Фото: Архива „Нова Македонија“

На 12 февруари 2019 година стапи во сила Преспанскиот договор, врз основа на уставните амандмани изгласани во Собранието на Македонија еден месец порано, на 11 јануари. Се случи еден ултимативно наложен политичко-идентитетски „инженеринг“ (од страна на Грција и на меѓународната заедница), врз името, историјата и политичката волја на македонскиот народ, кому му се наметна меѓународен договор спротивен на сите принципи и норми на меѓународното право

ПЕТ ГОДИНИ ОД СТАПУВАЊЕТО ВО СИЛА НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА

Република Македонија е во длабока „преспанска темнина“ веќе седма година, но прашањето, од гледна точка на применетата политика, е што да се преземе денес, дали и како може светлината на македонската ѕвезда од Кутлеш да ја тргне „преспанската темнина“? Како и кога би можел да се поништи Преспанскиот договор?
Навистина, силно аргументиран од страна на меѓународноправни експерти е начинот на еднострано поништување – со испратена дипломатска нота, во која ќе се цитира дека тој и тој принцип на меѓународното право е прекршен и – завршена работа. Меѓутоа, со оглед на отсекогаш силниот политички импакт врз меѓународното право и мешавината од право и политика што се создава во меѓународните односи и ги обликува реалните меѓународни односи, тоа значи дека не е баш толку едноставна постапката што би сакале да заврши како – успешна!
Според анкетата со десетина професори по меѓународно право, неколку аналитичари и политиколози, Преспанскиот договор може да се поништи, но само во услови на веќе добро подготвена меѓународна и внатрешна политичка клима. Соговорниците нагласуваат дека Преспанскиот договор во таква клима и бил донесен (политичка неолиберална конјунктура во Европа и Америка), и тоа насилно, како фактички проект на низа меѓународни чинители.


„Нова Македонија“ во низа наврати пред најшироката општествено-политичка јавност, домашна и странска, претстави недвосмислени аргументи дека Преспанскиот договор е во судир со клучните принципи на меѓународното право, како што е и перемпторната (беспоговорна, задолжителна) норма на општото меѓународно право, именувана јус когенс. Во продолжение, за читателите претставуваме уште еден клучен извадок од оригиналниот документ на Комисијата за меѓународно право на Генералното собрание на ООН, каде што се наведува и дека принципот јус когенс го опфаќа правото на самоопределување на секоја нација, кое толку драстично и целосно му е оспорено, поништено, на македонскиот народ

Преспанскиот договор му го поништи правото на македонскиот народ и да одлучува самиот за својата судбина во меѓународниот поредок

На својата официјална интернет-страница, Правниот факултет на престижниот Универзитет „Корнел“ од Њујорк, САД, многу јасно прецизира дека „самоопределувањето го означува законското право на секој народ самиот да одлучува за својата судбина во меѓународниот поредок“.
– Самоопределувањето е клучен, суштински принцип на меѓународното право, кој произлегува од меѓународното обичајно право, но тој, исто така, е признаен како општ принцип на правото и е вкоренет во голем број меѓународни договори. На пример, правото на самоопределување е заштитено со Повелбата на Обединетите нации и со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права како право на „сите народи“ – нагласува Правниот факултет на Универзитетот „Корнел“ во врска со правото на национално самоопределување, како и за сопственото одлучување за својата судбина во меѓународниот поредок, што македонскиот народ си го извојува со пролеаната крв на многуте загинати борци и херои во Втората светска војна, но тоа право му беше згазено со Преспанскиот договор.

Оригиналниот документ на ООН како валидна основа за раскинување на Преспанскиот договор

Во продолжение ги пренесуваме споменатите извадоци од односниот документ на ООН, кој меѓу другото претставува вредна и важна меѓународноправна основа што го прави Преспанскиот договор ништовен.
Седумдесет и трета седница на Комисијата за меѓународно право на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, одржана во Женева, 18 април-3 јуни и 4 јули-5 август 2022 година.

Нацрт-извештај на Комисијата за меѓународно право

Поглавје IV. Перемпторни норми на општото меѓународно право јус когенс

Прв дел. Заклучок 12
Последици од невалидноста (ништожноста) и раскинувањето на договорите, кои се во спротивност со перемпторната (задолжителна, беспоговорна) норма на општото меѓународно право јус когенс

1. Страните во договорот, кој е неважечки како резултат на тоа што биле во судир со перемпторната норма на општото меѓународно право јус когенс во времето на склучувањето на тој договор, имаат законска обврска:

(а) да ги елиминираат колку што е можно последиците од кој било чин извршен врз основа на која било одредба од договорот што е во судир со перемпторната норма на општото меѓународно право јус когенс; и

(б) да ги усогласат нивните меѓусебни односи со задолжителната норма на општото меѓународно право јус когенс.

