Илустрација: „Нова Македонија“

Од каде тоа правило дека никој, вклучувајќи ја и извршната и законодавната власт, ниту адвокатите, не треба јавно да коментира судски одлуки?!
Напротив, според нашите соговорници, коментирањето и стручната дебата во врска со судските одлуки во демократијата се секогаш добредојдени за да се отворат нови светогледи, нови моменти, да се разбијат и зачауреноста и самодоволноста на судиите, па и да се развие правната наука и да се усогласи судската пракса со цел да се постигне најголема можна правна сигурност за граѓаните, правните лица и сите други форми на дејност и работа во нашата држава

Што порача во јавноста судскиот случај „Теодора“?

Судијата Елведин Ферати од Основниот суд во Тетово донесе пресуда од „дури“ две години затвор за Менсур Пајазити, поради тоа што во септември 2022 година ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска од Тетово, прегазувајќи ја со автомобил на пешачки премин, кој го возел со преголема брзина. Читајќи ја пресудата, Ферати нагласил дека со „нејзината висина таа ќе претставува пример и поука за сите во сообраќајот“?! За кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, со настанат смртен исход, судијата Ферати досудува само две години затвор, при што се предвидени максимални пет години затвор за такво кривично дело. И тој, како и голем дел од субјектите во нашето правосудство, другите државни институции, вклучувајќи и дел од јавноста, очекува оваа судска пресуда да не биде коментирана?!
– Напротив, тој мит за некоментирање судски пресуди, кој како флоскула е наметнат во едно слободно и демократско општество, треба конечно – да падне – велат наши соговорници и правни експерти.

Мит е дека судските пресуди и судиите не треба да бидат анализирани ниту коментирани

– Јас ниту смеам, ниту можам да ја коментирам пресудата, но она што секако сакам да го искоментирам е реакцијата на јавноста. А реакцијата на јавноста е оној глас на народот што е многу битен и што треба да допре до секој од нас, вклучувајќи и до Судскиот совет, кој е повикан да реагира. Тие два процента доверба што му се доделени на судството, уште еднаш се покажа дека не се за џабе – нагласи Филков.
Министерот за правда Филков не можел да ја коментира оваа пресуда на тетовскиот суд. Но, вредноста на демократијата, владеењето на правото и најпосле на човечкиот живот, за кого било да станува збор, не може а да не биде предмет за мотивирање коментари и анализи на јавноста (вклучувајќи и на институциите) поради ваквите скандалозни мајтапења со правдата. Токму ваквите „мајтапења со вкус на злоупотреби“ налагаат дека е веќе дојдено времето да се скрши на најситни парчиња митот дека судските пресуди и судиите не треба да бидат анализирани ниту коментирани!
Според повеќе странски и домашни експерти кои ги консултиравме по ова прашање, „судските пресуди и однесувањата на судиите во Македонија мора да можат да бидат коментирани, оценувани, мора да можат да бидат подложувани на преиспитувања, секако паралелно со почитување на уставните и законските одредби врзани за тоа, но во исто време и со почитување на механизмот на „проверка и баланс“ при институционалното активирање и профункционирање на сите контролни механизми што државата ги имаат на располагање. Треба да се синхронизираат сите органи и механизми во македонската држава и да постојат меѓусебна проверка и контрола во рамките на надлежностите, сѐ со цел да не се случат во иднина нови пресуди како оваа за смртта на Теодора, што ги поттикна нашите соговорници да ја земат оваа пресуда како метафора за недопирливото судство.

Не е погрешно ниту штетно во сериозните демократии судските одлуки да се ставаат под лупа

Независноста и автономијата на судството се темел на демократска држава во која постои принципот на владеење на правото, бидејќи само таквите судови можат да донесуваат фер и законски засновани одлуки. Секое друго однесување е спротивно на Уставот и значи повреда на независноста и автономијата на судството како еден од основните темели на правна држава.
Меѓутоа, во случај кога принципот на владеење на правото е битно еродиран за сите овие години од осамостојувањето, а правната држава три децении не е изградена да ги задоволи основните постулати на споменатиот принцип, тогаш природно е дека се појавуваат реакции во јавноста, каде што поширокиот јавен интерес ќе биде коректив за секој од столбовите на власта, вклучувајќи го и судската!
Иако според македонскиот Устав „судиите уживаат имунитет“ и тие „не можат да бидат повикувани на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки“, меѓутоа, далеку од тоа дека не постојат ефикасни и законски предвидени контролно-надзорни институти што ефикасно може да реагираат на катастрофално лошите судски пресуди како во случајот со тетовскиот судија.
Па, и овој пат, токму јавноста испровоцирана од континуираната девастација на владеењето на правото, која има доверба во судството од само два процента, ги стартуваше лавината коментари по споменатата пресуда, макар и неправосилна.
Од каде тоа правило дека „никој, вклучувајќи ја и извршната и законодавната власт, ниту адвокатите, не треба јавно да коментира судски одлуки?!
Напротив, коментирањето и стручната дебата во врска со судските одлуки во демократијата се секогаш добредојдени за да се отворат нови светогледи, нови моменти, да се разбијат и зачауреноста и самодоволноста на судиите, па и да се развие правната наука и да се усогласи судската пракса со цел да се постигне најголема можна правна сигурност за граѓаните, правните лица и сите други форми на дејност и работа во нашата држава.
Експертите толкуваат дека не е погрешно ниту штетно во сериозните демократии да се коментира судската одлука во случај кога таа не е во согласност со очекувањата и разбирањата на пошироката јавност, но и од страна на извршната или законодавната власт, со тоа што последниве два столба на власт имаат механизам на активирање на преиспитување на поведенијата на носителите на функциите (во сите три столба на власт) и на тој начин да се мобилизира во полн капацитет контролно-надзорната функција на одредените државни институции (на пример во овој случај Судскиот совет, па и Собранието на Македонија, со формирање соодветна анкетна комисија), со што здраво ќе се претресе феноменот на девастирање на правото и правдата во оваа држава.

Од Германија за „Нова Македонија“ Свето Тоевски