Илустрација: „Нова Македонија“

Следен чекор би бил здружување на тие одметнати општини во посебна заедница на албански општини, со која де факто ќе се потврди освојувачката мисија од 2001 година, потврдена со територијалната поделба од 2004 година. На тој начин широко се отвораат вратите за разбивање на унитарниот карактер на државата така што ќе се воспостави паралелна заедница на локални самоуправи, што води кон формирање посебна федерална единица, дводомен парламент и редефинирање на државата во некаква лабава федерација, која би била неодржлива на подолг рок

Најавата за повлекување на градоначалниците на ДУИ од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) на Македонија отвора многу дилеми

Откако пред година и половина од позиција на власт ДУИ експресно ја одби идејата за формирање заедница на албански општини во Македонија, оценувајќи ја како антиевропска и антиамериканска, но и штетна за конечното решение на косовското прашање, сега кога интегративците се во опозиција ретерираат од ваквиот став и најавуваат слично сценарио за излез на општините предводени од градоначалници на ДУИ од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
ДУИ на локалните избори во 2021 година освои 11 градоначалници, но дел од нив по внатрепартиските превирања му се придружија на движењето Вреди, додека другите му останаа лојални на раководството од Мала Речица.
Откако стана јасно дека актуелната власт нема намера по никоја цена да го вклучи ДУИ во власта, почнаа најавите за протести од есен поради, како што велат од опозициската ДУИ, „непочитувањето на изборната волја на мнозинството Албанци“. Во меѓувреме, внатрепартиски извори информираат дека партиското членство е максимално мобилизирано и дека ќе работи по секоја цена да стане дел од власта, без да прецизираат дали тоа вклучува и извесна дестабилизација на земјата по која на голема врата би се вратиле во Владата.
Ваквите индиции за можна дестабилизација ги потврди и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, а дека има некаква раздвиженост на состојбите во таква насока говори и присуството на високи претставници на американските разузнавачки служби во регионот, кои имаат одредени сознанија за можна поширока регионална дестабилизација предизвикана од некои надворешни центри и финансирана со огромни пари.

ДУИ гледа тенденциозни чекори, ЗЕЛС изненадена од ваквите тврдења

Во едно од таквите сценарија за дестабилизација на државата е и одделувањето на општините предводени од градоначалниците на ДУИ како посебни единици, кои би функционирале надвор од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Македонија, со тенденција да формираат некаква своја паралелна заедница. Намерата е кон неа да ги привлечат и другите општини на чие чело се градоначалници Албанци, без оглед на тоа дали се дел од власта, слично како што ДУИ го правеше тоа кога беше владин партнер, употребувајќи ги еднократно албанските опозициски партии за влез во Владата, за потоа целосно да ги разбие и да си обезбеди удобен политички комодитет меѓу албанското гласачко тело во земјава.
Затоа сега за остварување на таквото сценарио најпрво се фингира некаква криза во функционирањето на ЗЕЛС, односно се наметнува тезата дека опозициските општини се на нишан на ЗЕЛС, кој сака да им ги одземе овластувањата и на тој начин да ги стави под своја контрола.
ДУИ преку писмено соопштение јавно обвинува дека од формирањето на новата влада, ЗЕЛС почна да се злоупотребува политички, дури потенцираше дека има тренд на централизација и амбиции за преземање на овластувањата од опозициските општини со цел да ги заобиколи градоначалниците на општините од редовите на Европскиот фронт, што, според ДУИ, е неприфатливо.
– Ова непочитување на градоначалниците на општините од редовите на албанската опозиција има тенденција да ги уништи политичката волја и албанските партии дури и на локално ниво. Затоа, во ДУИ се преземени сериозни иницијативи од страна на раководителите на општините на чело со албанската опозиција да се испита ставот за учество на градоначалниците во ЗЕЛС, тело во кое се координираат активностите за работата на општините – се наведува во партиското соопштение.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, изрази изненаденост од ваквите тврдења на ДУИ, истакнувајќи дека тој како прв човек на ова независно тело не дозволил политиката да се меша и дека ниту еден од градоначалниците досега не поднел жалба.
– Досега немало никаква иницијатива, ниту, пак, замерка од страна на колегите за одредена состојба или барање до мене како претседател или до преостанатиот состав на Управниот одбор, за состојба што градоначалниците на ДУИ сметале дека се изоставени од некој процес или имале забелешки. Досега такво нешто немало – вели Ѓорѓиевски.
Според него, принципите на ЗЕЛС предвидуваат какви било евентуални претставки што ги има некој градоначалник да ги достави на седницата на Управниот совет, да се расправа за нив и сите недоразбирања да се надминат меѓу градоначалниците на општините, без да се вклучи дневната политика. Првиот човек на ЗЕЛС уште потсетува дека ЗЕЛС го сочинуваат сите градоначалници на општините во државата, кои доаѓаат од различни партии, притоа обезбедувајќи сите да бидат поканети на состанокот.

Посебни албански општини како прв чекор кон федерализација

Од она што може да се насети според изнесените партиски ставови околу наводниот нерамноправен статус на градоначалниците на ДУИ и нивно изземање од разни проекти во рамките на ЗЕЛС, повеќе од јасно е дека намерата на интегративците е да претстават некаква нерамноправност и дискриминација направена врз општините предводени од опозицијата, за тоа полесно да се искористи за напуштање на ЗЕЛС.
Следен чекор ќе биде здружување на тие одметнати општини во посебна заедница на албански општини, со која де факто ќе се потврди освојувачката мисија од 2001 година, потврдена со територијалната поделба од 2004 година. На тој начин широко се отвораат вратите за разбивање на унитарниот карактер на државата така што ќе се воспостави паралелна заедница на локални самоуправи, што води кон формирање посебна федерална единица, дводомен парламент и редефинирање на државата во некаква лабава федерација, која би била неодржлива на подолг рок.
Дел од аналитичарите сметаат дека процесите се движат во таква насока, а присуството на американските разузнавачи во регионот е токму поради таквите сознанија.
– Штом американскиот Стејт департмент тврди дека ги следи состојбите одблиску, штом тука се првите луѓе на ЦИА, тогаш ситуацијата е многу посериозна отколку што мислиме. Овие најави на ДУИ дека нивните градоначалници ќе го напуштат ЗЕЛС треба да се земат сериозно бидејќи знаеме што значи секое напуштање на некоја институција. Ако излезат од ЗЕЛС, овие градоначалници ќе формираат своја посебна заедница, а кога се работи за големоалбанската кауза, сите албански партии во земјава имаат единствен став, без оглед на нивните политички разлики. Впрочем, идејата за заедница на албански општини своевремено потекна од Алтернатива, но сега ДУИ ја актуализира оти нему му гори под нозете, се наоѓа во опозиција, неговото раководство е под закана за ново отворање на хашките случаи, има многу индиции за сторен криминал и проневера на милионски суми на државни пари, така што одговорот е да, тие се подготвени и на дестабилизација и на федерализација на Македонија само за да се спасат. Впрочем, зарем нема поголем доказ за нивните федерални апетити од нивното мото „победник со победник“? Во оваа држава се одржуваат едни избори и има само еден победник што ги избира партнерите за состав на влада. Како и да е, оваа идеја е само во најава и единствена пречка засега е противењето на Американците, кои не сакаат да избувне регионален конфликт и да се одвлече сето внимание од Украина. Но таа идеја за заедница на албански општини не е мртва и порано или подоцна некој ќе се обиде да ја реализира. Ако успее, тоа дефинитивно ќе биде крајот на унитарна Македонија – констатираат аналитичарите. П.Р.