Овој фељтон се занимава со прашањето за официјалното име на Гоце Делчев. Во историографијата, презимето Георги доминира како верзија на неговото официјално име; сепак, внимателното испитување на разни официјални документи покажува дека формата Георги е институционална творба, која се преселила во историографијата по инерција; самиот Делчев никогаш не ја користел формата Георги при потпишување на официјални документи или друга кореспонденција. Оставајќи ги настрана галовната форма Гоце и псевдонимот Ахил, како и потписот Г. Делчев, од кој не може да се распознае номиналната форма на неговото лично име, утврдуваме дека Делчев претежно ја користел варијантата Ѓорги како свое лично име, повремено варијантите Ѓорѓи и Ѓорѓе, но никогаш Георги. Дали тогаш формата Георги е несомнено официјалното име на Делчев? Бидејќи никој не може да пренесе лично име поправилно од самиот носител, веруваме дека македонската историографија треба да ја користи формата Ѓорги, а не Георги или Ѓорѓи
Личното име во комбинација со презимето долго време во минатото, а и денес, е основна ознака за идентификација на поединецот од блиските, општествената средина и институциите, како и негово самопретставување пред нив. Според православната христијанска традиција, личното име го давале кумот или родителите. Откако личното име ќе биде впишано во соодветната црковна општина и официјалните државни институции, тоа станува официјално службено име за конкретна личност.
Кога говориме за официјално/службено име и презиме во османлиска Македонија, треба да се има предвид дека се можни извесни неусогласености и разлики помеѓу даденото, прифатеното и практикувано име од најблиското опкружување и неговиот носител, со именската форма што е впишана во соодветната црковна општина, како и во османлиските државни институции. Ова наше укажување не се однесува за неофицијалната галовна именска форма, која често прераснувала во општоприфатено име за околината, па дури го истиснувала крстеното име, туку за службеното име. Таквите недоследности се последица на различните именски форми што ги усвоило и практикувало локалното македонско население и именските форми што ги практикувале и протежирале соодветните црковни општини во зависност од јазикот и правописот што го користеле.
Од друга страна, разликите помеѓу името во крштеницата и заведеното име кај државните институции е последица на флексибилноста во османотурскиот јазик и арапското писмо што дозволува исти гласовни форми да бидат запишани со различни графеми, а потоа различно прочитани и уште поразлично транскрибирани. Ако како причина за севозможните различности кон службените имиња ја вброиме и писменоста на писарот во црковната општина или државната администрација, тогаш прашањето добива трета димензија. Проблемот што го загатнуваме е повеќеслоен и првенствено работа на лингвистите, но бара и поширок мултидисциплинарен пристап. Ние врз основа на релевантни показатели само ја констатираме појавата.
Според нас, еден од начините за детектирање на разликите што се појавуваат помеѓу официјалното/службено име и името што го практикува самиот носител е начинот на кој се самопотпишува истиот тој.
Гоце е (умалително) односна галовна форма од „крштелното свидетелство“
Во оваа смисла во фокусот на нашиот интерес е Гоце Делчев. Пред да разгледаме која именска форма ја користи Гоце при потпишувањето во документите ќе укажеме дека историографијата што се занимава со неговата личност засега не располага со крштеница (од унијатската или егзархиската општина). Од авторите што ја користат именската форма Георги како службено име за Гоце Делчев, само еден спомнува дека Гоце е (умалително) односна галовна форма од „крштелното свидетелство“. Меѓутоа авторот не упатува на никаков документ, ниту пак друг извор, така што очигледно станува збор за произволна претпоставка (види: Съветлозар Елдъров, Македоно-одринска революционна галерия, ЕООД, 2015, 63) од која може да се види неговото крштелно/службено име, иако укажавме дека и таму од разни причини се можни разлики. За Гоце Делчев не располагаме ниту со официјален идентификациски документ од османлиска провиниенција (нуфуз или тескере), иако и во нив неговото име може да биде запишано и прочитано на различни начини.
Засега како единствени институционални документи во кои го среќаваме името на Гоце Делчев може да ги сметаме списите што се креирани од администрацијата на Военото училиште во Софија. Меѓутоа, оттука произлегува и едно хипотетичко прашање: доколку Гоце, евентуално се школувал во друга земја, во каква варијација би го сретнале неговото име во тамошните службени списи? А такви примери има многу. Но, да се вратиме на Гоце во службените списи од Военото училиште.
