На тапет принципот на меѓународното право „немешање во внатрешните работи на други суверени држави“
- „Внатрешната политика“ е термин што во најширока смисла се однесува на областите на водење политика на територијата на една конкретна држава, од страна на легитимно и легално избраните власти. Во потесна смисла, пак, тоа е сегмент од владините или јавните политики што се однесуваат на прашања поврзани со внатрешните работи на една земја: Уставот, законите, политичките одлуки, програми, други акти итн. што ги регулираат државната сфера, правдата, јавните финансии, здравството, образованието, транспортната и електричната инфраструктура, заштитата на животната средина, културата итн. Така, терминот „внатрешни работи“, поточно феноменот на „мешањето во внатрешните работи“ е поврзан со процесите на „неосновано и недозволиво вклучување или инволвирање на трета страна“ во суверената внатрешна политика на домицилната држава…
- Новиот германски канцелар Фридрих Мерц деновиве ги критикуваше САД поради неодамнешните забелешки на потпретседателот Џеј Ди Венс и министерот за надворешни работи Марко Рубио, кои го осудија прогласувањето на партијата Алтернатива за Германија како „екстремно десничарска организација“. Мерц побара од американските политичари „да не се мешаат во внатрешните работи на Германија“ и тој притоа се повика на важниот принцип на меѓународното право „немешање во внатрешните работи на други суверени држави“. Кога веќе на новиот германски канцелар му е јасно што значи тоа „мешање во внатрешните работи“, ќе знае ли тој да го препознае и почитува тој принцип, со оглед на фактот дека во изминатите неколку години претходниот канцелар Олаф Шолц и сегашниот претседател Франк Валтер-Штајнмаер лично дрско и активно повеќепати го прекршуваа овој принцип и ултимативно настапуваа за промена на македонскиот Устав и внесување на Бугарите во него?
Новоизбраниот германски канцелар Фридрих Мерц ја презеде оваа функција и почна да внесува забележливи новини во германската надворешна политика. Во тој контекст Мерц побара од американските лидери да ја почитуваат сувереноста на германската држава и да не се мешаат во нејзините внатрешни работи. Мерц ја критикуваше американската администрација дека се меша во внатрешните работи на Германија.
– Јас не се мешав во изборната кампања пред американските избори, ниту ги повикав граѓаните да гласаат за оваа или онаа американска партија. Истото тоа го очекувам и од американските политичари – рече Фридрих Мерц, кој е канцелар од редовите на дел на Христијанско-демократска унија (ЦДУ), во интервју за германскиот јавниот радиодифузен сервис ЗДФ.
Мерц ги критикуваше неодамнешните забелешки на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио, кои го осудија означувањето на партијата Алтернатива за Германија како екстремно десничарска организација. Рубио зборуваше за „тиранија“ во Германија. „Тоа е сосема апсурдна перцепција за Германија“, возврати Мерц.
Исто така, новата коалициска влада на Германија во својот коалициски договор како една од главните надворешнополитички задачи го наведе „поголемото осамостојување на ЕУ од САД“. Во рамките на новините на германската надворешна политика спаѓа и одлуката на германската влада да се повлече специјалниот пратеник Мануел Сарацин од функцијата специјален пратеник на Германија за Западниот Балкан.
Реакциите на Германија кон САД, барањето да се почитува клучниот принцип на меѓународното право за немешање во внатрешните работи на други држави, без да завлегуваме во тоа колку има или нема право Германија во таа реакција кон САД, ни се повод да отвориме неколку принципиелни прашања. Дали ќе постапува така Германија и кон Македонија, дали ќе се придржува кон принципот да не се меша и во нејзините внатрешни работи, имајќи предвид дека во изминатите неколку години претходниот канцелар Олаф Шолц и сегашниот претседател Франк Валтер-Штајнмаер лично доаѓаа во Македонија и повеќепати лобираа и притискаа за промена на Уставот и внесување на Бугарите во него?
