Вашингтон бара алтернатива за Албин Курти, поради неговите чекори за загрозување на мирот и безбедноста / Фото: ЕПА

Американската администрација негуваше симпатии кон Курти, но во последно време изразува целосно незадоволство од него. Дека американската администрација не е задоволна од однесувањето на Курти јасно сведочат и сѐ пожестоките предупредувања од официјален Вашингтон за „некоординирани одлуки на раководството на Косово“, при што јавно се истакнува дека таквите потези „го намалуваат ентузијазмот на САД да го поддржат Косово на неговиот евроатлантски пат“. Но интересно е дека, паралелно со предупредувањата, Вашингтон има алтернатива на лидер и политичкото лидерство на Косово, во ликот на политичарот Бедри Хамза, кому деновиве му беше оддадена посебна чест да биде примен како прв политичар од Балканот што се сретнал со новоименуваниот заменик на помошник-државниот секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф

Состанок во Стејт департментот што открива низа аспекти за политиките на САД во Косово и во регионот

Деновиве се одржа многу интересна средба во Вашингтон, во Стејт департментот на САД. Според официјалните кратки информации, домаќин на средбата бил новиот заменик на помошник-државниот секретар за Западен Балкан, Александар Касаноф. На состанокот присуствувала и директорката на канцеларијата за Југоисточна Европа при Стејт департментот, Колин Хајланд.
Но она што е најинтересно е официјално поканетиот гостин од Балканот. Имено, од Косово, политичарот Бедри Хамза од Демократската партија на Косово бил гостин како прв политичар од Западен Балкан што остварил средба со новоименуваниот заменик на помошник-државниот секретар за Западен Балкан, Касаноф, како и со нему добропознатата Колин Хајланд (која од август 2016 до јули 2019 година била заменичка на aмбасадорот на американската мисија на Косово и се смета како одличен познавач на состојбите и личностите на политичарите на Косово). Хамза во Вашингтон се сретна и со Мајкл Карпентер, директор за Балкан и Централна Европа во Советот за национална безбедност на САД, беше гостин во Атлантскиот совет, фондацијата „Херитиџ“ (блиска до републиканците)…
Средбата на важна опозициска личност од Косово со американски високи претставници од Стејт департментот, која следува по заладените односи на релацијата САД-Косово, а особено по отворените критики на Вашингтон кон Албин Курти за неговите еднострани потези што ја зголемуваат тензијата на Косово и во регионот, според низа аналитичари, го отвори прашањето дали Белата куќа бара нов доверлив партнер/личност кај Албанците на Косово.

Американската администрација негуваше симпатии кон Курти, но во последно време изразува целосно незадоволство од него

Дека американската администрација не е задоволна од однесувањето на Курти јасно сведочат предупредувањата од официјален Вашингтон за „некоординирани одлуки на раководството на Косово“, при што јавно се истакнува дека таквите потези „го намалуваат ентузијазмот на САД да го поддржат Косово на неговиот евроатлантски пат“.
И Метју Милер, портпарол на Стејт департментот, исто така неодамна изрази загриженост за „некоординираните одлуки“, односно оние што владата на Курти ги презема без договор со западните сојузници.
– Веруваме дека тие ги загрозија можностите што му помогнавме на Косово да ги создаде – рече Милер.
Да потсетиме, и американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, неодамна изјави дека „квалитетот на американско-косовското партнерство не е она на што би се надевале во однос на тоа како Курти се справува со северот на Косово и како го води дијалогот“.

