Илустрација: „Нова Македонија“

ИСТОРИСКИ ПАРАЛЕЛИ, СЛИЧНОСТИ, РАЗЛИКИ, ВОЕНИ ПЛАНОВИ… ЕВРОПА ВО 1935 Г. И ЕВРОПА ВО 2025 Г. (1)

  • Европа во 1930-тите не ги виде подемот и идејата на Адолф Хитлер да го стави светот под нацистичка чизма. Можеби клучните лидери ги видоа, но решија да гледаат на тоа на едно око, сметајќи дека нешто од поделбата на светот ќе им даде и ним. Важните и скапи ресурси. Денес Европа е поблиску до директен судир со Русија од кога било, кој може да предизвика глобален конфликт за кој потоа историјата би ја пишувале само „бубашвабите“

Нема да измислиме ново тркало, ниту нова топла вода. Настојуваме да видиме како Европа влезе во Втората светска војна, а во неа го втурна светот. Воените барабани денес повторно одекнуваат низ Европа, тоа е сосема сигурно, а воените буџети на сите земји членки на НАТО и на ЕУ ќе растат до 5 проценти од нивните БДП, а некои ќе даваат и повеќе. Тоа секако ќе значи кастрење плати, качување даноци, со можност за воведување нови, регрутации, создавање атмосфера дека чукна часот да се пресметаме со Русите. Ако се само Русите?! Затоа и даваме одредени историски паралели, за да не бидеме изненадени. Ако пред Втората светска војна само малку се зборувало за нацизмот, денес имаме една нова историска матрица – Русија зборува за денацификација на Украина, а западниот свет, особено Европа, за опасноста по мирот предизвикана од авторитарниот режим во Русија предводен од Владимир Путин. Дали тие идеолошки разлики се доволни за да се почне нова голема војна во која би можел да се употреби и нуклеарен потенцијал? Во моментов Америка предводена од Доналд Трамп се обидува да најде излезно решение од војната во Украина, но Европејците играат поинаку и неизвесно е дали ќе наметнат свои правила.

ВОЕНАТА ПРОПАГАНДА ВЕЌЕ МЕЛЕ

Низ Европа веќе се испечатени и дистрибуирани милиони летки со упатство како граѓаните да се однесуваат во војна. Во Холандија дури децата добија честитки и пакетчиња за Свети Никола со предупредување дека треба да се запознаат со нив за не дај боже, што ќе рече војна. Да не заборавиме – токму цивилите беа најголеми жртви за време на последната голема војна.
На луѓето не им се веруваше дека по Првата светска војна може во Европа да почне нова, и таа светска. За тоа имаа свои оправдувања и надежи – бројот на загинатите по фронтовите, на мртвите од зарази, на новиот светски поредок што се раѓаше, мировни пактови, договори за ненапаѓање. Впрочем, Европа е скроена како мировен проект. Не треба да се размислува премногу зошто – воените зла оттука почнувале. Но, брзо по Првата, дојде до нова голема војна, во која над 75 милиони луѓе ќе бидат убиени, од нив околу 50 милиони цивили! Милиони остана осакатени, без перспективи, социјално слаби. Се фрлија и првите нуклеарни бомби во историјата на (не)човештвото. Сега ги има сите услови за да се повтори нова светска војна, која повторно може да почне од Европа, континентот на сите среќи, научни достигнувања, уметност, култура… но и на несреќи и зла. Треба ли да бидеме горди што сме Европејци? Треба ли да останеме слепи и неми за ова што ни се случува сега? Тука, пред нас. Кој сака може да ги види сите фронтови, сегашни и идни. Особено новиот источен фронт, кој може да биде новата европска касапница. Македонија е токму на таа „линија на фронтот-огнот“.
Како нацизмот стана доминантен во Германија и зошто стана моќен и посакуван систем? Сѐ е опишано во „Мајн кампф“ („Мојата борба“) на фирерот Адолф Хитлер. Тој можеби не бил славен, но секако бил почитуван од европските политичари и тие не верувале дека тој ќе војува против една Англија, Франција, а никако не со Русија. Својот политички врв ќе го достигне во 1936 година како домаќин на Олимписките игри. Сѐ што следува потоа е историја – мрачна, крвава, нацистички логори на смртта, ропство, систематска анихилација на Евреи, Словени, Цигани и создавање чиста ариевска раса. Сепак, тој не се кренал самиот до врвот на својата слава и моќ, како воена така и економска, имал помош дури и од највисоки ројалистички кругови низ Европа. Хитлер бил поддржан особено од големи индустриски концерни што и ден-денес се основата на германската економија, која втора година е во рецесија.

