Тенденцијата за милитаризација на ЕУ продолжува
Тони Гламчевски, специјален известувач од Нанси за Нова Македонија
Дури и пред да биде потпишан, тој веќе се нарекуваше „Договорот од Нанси“. Историјата, со големо Х, треба да запомни дека токму пред нозете на статуата на Станислав Лешчински ќе биде исппишан голем дел од јакнењето на Европа. Додека руската воена парада ќе има за цел да ја прослави победата над нацизмот пред 80 години, францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск ќе се ангажираат овој петок попладне за некаков „договор за пријателство и зајакната соработка“, со акцент е ставен на воено-безбедносни прашања.
Никогаш непријатели, секогаш сојузници: францускиот и полскиот народ, кои никогаш не војувале еден со друг, конечно ќе потпишат историски договор за пријателство. И кога стануваше збор за откривање на неговите контури, ништо не беше оставено на случајноста.
Деветти мај, Денот на Европа, беше избран од Емануел Макрон и Доналд Туск за да го запечатат своето партнерство. Средбата во францускиот град Нанси, за подобрување на француско-полската соработка исто така не е несимболична, бидејќи токму тука во 1737 година нашол засолниште Станислав Лешчински, соборениот крал на Полска чија ќерка беше омажена за Луј XV. Имено, за потсетување, принуден во егзил од австриската и руската војска, тој станал војвода од Лорен, оставајќи свој печат во Нанси градејќи го плоштадот Станислас, кој се смета за еден од најубавите плоштади во Франција и Европа. Два века подоцна, десетици илјади Полјаци ќе дојдат да работат во рудниците, создавајќи врски со идните генерации и зацврстувајќи го своето присуство меѓу населението на Лорејна.
Три века подоцна, зближувањето меѓу Париз и Варшава добива уште поголем одек бидејќи, во исто време, на неколку илјади километри оддалеченост, Владимир Путин ги пречекува неколкуте шефови на држави во Москва, вклучувајќи го и кинескиот претседател Си Џинпинг, кои дојдоа да присуствуваат на традиционалната воена парада на руската армија на Црвениот плоштад, која секоја година ја слави победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија и другите сили на фашистичката оска.
Во една битка на наративи и сојузи, француско-полскиот тандем се претставува себе си како европски чувар, додека Кремљ според зборовите на западниот либерален наратив, останува „видливата закана за безбедноста на континентот“, а според истиот тој европски-либерален наратив, „американската поддршка е спорадична“…

Поновите пактови на Франција со европските држави
Досега, Франција имаше парафирано само три билатерални договори од ваков калибар со европски сили. Со тоа, Полска се приклучува на затворениот круг на кој веќе припаѓаат Германија(1963 и 2019 година), Италија (2021 година) и Шпанија (2023 година), ова ќе биде првата обврска од ваков тип потврдена со држава што не граничи со Франција. Тоа ја илустрира (наводно, според Париз) „европската желба, надвор од врските што природно ги обединуваат членовите на ЕУ“, да склучи пактови меѓу главните сили, со заканувачката сенка на конфликтот во Украина, а таа е единствената, која не граничи со Франција. Ова ќе го конкретизира поместувањето на геополитичкиот центар на гравитација на Европа кон исток, што го тврдеше Емануел Макрон за време на неговиот говор одржан во Братислава на 1 јуни 2023 година. „Не сме го слушале секогаш доволно овој глас што го носевте, кој повикуваше на признавање на вашата историја и вашите болни сеќавања. (…) Ова време е завршено и денес, овој глас мора да биде наш глас“, изјави тогаш францускиот претседател од словачката престолнина, жалејќи за „недоволното ангажирање на Франција во регионот“.
Овој договор има за цел „да го подигне француско-полското партнерство на високо ниво на амбиција во стратешките области“, соопшти Елисејската палата, „особено одбраната и енергетиката“.
Париз одамна сакаше ажурирање на рамката на соработка со Варшава
За Елисејската палата, беше крајно време да се ажурира рамката за соработка со Варшава, клучен партнер, како „западен гарант на источната граница на Европската Унија и НАТО“. Последниот голем текст што ги поврзува двете земји датира од 1991 година и ја истакнува потребата од поддршка на Полска во нејзиното пристапување кон Европската Унија… Враќањето на власт на либерално ориентираниот Доналд Туск на бреговите на Висла на крајот од 2023 година ѝ овозможи на Франција целосно да се вклучи во преговорите. Пред тоа, традиционалисти и суверенист од партијата „Закон и правда“ се оддалечија од неолибералната линија на Париз, а што се потврди од откажувањето на договорот за 50 француски хеликоптери „Каракал“ во 2016 година за Полска.

