Фото: „Нова Македонија“

Треба да се изгради некакво национално единство, треба да се најде начин тоа да НЕ биде базирано на политички фолклор или на фалење меѓу политичарите и политички партии. Ни треба национално единство што ќе биде изградено врз база на научна подлога, кое ќе ги дефинира одредниците. Ние го немаме тоа, тврди во својата експликација поранешниот пратеник Илија Димовски. Тој направи и паралела по ова прашање со двете наши соседни балкански држави што нѐ ставија во заложништво на нашиот евроинтеграциски пат, со алатки што се противправни и недемократски, што се во судир со врховното природно право што им следува на секој поединец и колективитет, со инструменти што ги употребуваат против нас, кои се ирационални и незамисливи во сегашните меѓународни односи…

Актуелни опсервации: Во потрага по сеопшта согласност за востановување монолитна научна подлога за она што треба да го следиме како нација

Деновиве во јавноста, со низа исклучително интересни и, според наше редакциско мислење, суштински/битни ставови излезе поранешниот пратеник Илија Димовски. Во неговата повеќеслојна експликација, внимание привлече едно неговото становиште што директно го тангира феноменот „национално единство – консензус“. Токму тој феномен во пошироката македонска јавност одамна е детектиран како дефицитарен, а е есенцијално потребен фундамент при градењето на стратегиските долгорочни политики на македонската држава и нација.
Но токму на споменатиот предизвик наречен „национално единство“, Димовски пристапи со еден различен ракурс, спротивен од вообичаено експлоатираниот приод во јавноста: политички консензус како национален консензус… Така, Димовски претставувајќи различна диоптрија и агол на гледиште, во прв план ја става „научната подлога за единство/консензус“, како подлога (фундамент) на сите други сеопшти согласности/обединетости/здруженост/консензус…

Треба да форматираме научна подлога што ќе ја следиме

– Да, јас сум за градење национално единство, но не меѓу политичарите. Треба да имаме научна подлога по која ќе следиме. Сум читал некои спомени од Коѕијас…, тој кажува за неговиот институт… колку време работел, што работел, колку професори биле вклучени… Во бугарскиот табор, пак, исто така е познато дека има професори што им е специјалност да се занимаваат со македонското прашање. Затоа, како политичари, сегашни, поранешни, не е битно, немаме право да се занимаваме со вакви теми без научна подлога, односно да постапуваме без научна подлога.
Еве, јас на пример, треба да го слушам Никола Димитров, кој ќе ми дава дефиниции за античко наследство!? А не треба да го читам Крсте Петков Мисирков или Ѓорѓија Пулевски!? Неговото е – дипломатијата. Тој беше дипломат, добар дипломат во одреден период. Но не му е работа да влегува во зона што не е негова експертиза, во име на државата и во име на народот!? Тоа што Димитров го направи, го направи лошо. Ако Преспанскиот договор беше такво врвно дело, ќе бевме делот на Европската Унија.
Да го разглобиме, да не пливаме, како што реков, по југословенски, грчки или бугарски модели на градење на нашата приказна, да изградиме концепт за државата, да изградиме на научна основа, не на политичка основа, и од тука да им ја дадеме на политичарите што ќе можат да оформат во национален концепт… Ние не можеме да се обединиме кога во поимите на македонска нација, македонски народ, македонски јазик, бидејќи (кај политичарите н.з.) има дефекти… – вели Илија Димовски.

Национално единство не на политички фолклор, туку на научна основа

Поранешниот пратеник Димовски смета дека „треба да влечеме малку похрабри чекори“.
– Ја разбирам тактичноста, ја разбирам дипломатичноста, иако Владата одвреме-навреме има мошне остри и прецизни ставови. Ја разбирам и желбата да не се влегува премногу во проблематизирање на пакетот со Грција, но апсолутно никако не би попуштил во овој момент на притисоците што ги има! – вели Димовски.
– Македонија се нашла многупати во ваква ситуација, да ја издвојам и Лисабонска декларација, и други моменти. Мислам дека треба да се изгради некакво национално единство, треба да се најде начин тоа да НЕ биде базирано на политички фолклор или на фалење меѓу политичарите и политичките партии. Кој кого ќе надмудри? Ни треба национално единство што ќе биде изградено врз база на научна подлога, кој ќе ги дефинира одредниците. Ние го немаме тоа – тврди во својата експликација поранешниот пратеник Илија Димовски. Тој по ова прашање направи и паралела со двете наши соседни балкански држави што нѐ ставија во заложништво на нашиот евроинтеграциски пат, со алатки што се противправни и недемократски, што се во судир со врховното природно право што им следува на секој поединец и колективитет, со инструменти што ги употребуваат против нас, кои се ирационални и незамисливи во сегашните меѓународни односи…
– На пример, слично како што е во Грција. Грција имаше неколку институти што се занимаваа исклучиво со ова прашање. Натаму, Бугарија има внатре во своето Министерство за надворешни работи цела е една групација од 20-30 професори што се занимава со македонското прашање. Ние го немаме тоа.
А ние, дозволуваме да смениме десет пати министер, да смениме десет пати премиер, да смениме министри за евроинтеграција и секој да води своја политика базирана на моментални впечатоци или интереси. На некој начин лесно се тргуваше со македонските национални интереси, пакувајќи го тоа во државен интерес. И тука паднаа на испитот целата сериозност и целиот обид да се спакуваат во некаков нормален впечаток за сите нас – вели Илија Димовски.

Контекстот на македонската нација не е идентичен со контекстот на грчката, српската или на бугарската нација!

Димовски истакнува дека е потребно „научно рехабилитирање на целиот концепт на нашето постоење како нација и развојот што ќе го проектираме во следните години“. Што значи тоа?
– Ние лебдиме, сѐ уште, од една до друга крајност. Генерално, за жал, сѐ уште се возиме на југословенската историографија и концепт за градење на држава.
Второ… Ние треба да разбереме дека контекстот на македонската нација не е идентичен со контекстот на грчката, српската или на бугарската нација. Зошто го велам ова? Не сме влегле длабоко да ги разгледаме работите за да носиме и да влечеме сериозни одлуки. Македонската нација или македонскиот народ. Македонската нација е политичка компонента, но македонскиот народ денес постои и живее во многу држави, повеќе од тоа што живее во својата домицилна држава – истакнува Димовски.

(продолжува утре: Со Османи не беше првпат да се редефинира македонскиот јазик)