои други социјални фактори.
Истражувањето дава нов доказ дека адолесцентите во специфична мрежа на врсници веројатно може да си „пренесат“ едни на други ментални нарушувања како што се депресија и анксиозност. Во таа насока, имањето соученик со ментална болест е поврзано со 3 отсто поголем ризик за последователна психијатриска дијагноза, открија истражувачите во оваа студија. Ризикот бил најголем – дури 13 отсто – во првата година од следењето и бил најсилен кога се во прашање расположението, анксиозноста и нарушувања во исхраната.
Се вели дека студијата е најголема досега на оваа тема, вклучувајќи податоци за повеќе од 700.000 деветтоодделенци во Финска, кои биле следени сè до 18-годишна возраст.
Сепак, експертите предупредија дека студијата не докажува дека соученикот со ментална болест доведува задолжително до подоцнежна психијатриска дијагноза кај врсниците.
Претходните студии на оваа тема објавија групирање на симптомите на расположението, нарушувања во исхраната и други психијатриски болести преку социјалните мрежи на адолесценти и возрасни. Истражувањето за пренесувањето на менталните нарушувања е особено важно во детството и адолесценцијата (кај индивидуите во развој). Сепак, и покрај неколку анкетни студии што известуваат дека адолесцентите може да доживеат зголемени симптоми од областа на менталното здравје кога се изложени на пријатели или врсници со такви проблеми, недостигаат големи студии за потенцијалните влијанија од врсниците врз менталните нарушувања кај младите луѓе.
Во најновата студија истражувачите користеле база на податоци од 713.809 ученици во деветто одделение, со еднаква застапеност на момчиња и девојчиња. Сите биле родени помеѓу 1 јануари 1985 година и 31 декември 1997 година. Околу 47.000 биле исклучени бидејќи веќе имале дијагноза за ментално нарушување пред да започне студијата.
Околу 666.000 ученици во 860 училишта биле следени од деветто одделение до првото дијагностицирано ментално растројство, појава на смрт, емиграција или, пак, сè до крајот на студијата во 2019 година. Просечното следење било 11,4 години.
Дијагнозите биле собрани од финските регистри за болничко, амбулантско лекување и од податоци од примарната здравствена заштита и вклучија дијагнози наведени во ICD-9 и ICD-10 како нарушувања со злоупотреба на супстанции, нарушувања од спектарот на шизофренија, нарушувања на расположението, анксиозни нарушувања, нарушувања во исхраната, емоционални и социјално-функционални нарушувања и хиперкинетски и други нарушувања на однесувањето.
Истражувани се полот, годината на раѓање, големината на одделението, урбаноста, морбидитетот, образованието, стапката на вработеност, образовното ниво на родителите и менталното здравје на родителите, сите пресметувани во одредената област, по случаен избор на училиштето. Севкупно, на четвртина (167.227) од учениците им било дијагностицирано ментално растројство.
Ризикот некој да биде дијагностициран со какво било ментално растројство бил за 3 отсто поголем во текот на целиот период на следење. Ризикот бил највисок во првата година од следењето, а потоа повторно се зголемил по четири и пет години, кога ризикот бил за 5 отсто поголем кога постоел еден дијагностициран соученик и 10 отсто повисок ако постоеле повеќе од еден дијагностицирани соученици. Ризикот бил значително зголемен во однос на расположението, анксиозноста и нарушувања во исхраната во секој период на следење. Истражувачите, исто така, забележале врска доза – одговор: колку повеќе имало ученици со психијатриска болест, толку бил поголем ризикот за подоцнежна ментална болест кај соучениците. Овие наоди сугерираат дека менталните нарушувања може да се пренесат преку адолесцентните врснички мрежи.
Истражувачите избрале да го опишат ширењето на менталните нарушувања меѓу соучениците како „пренос“, делумно поради тоа што терминот претходно се користел во стручната литература. Преносот (transmission) е точен термин за опишување на потенцијалните механизми со кои може да се шират менталните нарушувања.
Авторите претпоставуваат дека повеќе ученици може да бидат дијагностицирани дури кога нарушувањата се нормализираат, преку зголемената свест и приемчивост за дијагноза и третман.
Спротивно на тоа, стапката на нарушувања, исто така, би можела да се зголеми – особено во првата година од следењето – ако немало ученици во врсничката мрежа на кои им била дијагностицирана ментална болест. Без конкретен пример кај другарче, тоа може да го обесхрабри ученикот да побара помош дури и ако забележи некој симптом кај себеси.
Авторите, исто така, забележале дека е можно долгорочната изложеност на депресивна личност да доведе до постепен развој на депресивни симптоми преку добро воспоставените нервни механизми на емоционална зараза. Ова особено е потврдено во семејства каде што родителите се депресивни, па истата таа состојба ги „заразува“ и децата. Од друга страна, постои теорија дека соучениците со психијатриска болест може да ги превенираат појавите на овие состојби кај другарчињата токму поради навремено барање стручна помош. Штом некој е дијагностициран или добива третман, нивните врсници добиваат имплицитна дозвола да можат потоа да ги изразат своите симптоми или да ги изразат своите проблеми, кои можеби ги криеле или не ги препознале.
Бројките за ризикот добиени во студијата се малку повисоки отколку што би се очекувало, што потврдува дека влијанието од врсниците е поголемо отколку што досега било докажано.
Студијата е забележлива по употребата на сеопфатни регистри, кои помогнале да се зацврсти интегритетот на податоците, а резултатите нудат некои потенцијални нови насоки за третман, како што е добивање поддршка од колегите/соученици. Досега било познато дека ваквата поддршка е корисна во третманот на возрасни, но помалку се користела кај адолесцентите.
Оваа студија била финансирана од Европската Унија и Финската академија, што ѝ дава особен кредибилитет.
И да заклучиме, како што се пренесуваат заразните болести, на сличен начин разните ментални растројства можат да бидат пренесени од еден млад човек на другарите и околината. Овој пренос е сличен како преносот на заразните болести, само што овде немаме бацил или вирус, туку модел на однесување и одредени симптоми. Затоа е неопходно поголемо внимание на сите ризични однесувања кај младите и брзи стручни интервенции, а сѐ со цел спречување на ширењето на проблемите кај соучениците.