Дискутабилно е како одеднаш, по завршувањето на претседателствувањето со ЕУ, Макрон излезе со некаков „француски предлог“ за надминување на бугарското вето за Македонија, иако многу е поверојатно дека тој ниту го видел, ниту работел, ниту пак знае што има во него. Дека е тоа така, потврда е одликувањето на француската амбасадорка во Софија од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, кој ѝ се заблагодари што во таканаречениот „француски предлог“ успеала да ги вметне сите бугарски барања. Тоа јасно покажува во чија кујна е подготвен овој „француски предлог“, а Макрон е само етикетата зад која се затскриени вистинските намери на некои соседни центри
Французите рекоа „НЕ“ за сите политики и проекти на Макрон, а ние?
Сашо Таневски
Изборниот дебакл на францускиот претседател Емануел Макрон на европските избори е јасен показател дека Французите не се задоволни од политиките што тој ги спроведува во земјата, но истовремено, тие не се задоволни и од тоа како Франција ја предводи Европа.
Токму вториот аспект од неговиот изборен пораз директно ја засега Македонија, бидејќи ако Французите ја делегитимирале и француската надворешна политика, де факто ги делегитимирале и проектите што Макрон ги започна во последниот мандат.
Нова методологија, европска политичка заедница, француски предлог...
Настрана од последните нелогични изјави за испраќање француски војници на боиштето во Украина, на што и добар дел од француските воени генерали останаа вчудовидени, политиките што Макрон ги наметна во поглед на проширувањето очигледно доживеаја фијаско.
Имено, кога по речиси дведецениско преговарање за спорот за името меѓу Македонија и Грција и убедувањата дека тоа е последната пречка за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ, во име на евроинтеграциите се прифати болен компромис за промена на уставното име со надеж дека европската иднина полесно ќе ги залечи раните. Франција требаше да го искористи тој момент и да се факторизира како нова европска локомотива.
Наместо да биде предводник на процесот на проширување, Макрон, кој пред промената на уставното име во видеообраќање до македонските граѓани јасно кажа дека тоа е последната пречка, одеднаш ја промени плочата и беше главниот иницијатор на ново вето за земјава. Токму тогаш се сети дека ЕУ морала да се реформира, а заради ефикасноста на процесот на проширување, ќе била потребна и нова преговарачка методологија. Таквиот потег на Макрон наиде на огорченост и разочарување кај македонските граѓани, но и во земјите што веќе преговараа со ЕУ или чекаа почеток на преговори. Од друга страна, кај дел од француската јавност ваквото левитирање на Макрон во однос на проширувањето беше дочекано како додворување на тврдите струи во земјата што се противат на проширувањето. Дополнително, официјален Париз премолчено одработи и за официјална Софија за да ѝ даде време таа да спакува пакет барања со кои ќе ја услови Македонија со идентитетски, јазични и историски прашања во периодот што следуваше. И тоа беше добро осмислен потег на Макрон кому му беше повеќе од јасно дека по промената на името и недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, новите бугарски условувања и барањето за нови жртвувања од Македонија тешко ќе поминат и речиси сигурно ќе бидат одбиени од македонските граѓани. На тој начин Франција ќе ја постигне вистинската цел, да го запре проширувањето на подолг рок, а вината повторно да ја насочи кон Македонија, како земја што не испорачала. Од друга страна, по блокадата на Македонија, и другите земји во регионот станаа свесни дека ниту една жртва нема да биде доволна бидејќи проширувањето не е на европската агенда, имајќи предвид дека Франција ја презема диригентската палка со Европа по повлекувањето на поранешната германска канцеларка Меркел.
Европска политичка заедница – мудар изум на Макрон да ги држи земјите кандидати доволно близу, а доволно далеку
Кога незадоволството во регионот, вклучувајќи и во Македонија, од односот на Франција и претседателот Макрон кон проширувањето почна забрзано да расте и да се претвора во отворен евроскептицизам што почна масовно да се шири, францускиот претседател се досети да формира Европска политичка заедница, класична втора, ако не и трета лига на ЕУ, сакајќи на тој начин да го компензира застојот во проширувањето, но што е многу поважно за Европа, да не дозволи инволвирање на трети страни на Балканот. „Претставата“ наречена Европска политичка заедница ја правеше така што на еден или два самита годишно ќе ги собереше европските лидери во поширок состав, заедно со лидерите на 27-те земји членки, ќе се правеа групни фотографии, ќе се донесеше понекоја декларација, само колку да им покаже дека и тие се дел од некаква Европа и дека не мора да инсистираат на полноправно членство. Дека е тоа така, потврда е и вклучувањето на Украина, земја во војна, без контрола на дел од територијата, без можност да организира избори, уште помалку да ги спроведува реформските процеси. Тука се и Молдавија и Грузија, кои по ниту еден параметар што беше поставен за досегашните земји кандидати не ги исполнуваа условите. Од друга страна, Макрон мораше да одговори и на сѐ позачестените забелешки дека дозволува одредени земји членки да ја загрозуваат европската надворешна политика во поглед на проширувањето, но и за други прашања. Тоа им се дозволуваше и на Грција и на Бугарија кога стануваше збор за Македонија. Ветата се редеа едноподруго, Македонија не почнуваше со преговорите иако ги исполни сите можни услови, а револтот растеше од ден на ден.