Во наредбата на началникот на Военото училиште од 11.VII.1891, од тој датум, Гоце се смета за јункер, при што е запишан како Георги Делчев. Во дневникот за сведение од Военото училиште, каде што се наведени основните акти за кариерното движење на Гоце во училиштето од 11.VII.1891 до 24.IX. 1894, тој е заведен како Георги Делчев. Во списокот на јункерите од средниот клас од 3.XII.1892, каде што се заведени оценките од испитот по алгебра, Гоце е запишан како Георгий Делчев. Во наредбата на началникот на Военото училиште No. 107 од 24.IX.1894, со која информира за неговото исклучување од училиштето, Гоце е заведен како Георги Делчев. Додека, пак, во свидетелството за завршено воено училиште No. 2722 од 4.X.1894 година, Гоце повторно е заведен како Георгий Делчев. Да резимираме: името на Гоце Делчев во службените списи од Военото училиште во Софија го среќаваме во две именски форми, и тоа трипати како Георги и двапати како Георгий. Оттука се наметнува прашањето како е можно во една иста институција името на едно исто лице да го среќаваме во две именски форми и на што се должи именската форма Георгий. Во случајот каква било претпоставка би можело да се протолкува како тенденциозна шпекулација.
Како се потпишувал Гоце во службените списи?
Во свидетелството издадено на име П. Трајчова Тана, која во 1894/95 учебна година го посетувала бугарското егзархиско училиште во Штип, каде што учителствувал Гоце, тој е потпишан како Г. Делчев, зад предметите што ги предавал.
Во писмото до управителот на Неврокопската епархија, господин Иларион, со кое Гоце информира за задоцнетото отворање на училиштето во Банско, тој е потпишан како главен учител Г. Делчев. Во писмото од 5.X.1896 до претседателот на црковно-училишната општина во Банско – Лазар Сирилештов, Гоце повторно се потпишал како главен учител Г. Делчев. Во оставката до егзархот Јосиф Први доставена преку неврокопскиот владика Иларион, Гоце двапати се потпишал како Г. Делчев, при што еднаш како главен учител, а вториот пат како приватно лице. На ист начин, како Г. Делчев, Гоце се потпишувал во сите материјали за време на краткотрајното учителствување во Банско. За тоа сведочат писмото од 30.IX.1896 до бугарскиот митрополит Иларион во Неврокоп, писмото до учителката Султана Кафеџиска, писмата од 22.X.1896 и 25.X.1896 до учителите во второкласното училиште во Банско, писмото до Лазар Сирилештов од 31.X.1896, Извештајот кој е приложен кон писмото до митрополитот Иларион од 1.XI.1896 година, како и двете покани до учителите во второкласното училиште во Банско за вонредни заседанија. Од друга страна, засега е достапно само едно службено писмо од митрополитот Иларион до Гоце, каде што тој го именува како Г. Делчев. Според изнесеново, очигледно е дека Гоце во службените списи за време на учителствувањето во егзархиските училиште се потпишувал како Г. Делчев, поради што не може да се утврди именската форма што ја практикувал за своето лично и службено име пред егзархиските институции.
Со оглед на фактот што од постојните институционални службени списи не може конкретно и недвосмислено да се утврди личната именска форма на Гоце Делчев, нашето истражување го насочивме кон потпишувањето на Гоце Делчев во другата документација, првенствено неговата преписка. Притоа се задржавме на неколку зборници од документи, кои ги апсорбираат поединечно објавените документи. Некои од материјалите се повторуваат од едни во други зборници.
Прво ќе се осврнеме на зборникот „Гоце Делчев. Писма и други материјали“, иследени и подготвени за печат од Дино Ќосев. Зборникот вклучува 233 материјали (првенствено писма, телеграми, списоци, расписки, окружници и др.). Некои од материјалите не се целосни, поради што кај нив нема потпис, а кај неколку едноставно нема потпис. Сепак најголемиот дел од нив е потпишан. Д. Ќосев во предговорот истакнува дека сите материјали, шифрирани и нешифрирани, ги објавил на современ бугарски правопис со незначителни измени, кои „не го засегаат јазикот на Г. Делчев“, при што настојувал да ги запази „дијалектните зборови, а исто така и дијалектните глаголски наставки и форми“, и дека не внел „никакви промени во членувањето, како и во правописот на личните имиња“, туку ги пренел какви што биле во оригиналот. Меѓутоа, Ќосев претходно истакнува дека немал можност да ги види сите оригинали од причина што некои од нив не биле сочувани, а до други едноставно немал можност да дојде, па истите тие ги објавил во форма како што претходно биле објавени. Оттука кај таквите материјали се можни извесни разлики во именските форми помеѓу оригиналот и објавеното.
Од анализата на документите во предметниот зборник произлегува дека Гоце се потпишал: 113 пати како Гоце; 77 пати како Ахил; 14 пати како Г. Делчев; 7 пати како Гйорги; еднаш како Гйоргие Делчев; еднаш како Гйорге Делчев; и еднаш како Гоце Делчев.
Автор: Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, редовен професор на Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје
(продолжува)