Бедри Хамза е сето она што не е Албин Курти

Бедри Хамза е познат како технократ, спротивно од она што е Албин Курти. Хамза е магистер по економија на Универзитетот во Приштина, а докторирал во Тирана. Во својата кариера бил раководител на сметководство во рудникот „Трепча“, работел во приватен сектор, бил заменик-министер за економија, во два наврата бил министер за финансии, четири години гувернер на централната банка, заменик, потпретседател на Собранието на Косово, а сега е градоначалник на Јужна Митровица.
Она што Курти го прави и го кажува јавно, провоцирајќи конфликтни ситуации и внатре во Косово, а и со своите меѓународни партнери, вклучувајќи и со Вашингтон, Хамза ниту го правел ниту ќе го прави. Токму тоа, според изјавата на Хамза, тој им го рекол на средбата во Вашингтон на своите домаќини.
Имено, токму во разговорот со Касаноф, Хамза го кажал она што американската администрација во овој момент сака да го слуша повеќе отколку да го слуша и гледа постојаното провоцирање кризи од страна на Курти.
– Му честитав на г. Касаноф за новата функција. Се договоривме за суштинските потреби за соработка, координација и предвидливост во односите со САД, а му го претставив и планот за работа на мојата влада, фокусиран на голем економски развој, со стратегиски инвестиции, зголемување на животниот стандард на граѓаните и членство во НАТО, каде што поддршката од САД ќе биде клучна – изјави за јавноста Хамза, додавајќи дека претстои многу работа, а се изгубило премногу време.
На средбата Хамза дури даде ветување дека „политичката конфузија на владата во Косово и грешките што ги направи (Курти н.з.)“ ќе бидат исправени.
– Да се фокусираме на нашите граѓани, а не на создавање драми што не носат ништо друго освен изолација и игнорирање – истакна Хамза, што секако му се допадна на Касаноф, за разлика од регионалните конфликти што Курти редовно им ги приредува на американските високи претставници.
Имено, токму на тоа инсистираа САД: да не се преземаат чекори без консултации што би можеле да ги загрозат регионалните односи, но и односите со Вашингтон и Брисел! Н.М.


Американскиот амбасадор во Косово спомена „исполнување
на големоалбанските интереси“

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, јавно и силно ги критикуваше одлуките на Курти за отворање на мостот. Според зборовите на амбасадорот на САД, одлуките на Курти имаат цел да ги исполнат „големоалбанските интереси“!
Понатаму, во интервју за Слободна Европа, поранешниот косовски дипломат и директор на Косовскиот институт за политички истражувања и развој Љуљзим Пеци изјави дека „потезите на Курти на северот на Косово го продлабочија јазот со меѓународната заедница бидејќи таа има непредвидлив партнер“, додавајќи дека „иако ЕУ воведе некои предупредувачки санкции за Косово“, всушност „најголемите санкции за Косово се однесувањето на САД и тоа што Вашингтон полека и сигурно ја повлекува поддршката што претходно му ја даваа на Косово“.
Но, од друга страна, политикологот Огнен Гогиќ за НИН смета дека, и покрај сѐ, и покрај новите симпатии на Вашингтон кон лидерот на косовската опозиција Бедри Хамза, ќе биде доста тешко Курти да биде соборен од власт.
– Курти има голема поддршка од гласачите. Бедри Хамза потенцијално би можел да го замени Курти, но доколку се формира широка коалиција, која би ги собрала сите партии освен Самоопределување, бидејќи другите партии во Косово никогаш не отишле толку далеку да му се спротивстават на Западот, а и не прават многу работи што ги прави Курти – вели Гогиќ.


Зошто средбата во Стејт департментот со лидерот на опозицијата на Косово е квалификувана како несекојдневна?

Според повеќе политички аналитичари, средбата на Бедри Хамза (како кандидат на Демократската партија на Косово – ДПК – за премиер на Косово) со новиот американски претставник за Западен Балкан може да се толкува како поддршка на САД за ДПК.
Според соговорниците, очекувано и вообичаено е новиот заменик на помошник-државниот секретар за Западен Балкан, Александар Касаноф, како и другите носители на високи позиции во американскиот Стејт департмент, да се среќава со носители на власт од други држави, односно високи државни функционери и претставници на владите. Овој пат е направен невообичаен исклучок, бидејќи Хамза сепак е лидер на опозицијата на Косово. Токму тоа се толкува кај експертите како некаква форма на поддршка за опозициската Демократската партија на Косово и демонстрација на тоа дека Вашингтон ја гледа ДПК како свој партнер. А токму Демократската партија на Косово, според соговорниците, нема да се стеснува при наредната кампања, за следните избори, да ја искористи шансата за да ја промовира оваа воспоставена релација со Вашингтон.
Според некои соговорници, Хамза од страна на Вашингтон е таргетиран како „специфичен кадар ориентиран кон посветено остварување на програмата на својата партија ДПК“, кој „не е криминализиран и кој е западно ориентиран“. Поради многубројните коректни позиции што ги негува, се чини дека има силни контакти што го прават интересен кандидат за премиер, па и за иден косовски премиер.