Фото: „Нова Македонија“

Селективната правда е најголема неправда. Тоа е дефиниција што ја знаат и студентите на прва година на правните факултети, но на тоа може и да се заборави во одредени општества ако таков судски пристап нарачала одредена политичка врхушка. А ако за таков антидемократски проект има меѓународно замешателство, тоа значи дека државата е вовлечена во спиралата на владеење на неправото, а граѓаните изгубиле доверба, тие не се сигурни во правосудството и системот воопшто, па дури и живеат во страв. Ако се констатираат флагрантни елементи на нефер постапка, нефер судење, без доволно докази и квалификативи за наводното дело, тогаш системот мора да покаже начин, меѓу другото, и преку повторени судски постапки, да демонстрира принцип на правна држава (држава на правдата), односно држава заснована на правда, легалитет и интегритет! Сѐ друго би било климава конструкција на државата. И на Македонија, се разбира

Случајот „27 април“ созрева како што созрева неопходноста од длабоките реформи за владеење на правото во судскиот систем и во државата

„Нова Македонија“ повеќепати пишувала за тие „спирали на владеење на неправото“ и правните преседани во кои немало конечна правда (како на пример за хашките случаи), каде што спротивно на меѓународното хуманитарно право е донесена политички договорена амнестија!?
Не помалку е важен и случајот со осудените за 27 април односно упадот во Собранието, дело оквалификувано како тероризам. Шеснаесетмина се осудени за тоа дело на вкупна казна од над 200 години.

Две силни позиции на двајца претседатели што бараат неселективна правда

Што се случува со случајот „27 април“? Јавноста шпекулира со некакви „изгледи да се донесе амнестија за осудените“, во контекст на изјавата на сегашната претседателка Гордана Силјановска-Давкова… Дали со амнестијата или помилувањето ќе се укинат и пресудите, за што постои законска можност? Или, пак, ќе има ли повторно судење, како што бараат и некои од осудените, но и некои високи политичари, како што беше, за волја на вистината, и поранешниот претседател Стево Пендаровски?
За потсетување, бившиот претседател Пендаровски во едно ТВ-интервју рече дека не мисли оти тие луѓе во затвор треба да се бранат оти ја нападнале демократијата, но дека со нови докази и нови сведоци може да се бара повторно отворање на целиот случај. Имено, за упадот во Собранието од пред четири години се осудени 16 лица на вкупно 211 години затвор за „терористичко загрозување на државниот поредок“. Дванаесет обвинети, меѓу кои и тогашните пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, добија амнестија. Тие потоа, според многу јавни искази, се „откупиле“ со гласање за промена на името.
– Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело, мислам формулација таква, немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 1990-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе што влегоа не беа терористи – изјави тогаш Пендаровски.
Натаму, како кандидатка за претседател Силјановска-Давкова изјавуваше дека во името на правдата, етиката и моралот, претседателот на државата е потребно понекогаш да се осмели и да посегне по кочницата наречена помилување.
– Вам, граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите за 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање терористичка закана или за уривање на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден-денес ако имаше таква закана“ – велеше сегашната претседателка на Македонија.
Според неа, делото што им било ставено на товар за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството.

– Тоа се случи за оние што не сакаа амнестија, а сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување – рече во изборната кампања Силјановска-Давкова.
Според Законот за помилување, донесен во март 2024 година, пред почетокот на изборната кампања, претседателот на државата може да помилува осудени лица само ако тие имаат правосилна пресуда, што е случај со осудените за настаните од 27 април.
Во секој случај, тоа се две силни позиции на двајца претседатели што бараат правда за осудените и се чини дека облакот на недовербата во пресудите тие само го засилија. Она што го нема во мозаикот е судско-обвинителниот систем, па и адвокатите што се закопани во статус кво и си стојат на позициите дека судиите се независни и дека врз нив политиката нема никакво влијание. Тоа, во Македонија, за жал не е така, но во случајов имаме изјави на две силни политички фигури од областа на правото и, сакале тоа да го земат предвид судиите или не, сепак мора да се направи нешто за тие магливи облаци да се тргнат. Потоа, има две пресуди на Стразбур за незаконски притвор и политички азил дадени на лица што се гонети за 27 април, а странските правосудни органи сметаа дека во Македонија нема да имаат фер судење и дека судскиот прогон е политички мотивиран. Ако овој срам не се способни или немаат волја да го отстранат самите правосудни органи, тогаш сме сите заглибени во земја каде што правдата е игра на среќа.


Габаритот на случајот „27 април“ добива димензија на „граѓанско движење за повторно судење“

Нови судски вештачења и собирање нови докази

Македонската јавност забележува еден процес што добива димензии на граѓанско движење за повторно судење на осудените од 27 април. Иницијативата „Стоп за политичкиот терор и прогон“, зад која застанаа повеќе невладини организации и граѓански здруженија, како и истакнати поединци и интелектуалци, по својот обем станува движење што сѐ поагресивно притиска јавно за повторно судење. Иницијаторот на овој процес, Тодор Кулаков, најавува судско вештачење на целиот собран материјал од нивна страна, а кој се однесува на, според нив, а и според многу медиумски работници, нелегален избор на тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Сите видеоснимки, пребројувањето на гласовите, а веројатно и уште нешто за кое сега не сакаат да обелоденуваат, ќе бидат предмет на независна експертиза. А токму тој „нелегален избор“ беше причината „народот да влезе во Собранието за да го одбрани“.
– Зошто се избришани недоброен број страници на интернет, исто така и видеа од гласањето и не држи тоа што се правдаат дека стара била веста и толку имал меморија серверот. Значи, правете што ќе правите, бројте, пребројувајте и пак до 58 гласа доаѓаме односно дека немаат мнозинство од 61 глас или повеќе. Доколку изброите внимателно, ќе видите дека само за нецели 4 секунди Мисовски избројува над 60 што гласале за нов претседател на Собранието – смета Кулаков, кој додава дека за тоа време можат да се избројат пет-шест пратенички гласа.
Сега нивната борба е насочена кон обезбедување потврда дека станува збор за политички прогон, а потоа заедно со сите вештачени документи ќе се обратат со нови докази пред домашните судски органи, но ќе ги информираат и Стејт департментот и Венецијанската комисија.
Дали токму оваа интернационализација на случајот „27 април“ ќе биде клучот на правдата за повторување на постапката? Дали, можеби, се ближи моментот кога осудените ќе добијат амнестија или помилување, дали тоа ќе значи и преквалификација на делото? Во сите овие сценарија, експертите тврдат дека е јасно дека пресудите паѓаат, а со тоа ќе се отвори и процес на помирување и правичен надомест на жртвите од тој процес. 


На обвинетите им се судеше по членот 313 од КЗ

Тој член гласи: „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.


Кои беа осудени и колкави им се казните

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.
За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Петнаесетмина од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за 27 април во текот на постапката ја негираа својата вина. Х.И.