Во делот 4 заклучок 23 под точка х е прецизирано дека принципот јус когенс се однесува и на правото на самоопределување.

Трет дел. Правни последици од перемпторните норми на општото меѓународно право јус когенс

A/74/10

144 ГЕ.19-13883

Заклучок 10
Договори што се во судир со перемпторната норма на општото меѓународно право јус когенс
1. Договорот е неважечки ако во моментот на неговото склучување е во судир со перемпторната норма на општото меѓународно право јус когенс. Одредбите на таквиот договор немаат правна сила.

2. Секој договор што е во судир со перемпторната норма на меѓународното право станува неважечки и се прекинува.

3. Страните на таквиот договор се ослободени од секаква натамошна обврска за спроведување на тој договор. Св.Т.

Извадок од оригинален документ на ООН дека меѓународните договори, кои се во судир со перемпторната (задолжителна, беспоговорна дорма јус когенс на општо меѓународно право, се ништовни и без правна сила, оти таквите договори треба да се раскинат, а притоа ниедна страна-потписник на таквите говори нема никаква натамошна обврска да спроведува таков меѓународен договор во судир со принципот јус когенс


Предупредувањето на професорката Половиќ за Преспанскиот договор и за Македонија

Водич за тоа „како да се размонтира сопствената држава“

Во својата анализа со наслов „Случај Македонија: Како да се размонтира сопствената држава“, објавена на аналитичкиот портал „Геополитика.њуз“ на 4.2.2019 година, д-р Јадранка Половиќ, професорка по политички науки и меѓународни односи во Факултетот за меѓународни односи на меѓународниот универзитет „Либертас“ во Загреб, напиша:
„…уште во 1967 година Грција ѝ го оспори на Македонија правото на ова име…“,
„…на Грција по Балканските војни (1912-1913) ѝ припадна најголемиот дел на Македонија – Егејска Македонија, од која Македонците беа протерани во периодот 1922-1930 година, како и во текот на Граѓанската војна во Грција од 1945 до 1949 година…“
„…на спорот со името се надоврзуваат и неколку други проблеми: името на државата, етничката припадност, македонскиот јазик и користењето на националното знаме…“
Анализирајќи, професорката Половиќ многу јасно и отворено се осврнува на „…процесот на внатрешното самоуништување на Република Македонија…“ под „…диригентската палка…“ на „…главниот македонски Американец…“ Зоран Заев.
– Македонските соседи, покрај Грција, и Бугарија, Албанија и Косово, измислија нов метод, кој постави темели на процесот на внатрешното самоуништување на Република Македонија. Главниот македонски „Американец’“, премиерот Зоран Заев, со договорите со Атина и со Бугарија го избриша постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик, додека со Тиранската платформа и со законот за двојазичноста отвори простор за федерализација на Македонија – предупреди Половиќ пред шест години. Св.Т.


Со Преспанскиот договор се укина основното меѓународно право на национален идентитет. Така што таквиот договор, всушност, претставува чин на етноцид (убиство на народ – л. заб.) и културен геноцид извршен врз народот на Македонија, а дополнително е и против основните принципи на самоидентификација, самоопределување, суверенитет и политичка независност на државата

Преспанскиот договор е неважечки и од аспект на Виенската конвенција од 1969 година

Извршен акт на културен геноцид врз Македонците

Во првиот дел од својот фељтон со наслов „Македонија беше подложена на наметнати и дополнителни услови за прием во Обединетите нации“, објавен во весникот „Нова Македонија“ на 10.6.2024 година, професорот по меѓународно право д-р Игор Јанев аргументира дека Преспанскиот договор спроведува токму еден вид геноцид врз македонскиот народ.
– Во согласност со Договорот од Преспа, националниот идентитет на македонскиот народ беше нелегитимно и незаконски променет, со што се укина основното меѓународно право на национален идентитет. Така што таквиот договор, всушност, претставува чин на етноцид (убиство на народ – л. заб.) и културен геноцид извршен врз народот на Македонија, а дополнително е и против основните принципи на самоидентификација, самоопределување, суверенитет и политичка независност на државата – напиша Јанев во овој свој фељтон.