Француски предлог од бугарска кујна
Кога критиките за блокадата на Македонија уште повеќе се засилија, но многу повеќе откако САД притиснаа Македонија што поскоро да ги започне преговорите со ЕУ, Макрон излезе со таканаречен „француски предлог“ за надминување на бугарското вето за Македонија, предлог што се појави од никаде, во периодот кога веќе истече шестмесечното претседавање на Франција со Унијата.
Сето ова упатува на јасен и логичен заклучок, дека Макрон воопшто не се занимавал со проблемот меѓу Македонија и Бугарија за време на француското претседателствување со Унијата, иако можел за тие шест месеци да покани тимови од двете земји и под негов патронат да седнат и да најдат решение базирано врз реципроцитет и европски вредности. Дискутабилно е како одеднаш, по завршувањето на претседателствувањето со ЕУ, Макрон излезе со некаков „француски предлог“ за надминување на бугарското вето за Македонија, иако многу поверојатно е дека тој ниту го видел, ниту работел, ниту пак знае што има во него. Дека е тоа така, потврда е одликувањето на француската амбасадорка во Софија од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, кој ѝ се заблагодари што во таканаречениот „француски предлог“ успеала да ги вметне сите бугарски барања. Тоа јасно покажува во чија кујна е подготвен овој „француски предлог“, а Макрон е само етикетата зад која се затскриени вистинските намери на некои соседни центри.
Французите го казнија Макрон за погрешните политики, треба ли и Македонија да ги преиспита француските политики кон Македонија, особено „францускиот предлог“?
Макрон ја дочека казната од Французите за сите погрешни политики и на внатрешен и на надворешен план. Македонија лично е засегната од погрешните политики на францускиот претседател и во поглед на преговарачката методологија и во поглед на крајната цел во евроинтеграциите, но најмногу во поглед на „францускиот предлог“, со кој се дисторзира преговарачкиот процес до таа мера што во втор план се турнати Копенхашките критериуми, на сметка на идентитетски, историски и јазични прашања.
– Слободно можам да кажам дека Макрон е човекот што водеше исклучиво погрешна политика кон Македонија. Свесен сум дека ние сме неважни во делот на француската надворешна политика, тие имаат многу покрупни прашања за решавање, но и она малку што Макрон го презеде во однос на Македонија беше тенденциозно и исклучиво на наша штета. Најпрво, преку видеообраќање до македонските граѓани ветуваше почеток на преговорите веднаш штом се смени името на државата. Тоа се случи, а тој не си остана на зборот, туку побрза прв по Грција да стави ново вето, затскривајќи се зад новата методологија. Ако беше барем малку доблесен, ќе дозволеше Македонија да ги отвори преговорите по старата методологија, колку да почувствува некаква сатисфакција за жртвата што ја направи, па по првата меѓувладина конференција, можеше преговорите да се усогласат според новата методологија – велат аналитичарите.
Според нив, Макрон и со Европската политичка заедница всушност понуди неизвесност на евроинтегративниот процес кај земјите кандидати.
– Македонија сега е дел од таа Европска политичка заедница на Макрон, но тоа е само замена за вистинското членство. Лукав потег на Макрон да ги смири критичарите внатре во ЕУ дека го запрел процесот на проширување, но и да ги задоволи оние што се против проширување. Македонија повторно добива неизвесност. Од неа се бараат нови жртви, а не се знае дали на крајот ќе стане дел од ЕУ или ќе заврши во некоја заедница од понизок ранг, целосно обезличена и понижена. За да биде дел од некоја втора европска лига, тоа може и без сменето име и без промена на устав – истакнуваат аналитичарите.
За нив круцијално е сега, откако политиките на Макрон се поразени и отфрлени во Франција, и кај нас да се направи своевидна ревизија на она што Макрон нам ни го пласирал.
– Тука пред сѐ мислам на „францускиот предлог“. Нашиот народ тоа со индигнација го одби, но тогашната власт сметаше дека со прифаќањето на штетниот предлог ќе ја добие меѓународната наклоност и ќе може да ужива во уште еден мандат на власт. Токму таквата констатација ги чинеше власт оти народот мисли поинаку, но, за жал, „францускиот предлог“ ни остана и продолжува да прави штети за државата. Сега во Европскиот парламент доаѓаат нови луѓе, ќе се формира нова Европска комисија, но и кај нас ќе има нова влада, така што можеби треба да се направи една дипломатска офанзива да се лобира за преиспитување на „францускиот предлог“, или барем за исфрлање на сите спорни делови од него што не се поврзани со Копенхашките критериуми. Тоа треба да се направи во соработка и со новите бугарски власти, во интерес на двете земји, за затоплување на односите и продлабочување на соработката, онака како што доликува меѓу две соседни земји. Франција го казни Макрон, време е и Македонија да ги отстрани рефлексиите од неговите погрешни проекти – констатираат аналитичарите.