Фото: Игор Бансколиев

Според истражувањата на „Нова Македонија“, на поголемиот дел од факултетите студентите имаат пристап до литература на македонски јазик, меѓутоа има и предмети што сѐ уште никој ги нема преведено или, пак, за кои нема приредено соодветен учебник. Друг проблем, како што лоцираат студентите, е што голем дел учебници, особено преведените, не се квалитетни

Истражување што лоцира симптоматични појави поврзани со дидактичките материјали за студентите

Академскиот статус на студентите во 21 век веќе не е тесно ограничен исклучиво на земјата и средината во која студираат, туку сѐ повеќе се покажува дека високото образование треба да ги подготви за глобалниот пазар на трудот. Сепак и понатаму е актуелно педагошкото искуство дека новите сознанија најбрзо и најлесно се восприемаат на мајчиниот јазик. Оттука, постојан предизвик на образовниот систем на една држава е да овозможи учебници и литература за студентите на нивниот мајчин јазик. Основно право на секој студент е областа што ја одбрал да ја изучува на својот мајчин јазик.
Меѓутоа, на македонските факултети сѐ уште можат да се најдат учебни помагала на српски, хрватски, српско-хрватски и на англиски јазик. Според истражувањата на „Нова Македонија“, на поголемиот дел од факултетите студентите имаат пристап до литература на македонски јазик, меѓутоа има и предмети што сѐ уште никој ги нема преведено или, пак, за кои нема приредено соодветен учебник. Друг проблем, како што лоцираат студентите, е што голем дел учебници, посебно преведените, не се квалитетни.

– Според Законот за високо образование, професорите мораат да објавуваат стручни трудови. Дел од законот не се спроведува, или се спроведува така што се преведуваат трудови, но многу често тие се застарени, не се во тек со научните текови, и кога одат на евалуација се проценуваат како недоволно добри. Од пишувањето на научните трудови зависи и нашата позиција на Шангајската листа, но важен е и буџетот што се издвојува од државата за трудови – вели Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Тој смета дека научните трудови се клучни за образованието, а со тоа на повисока позиција се вреднува севкупното македонско образование.
– Литературата што се пишува на македонски не кореспондира со местото на Шангајската листа. УКИМ беше на 450-то место на листата, а сега сме излезени од првите 1.000. Самото рангирање зборува за квалитетот на образованието. А од тоа зависи каква работна сила излегува од факултетот. Сепак, треба да се земе предвид и дека две години имавме онлајн настава, па и тоа може да придонесе за квалитетот на работната сила. Дипломата што се добива како завршен студент, ако се добива од факултет што котира ниско на листата, нема да значи многу во европски и во светски рамки. Да си на 1.500-то место на Шангајската листа и да отидеш да работиш во странска фирма, твојата диплома нема да значи многу – вели Темелковски.
Според него, клучен проблем е немањето доволно финансиски средства за објавување стручна литература и научни трудови.
Целта на УСС годинава е да ја потенцира важноста на научноистражувачката дејност како столб на образованието и оттаму планираат да иницираат и да организираат конференции на кои студентите ќе можат да ги презентираат своите научни истражувања и трудови.

За книги се бараат и спонзори

Од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ велат дека само во периодот од 2000 до 2022 година, како задолжителна или посочена дополнителна стручна литература на македонски јазик во наставно-образовниот процес за нивните студенти на располагање се 94 изданија на книги – учебници, 20 практикуми и 67 интерни скрипти. Тие се напишани од нивни автори – наставен кадар на ФЗНХ. Книгите се леснодостапни и ги има во матичната библиотека на Факултетот, скриптарницата на Факултетот, како и во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
– Факултетот континуирано прави напори со сопствени средства да даде придонес во издавачката дејност, а некои од испечатените изданија се финансирани од стопанството и/или од самите автори – професорите. Исто така, преку одредени проектни активности се објавени и поголем број прирачници од областа на земјоделството, кои може да ги користат сите оние што се заинтересирани за оваа област – вели проф. д-р Ромина Кабранова, продеканка за настава при ФЗНХ.
Студентите од Технолошко-металуршкиот факултет, како што велат оттаму, генерално се држат до современите трендови на развојот во полето на технологијата и металургијата, па во вториот и третиот циклус од студиите многу често учат и од литература на англиски јазик.
– Прогрес во полето на соодветна литература на македонски јазик има бидејќи во согласност со критериумите за напредување во звања на наставниот кадар се бара во период од пет години да имаат издадено учебник, збирка задачи или лабораториски практикум за вежби. За да се подобри состојбата во наставата, потребно е најпрвин да се подобри состојбата во науката на факултетите, бидејќи тие се во силна спрега. За таа цел е потребно зголемување на вложувањата од страна на државата во науката (најмалку 1 отсто од БДП), а потоа и промена на критериумите за напредување во звања и избор на наставниот кадар на факултетите – вели проф. д-р Јадранка Блажевска-Гилев од Технолошко-металуршкиот факултет.