Ерјона Рамај, Европски универзитет од Тирана, Албанија, за нормите што не може да бидат прекршени од ниту една држава, ниту преку меѓународни договори

Во својата научна статија со наслов „Обврзувачки меѓународни норми: jus cogens“, објавена во „Европскиот журнал за одржлив развој (2016), 5, 3, (стр. 318) доктор Ерјона Рамај од Европскиот универзитет од Тирана, Албанија, е категорична дека нормите јус когенс не можат да бидат прекршени од ниту една држава преку меѓународни договори.
„Членот 53 од Виенската конвенција од 1969 година за правото на договорите вели дека меѓународниот договор се смета како неважечки ако е во спротивност со постојните норми на јус когенс“, предупредува Рамај.
Таа посочува и на еден друг многу важен момент, кој се однесува во целина на Преспанскиот договор и неговите последици за македонскиот народ: оти принципот на јус когенс се однесува и на спроведувањето геноцид врз еден народ, дека тој врховен принцип на општото меѓународно право забранува доведување кој било народ во ситуација да се врши врз него каква било форма геноцид.
„Принципот јус когенс е цврсто вкоренет во меѓународното право и се однесува на злосторства против човештвото, на геноцид. Нормите јус когенс се норми на меѓународното право, кои се толку важни што не можат да се променат преку договори. Јус когенс е норма на безусловното, беспоговорно меѓународно право, прифатена и признаена како норма од страна на меѓународната заедница, од која не е дозволено отстапување“, нагласува Ерјона Рамај.


Научна студија за Преспанскиот договор

Во Нивици се ослободи грчката држава од нејзините злосторства,
сторени во минатото, кон егејските Македонци

Адријан Ватерс: Преспанскиот договор е поткопување на идентитетот, националното самоопределување и суверенитетот на македонската нација!

Адријан Ватерс на 11 јануари 2019 година објави своја обемна научна статија со укажувачки наслов „Вистината за Преспанскиот договор“, која е исклучително важно да ѝ се претстави на најшироката македонска јавност, поради објективниот и аргументиран пристап кон причините за насилното наметнување на Преспанскиот договор од страна на меѓународната заедница, во прв ред од САД и ЕУ, како и за последиците од него. Ватерс е докторски студент по право и политика на Универзитетот во Грац, Австрија, како и научен истражувач во неколку европски институти и истражувачки организации.

Произволен меѓународен инженеринг против желбите на Македонците

„Нова Македонија“ донесува само неколку клучни извадоци од оваа научна статија, во која Адријан Ватерс врз основа на консултирањето многу голема научна литература и медиумски извори констатира: „Преспанскиот договор ја ослободува грчката држава од нејзините злосторства, сторени во минатото, кон егејските Македонци, кои ги вклучуваат присилното погрчување, ликвидацијата и интернирањето на водачите на македонската заедница, забраните за слободно движење, забраната за јазикот и етничките белези, како и протерувањето на луѓето од земјата, каде што живееле со векови. Преспанскиот договор ги раздвојува Македонците, бидејќи не го зачувува нивниот единствен идентитет. Тој е, исто така, навреда и одбивање на правото на национално самоопределување: ако државното име на државата се определува однадвор, а не внатрешно, тогаш таквиот договор ѝ пркоси на волјата на населението. Понатаму, на Македонија ќе ѝ се ускрати правото на уставен суверенитет… Договорот од Преспа докажува дека Македонија е подложена на арбитрарен, произволен меѓународен инженеринг против нејзините желби и со ограничена јавна поддршка за договорот во двете страни, и во Македонија и во Грција“.

Ватерс: Македонија – најслабата алка

„Приемот на Македонија во НАТО ќе ја олесни стратегиската цел за надминување на неутралната надворешна политика на Србија и за ограничување на руското влијание на Балканот. Договорот од Преспа беше смислен со ова како негова главна цел. Западот продолжи да се меша во внатрешните работи на земјата. Водечки политичари од САД и од ЕУ, како што се германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, ја посетија Македонија за да ги убедат гласачите да го поддржат договорот. Меѓународниот притисок се применуваше исклучиво врз најслабата нација“.
„Јасно е дека актуелната македонска и грчка влада не направиле ништо корисно за нивните сонародници и оти Договорот од Преспа е ’чадна завеса’ за нивните неуспеси и предавства, што само ќе ги влоши антагонизмите во двете земји и меѓу двете земји. Подобрите односи со странство се извонредна цел, но тие не смеат да се остварат по цена на поткопување на идентитетот, суверенитетот и волјата на една нација“.

Свето Тоевски