-Импулсот е во тек, забележува Арно Данжан, поранешен европски пратеник и специјален советник за меѓународна политика на поранешниот премиер Мишел Барние. „Да му дадеме суштина на овој текст-договор, во наредните месеци“, повикува овој експерт за регионот, кој тврди дека работел на тоа Варшава да стане една од кардиналните точки на европскиот компас на Париз.
Холистички француско-полски договор
Иако договорот е наменет да биде холистички, опфаќајќи сè, од економијата до енергетиката, културата и дигиталната технологија, со оглед на контекстот, акцентот е ставен на безбедносните прашања. На хартија, синергиите се тука: Полска, на првата линија против Москва, посветува 5% од своето национално богатство на одбрана, што е рекорд во рамките на НАТО, додека Франција има втора најголема индустрија за извоз на оружје во светот. Варшава моментално ги фокусира своите воени купувања на американска и јужнокорејска опрема. Но, Париз се надева дека овој тренд ќе се ублажи. Елисејската палата ја истакнува компатибилноста на своите транспортни авиони и авиони за полнење гориво со 32-та Ф-35 што Полска ќе ги има до 2030 година, капацитетот на нејзината индустрија за снабдување со артилериска муниција и внимателно ги следи проектите за модернизација на полската морнарица. „Туск ја посети Холандија два дена пред потпишувањето на Договорот од Нанси. „Но, Холанѓаните купуваат француска опрема за да ја опремат својата морнарица“, забележува Марек Свиерчински, раководител на одделот за меѓународна безбедност во „Политика Инсајт“.
Европска милитаризација во подем?!
„Франција е клучен партнер за нас, со кого веќе соработуваме“, увери за „Ле Фигаро“ Владислав Косињак-Камиш, министер за одбрана и втор човек во полската влада. „Во вторник го отворив производството на нова фрегата, во која учествуваат француски компании. „Нашата соработка во воздухопловниот сектор е исто така многу добра“, продолжи претпазливо министерот, велејќи дека е „убеден дека набавките ќе продолжат во двата правци“.
Варшава е заинтересирана да види какви било дополнителни безбедносни гаранции што би ѝ овозможиле да ја намали зависноста од Вашингтон. „Градењето близок сојуз со друга нуклеарна сила е важно“, вели експертот. Полска внимателно ги следи дебатите поврзани со проширувањето на „француското нуклеарно одвраќање“ во други европски земји. Иако полскиот министер за одбрана го потврди својот „интерес за прашањето“, потенцијалните форми на имплементација остануваат нејасни. Стратешката заедница плашливо дискутира за можното привремено распоредување на борбени авиони „Рафал“.

Тврдокорен Вајмарски троаголник
Освен француско-полското сојузништво, доаѓањето на власт на Фридрих Мерц во Германија, страстен поддржувач на „европското оживување“, ги разгорува надежите. Новиот канцелар го направи Вајмарскиот триаголник – форматот на соработка меѓу Париз, Берлин и Варшава – приоритет, што јасно се гледа од неговите последователни посети на двата главни града еден ден по преземањето на функцијата. Божји дар, според „Фигаро“ , затоа што токму овој триаголникќе направел „заеднички фронт против Владимир Путин, што би било од витално значење“. (?!)
Макрон неразумно воинствено вели дека „пактот меѓу двете земји е дел од желбата за посилна, понезависна и посуверена Европа“, потврди Елисејската палата.
Со тоа, акцентот во Нанси ќе биде ставен на потребата од „продолжување на зближувањето на редовите во Европа за да се предвиди евентуално влошување на воената ситуација“.
Очигледно, политиката на европските либерални елити се интензивира во насока на тежиште кон милитаризација на големите европски држави, наспроти залагањата на Вашингтон, Пекинг, па и Москва…