Балканот како сеизмограф за новиот концепт на НАТО – систематизираност и ефикасност
Ако глобалната трансформација на НАТО значи постепено поместување од централизирана, американски загарантирана безбедност кон повеќеслојна и децентрализирана архитектура, тогаш Западен Балкан е токму местото во кое таа трансформација брзо ќе се почувствува. Овој регион историски не функционира како периферија, туку како сеизмограф: тука најрано се детектираат тектонските поместувања меѓу големите сили.
Зошто Балканот и по ова прашање е крајно специфичен безбедносен лакмус?
– Балканот е специфичен поради три фактори, и тоа бидејќи сѐ уште има нерешени државни, а и идентитетски прашања, како на пример статусот на Косово, уставната архитектура на Босна и Херцеговина, српско-албанските односи, па и наметнатиот македонски проблем од страна на источниот и јужниот сосед. Во однос на Алијансата, Балканот има хетероген безбедносен распоред. Имено, дел од државите се членки на НАТО (Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора), дел се воено неутрални (Србија), дел во комплексна внатрешна структура (БиХ). Историски факт е дека на Балканот се појавуваат периодично безбедносни жаришта, специјални операции, паравоени формации, трансгранични милитантни структури. Па токму во ваков амбиент, секое слабеење на апсолутната сигурност што ја дава трансатлантската кохезија автоматски отвора простор за регионално преуредување – вели нашиот соговорник, професор на воената академија во Скопје.
Минилатерализам наместо монолитна НАТО-структура?
Во услови кога се отвора сомнежот за целосна и апсолутна американска посветеност кон НАТО, државите почнуваат да размислуваат во категории на минилатерални безбедносни формати како билатерални и трилатерални одбранбени договори, регионални воени иницијативи.
Така, на пример, најновиот воено-технички триаголник Тирана–Приштина–Загреб се чита различно во различни балкански престолнини. Така, за Албанија и Хрватска овој пакт се чита како дополнителна координација меѓу балкански сојузници. За Косово, ова сигурно значи (во Приштина) засилување на меѓународната легитимност! Од друга страна, за Србија ова е стратегиска порака во која натежнува призвукот на закана.
Најпосле, за Македонија, во јавноста ова прашање предизвикува непријатност и чувство на несигурност или, пак, изложеност на нешто што од поблиската и подалечната историја на Македонија предизвикало негативни последици врз граѓаните, територијата и имотите.
Сепак, според мислењата на соговорниците, овие мини-формати не мора да значат распад на НАТО. Но тие укажуваат дека довербата во универзалниот механизам на колективна одбрана веќе не е доволна сама по себе.
Косово како сѐ уште тлеечко регионално безбедносно жариште
Како што споменавме погоре, за македонската јавност, прашањето не е апстрактно. Познато е дека во 2001 година, вооружени структури поврзани со косовскиот конфликт пенетрираа во Македонија и прелеаја тешка безбедносна криза од Косово во Македонија, потоа предизвикувајќи и внатрешна безбедносна криза. Во годините што следуваат, иако нашата граница е демаркирана, поради низа фактори, од природни, преку технички, до човечки, таа граница остана најпорозна и нелегалните активности продолжија непречено да течат, што значително влијае на општата безбедност и суверенитет на Македонија.
Натаму, да не се заборави дека, во 2015 година, настаните во Куманово („Диво Насеље“) повторно отворија прашања за трансгранични милитантни флуктуации и поврзувања во мрежи, прелевања на безбедносните проблеми и создавање институционална ранливост.
Оттука, секоја идеја за нов воен или безбедносен формат во кој во централна оска е вклучено и Косово, во македонската стратегиска мисла не може да се третира исклучиво како симболичка дипломатија. Таа неминовно се чита и низ призма на историско искуство.
– Важно е да се нагласи дека современото Косово е под силно меѓународно присуство и формално ориентирано кон евроатлантска интеграција. И тоа треба да се има предвид. Но, сепак, перцепцијата на закана не е само правно прашање, туку прашање на доверба и меморија – тврдат нашите соговорници, експерти од областа на безбедноста. П.Р.
Македонија помеѓу колективната гаранција на Алијансата и регионалната реалност
Се ситни ли јатото на НАТО?
- Македонија како членка на НАТО би требало формално да ужива највисок степен на безбедносна гаранција. Но што значи тоа во сценарио на постепена децентрализација на Алијансата?
Соговорниците, професори на воената академија, а и неколку пензионирани воени лица со највисоки офицерски чинови, во разговорот во врска со прашањето за трансформација на НАТО ни отворија неколку алтернативни насоки за размислување и дискусија.
Првата опција е, секако, доколку НАТО сепак остане монолитен. Во тој случај, според соговорниците, регионалните пактови ќе останат комплементарни, а не алтернативни. Македонија ќе може да ја гради својата безбедност, како и досега, преку институционални механизми.
Второ, доколку НАТО ослаби во политичката (и воена) кохезија, тогаш, пак, регионалните договори може да станат доминантен формат. Во тој случај, официјално Скопје би се соочило со избор за тоа „дали активно да учествува во нови регионални формати или, пак, да инсистира на строга алијансна рамка без дополнителни воени врзувања“.
На крајот на краиштата, соговорниците акцентираат дека Македонија има мултиетничка структура и чувствителен внатрешен баланс. Секоја регионална безбедносна динамика што се поврзува со етнички линии има потенцијал да произведе внатрешни политички турбуленции.
НАТО е зрело или презрева?
Балканот денес не е во предвоена состојба, но е во состојба на зголемена стратегиска нервоза. Ако НАТО се трансформира во повеќеслојна алијанса со намалена американска доминација, тогаш регионот на Балканот ќе биде тест дали Европа може да произведе стабилност без постојана интервенционистичка сенка од Вашингтон.
Од аспект на Македонија, клучното прашање не е дали ќе има нови пактови, туку дали тие ќе ја засилат стабилноста или ќе создадат нови линии на недоверба? Дали тие нови сојузења ќе бидат транспарентни и институционализирани или ад хок и политички мотивирани?! И на крајот, дали ќе ја намалат или ќе ја зголемат зависноста од надворешни актери?
Во ера на трансформација, безбедноста повеќе не е бинарна категорија (сојуз или неутралност), туку сложена математика на слоевити гаранции.
Балканот станува тест-зона не затоа што е осуден на конфликт, туку затоа што таму најјасно се гледа прашањето што Европа допрва ќе мора да го одговори, а се однесува на најсилниот предизвик досега за тоа дали може колективната безбедност да опстане без апсолутната американска сигурност и што се случува кога малите држави почнуваат сами да ја калкулираат својата стратегиска иднина?
За Македонија, одговорот ќе зависи од способноста да се задржи довербата во институционалните механизми на Алијансата, додека истовремено се управува со регионалната реалност што станува сè покомплексна. П.Р.

