АВТАРХИЈА – ЕКОНОМИЈА ШТО СЕ ПОТПИРА НА СВОИ НОЗЕ

Нацистите се обидоа да ја направат Германија самоодржлива – односно да ги произведува сите потребни добра без да мора да се потпира на надворешни резерви. Тоа се нарекуваше автархија. Проблем – Германија ги немаше сите важни руди и минерали. Следете ги денес реториката и договорите за ретките минерали! Затоа постигна билатерални договори со повеќе земји.
Бидејќи тогашна Германија економски беше пред колапс, со над шест милиони невработени, пресвртот мораше да почне однекаде. Националсоцијалистичката партија на Хитлер, нацистите, спроведоа голема програма за создавање моќна инфраструктура, а една од најголемите е секако изградбата на автобановите, поправка на патишта, железници и куќи, но и изградба на огромна подземна инфраструктура. И клучот на подемот на нацистичка Германија – воената индустрија. Од претходните 3 проценти од БДП, Германија стигна до 13, а потоа и над 20 проценти. Тоа овозможи да се отворат милиони работни места, но не само во Германија туку и во повеќе европски држави. Така на пример Кралството Шведска, и покрај својата неутрална позиција, во 1936 година донесе одлука да биде помалку неутрално и своите рудни ресурси да им ги продава на нацистите. Тоа за Шведска беше излез од сиромаштијата. Многу работници од соседните држави наоѓаат егзистенција во Германија. Имаше бум во авиоиндустријата и во бродоградбата. Дали Германија се подготвуваше за војна? Во тоа никој не сакаше да верува, а пропагандите си ја вршеа својата работа одлично. Затоа кога германската воена машинерија тргна во јуриш, веќе беше доцна да се реагира. Многу земји се чини и немаа ни причини ни волја да реагираат – некои поради одобрување, некои поради договори што сметаа дека Хитлер нема да ги прекрши. Иако еден од најзначајните, Версајскиот договор, беше прекршен на еден суптилен начин.
Со масовната регрутација на момчиња и мажи, а потоа и пошироко, исто така се намали невработеноста, па, така, голем дел од нацијата сеќавајќи се на мизеријата на Вајамрската Република ја поддржа нацистичката власт.

ЕКОНОМСКИ ПОЛИТИКИ И МЕТОДИ

Претходно ги споменавме мегапроектите во инфраструктурата, како што е изградбата на патишта и железници, но и производството на оружје, авиони, бродови, муниција, современи тенкови. Како се обезбедија финансиите? За да финансира масивни трошоци без да предизвика непосредна инфлација или да го открие обемот на воените трошоци (што го прекрши Версајскиот договор), министерот за финансии Хјалмар Шахт користеше систем на меници наречени „Мефо билс“. На тој начин владата позајмуваше создавајќи огромен скриен национален долг. Тие средства во иднина требаше да се враќаат, но режимот спроведе една огромна масовна операција на грабење богатства од Евреите и од другите окупирани народи. Во моменти кога беше ангажирана огромна работна сила, нацистите смислија план да ги ангажираат милионите Евреи, но и други нации, во неплатена работна сила. Некои историчари сметаат дека една од причините за ликвидација на Евреите е да не ги откријат тајните градби што биле или под земја, како што е подземниот автобан, или многу други скривници.
Сите независни синдикати беа забранети и заменети со Германскиот работнички фронт (ДАФ), организација контролирана од нацистите што ги одредуваше платите и условите за работа и ги забрануваше штрајковите. Тоа му овозможи на режимот да ги држи платите ниски и да ја контролира работната сила.
Кога Хитлер го поставил тој систем, кој функционирал, тогаш бил моментот, а тоа е 1939 година, да тргне во освојување нови држави и да ја зголеми својата територија, но и да дојде до неопходните вредни ресурси и да избегне економски колапс заради презадолженост. Едно од тие нацистички стратегиски места ќе биде и богатата Украина, богата и како житница, но и со петролеј и квалитетен јаглен. Денес Украина (Донбас) е повторно европскиот јазол, европската раскрсница кон пеколот, или кон мир и нови односи.


Создавање поствоен систем

По Втората светска војна, Велика Британија и САД одлучија да создадат паравоени организации „во заднина“, со официјална цел да се спротивстават на можна советска инвазија преку саботажа и герилска војна зад непријателските линии. Целата операција има кодно име „Гладио“. Скриени се складишта со оружје, подготвени се патишта за бегство, а регрутирани се лојални членови, без разлика дали се во Италија или во други европски земји. Нејзините тајни „ќелии“ требало да останат на територија контролирана од непријателот и да дејствуваат како движења на отпор, спроведувајќи саботажи, герилска војна и атентати.
Тајните заднински единици биле создадени со искуството и вклучувањето на поранешни офицери на СОE, формирани од Черчил за борба со нацистите. Генералот сер Џон Хакет, поранешен врховен командант на Британската армија на Рајна, на 16 ноември 1990 година изјави дека по војната е подготвен план за непредвидени ситуации што вклучува „останување во заднина и длабински отпор“. Главна цел за тој план е да се спречи каква било воена интервенција на СССР или доаѓање на власт на комунистичката партија. Целата тајна операција е раководена од ЦИА, НАТО и многу разузнавачки агенции. Крајната цел е подготовка за трета светска војна. Х.И.

продолжува