Државата да го зголеми финансирањето за наука

Од Филозофскиот факултет во Скопје велат дека во континуитет објавуваат научни трудови, учебници и студии, меѓутоа генерално секое издание е самофинансирано. За да се надмине проблемот, како што велат оттаму, единствено решение е повторно да се оддели науката како посебно министерство, да се зголеми процентот на финансирање од буџетот за научни проекти и публикации.
– Филозофскиот факултет е меѓу ретките што самостојно финансираат објавување учебници и монографии за студентите според своите можности. Ако на тоа ги додадам и преводите на значајни филозофски, историски и научни книги на македонски јазик, како и објавувањето двојазични монографии, нашите студенти немаат проблем со достапна литература на македонски јазик – вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет при УКИМ.
Треба ли да се подели Министерството за образование и наука?
Дуев предлага дека за полесно да се реши проблемот со објавувањето публикации и научни трудови, најдобро е Министерството за образование и наука да се оддели, посебно да биде образованието, посебно науката.
– Во минатото, Министерството за наука беше задолжено за финансирање високошколски учебници. Со неговото укинување, високообразовните институции се соочија со големи проблеми во делот на финансирање на научноистражувачките проекти, учебниците и монографиите. Така, професорите и институциите беа оставени сами на себе, да бараат разни извори на финансии за печатење и издавање научна литература, што во голема мера го намали бројот на научни дела на македонски јазик. За да се надмине проблемот, единствено решение е повторно да се оддели науката како посебно министерство, да се зголеми процентот на финансирање од буџетот за научни проекти и публикации – вели проф. д-р Дуев.
Од Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, пак, велат дека речиси цела литература е на македонски јазик, иако се наоѓа и литература на српски и хрватски јазик. За да се надмине овој проблем, оттаму велат дека мора да се помогне институционално, со инвестирање во науката.

На штипскиот универзитет студентите не плаќаат за книги

Мишко Џидров, проректор за настава на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, тврди дека е неопходно на студентите да им се овозможи литература на македонски јазик.
– Сите професори имаат законска обврска да имаат издадено учебник по предметот што го предаваат. Така што таков проблем на нашиот универзитет немаме. Објавените книги не ги наплаќаме, студентите можат сами да си ги симнaт од електронската библиотека. На времето јас учев од српско-хрватска литература, ама тоа не е во ред. Професорите треба да најдат време, може и во тимови да работат, ама мора да се направи македонска верзија на тоа што го предаваат. Сметам дека во 21 век не е соодветно да нема учебници и книги на македонски јазик – смета Џидров.


Информатичарите не можат да постигнат да преведуваат учебници на македонски

Интересен е ставот од ИТ-факултетите, каде што сметаат изучувањето на предметите на македонски јазик не носи напредок. Според професорите од овие факултети, динамиката на развојот на информатиката и технологијата е толку брза и променлива, што не се стигнува да се направи соодветен превод на термините на македонски јазик. За нив е потребна само литература на англиски јазик, за да се следат последните научни истражувања во светот.
– Во нашата професија не охрабрувам форсирање на македонскиот јазик од неколку аспекти: во информатиката динамично брзо се менуваат технологиите и науката. Нема време да се преведе нешто. Додека се преведе, ќе излезе ново и преведеното ќе биде веќе застарено. Нашата држава е малечка, нашите експерти треба да работат на глобално ниво, работат за надвор и носат пари во Македонија. Тие мора да бидат вешти со англискиот јазик и треба да бидат подготвени за сите технички термини. Со оглед на тоа дека динамично се менува науката, мораат да учат од интернет и да следат на англиски јазик. Ако ги учиме на термини на македонски јазик, многу потешко ќе се снајдат во информатиката. За да можат цел живот континуирано да учат, не мислам дека е корисно да им се преведуваат книги. Можеби само за базичните предмети, основни програмирања или математика, меѓутоа за наука што многу брзо се менува, мислам дека нема простор за преводи – вели проф. д-р Иван Чорбев од ФИНКИ.