На 29 ноември 2022 година Штајнмајер најде дека е потребно да дојде во Собранието на Македонија и лично да им се обрати на македонските пратеници, да се осврне на „интегративниот процес на С.Македонија кон ЕУ“ и да повика „да не се скршнува на последните метри на патот кон пристапувањето во ЕУ“. Цитирајќи ги дури и Петре М. Андреевски и романот „Пиреј“, „нескротливиот копнеж за мир и слобода“, па и Блаже Конески и неговата изрека „јазикот е наша татковина“, Штајнмаер дури на крајот имаше кажано што го „боли“: „…ставете ги Бугарите во Уставот…!“
Потсетување на Декларацијата на ОН за пријателски односи и
системот на изворите на меѓународното право
Вистина е, секој народ, не само германскиот, туку и македонскиот народ има „нескротлив копнеж за мир и слобода“ или, кажано и со други зборови, и Македонците имаат копнеж да не ѝ се мешаат други држави и други политичари и државници во внатрешните работи на суверена Република Македонија. Оттука произлегуваат очекувањето и надежта дека Германија, нејзината влада и нејзиниот канцелар Мерц, еднакво како што бараат од САД да не им се мешаат во нивните внатрешни работи, тоа да го запазуваат, да го применуваат и кон Македонија.
Во својата научна студија со наслов „Декларација на Обединетите нации за пријателски односи и системот на изворите на меѓународното право“, објавена во 2025 година, д-р Гаетано Аранхио-Руиз, професор по меѓународно право на универзитетите во Падова, Болоња и Рим во Италија, потсетува на Резолуцијата на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации број 2.131, која носи наслов „Недозволивоста на интервенирањето во внатрешните работи на државите и заштита на нивната независност и суверенитет“. Професорот Руиз цитира два принципа од таа резолуција, кои имаат важност еднакво и за Германија и за Македонија: „Ниедна држава, или група на држави, нема право да интервенира, директно или индиректно, од која било причина, во внатрешните или надворешните работи на која било друга држава…. Секоја држава има неотуѓиво право да одбере свој политички, економски, општествен или културен систем, без мешање во која било форма на друга држава“.
Наведувајќи уште еден важен дел од споменатата резолуција на ООН дека „употребата на сила да се лишат народите од нивниот национален идентитет претставува прекршување на нивните неотуѓиви права и на принципот на неинтервенирање“, Руиз нагласува дека овој дел од резолуцијата „реално му припаѓа на правото на самоопределување на секој народ“.
Имајќи го предвид ова, на македонските политичари, на македонското државно-политичко раководство, им преостанува само да го следат примерот на нивните германски колеги и да бараат и во случајот на Македонија да се спроведува резолуцијата на ООН за недозволивоста на мешањето во нејзините работи, бидејќи тоа има директен одраз и врз правото на македонскиот народ за македонско самоопределување и идентификување.
Уште едно прашање произлегува од најновите потези на германската влада. Таа донесе одлука да го повлече специјалниот пратеник Мануел Сарацин од функцијата специјален пратеник на Германија за Западен Балкан. Штом Германија ќе нема повеќе свој ваков специјален пратеник, дали тоа ќе значи можеби и овозможување простор Балканот повеќе самиот да ги уредува меѓусебните работи без германско замешателство, а во тие рамки и Македонија со своите „добри соседи“?
Економските односи со Германија ни се од колосално значење, а немешањето во нашите внатрешни работи ќе го поддржи и новиот германски канцелар…
Како и да е, што и да биде, Сојузна Република останува да биде држава со клучно значење меѓу сите други членки на ЕУ: и во политичка и во економска смисла! Германија веќе се позиционира цврсто како „локомотива на ЕУ“, без оглед на моменталните тешкотии со кои се соочува нејзината економија. Германскиот претседател уште на крајот на 2022 година, при својата спомената посета на Македонија, имаше укажано дека „С. Македонија претставува ценета економска локација за над 200 фирми со германски капитал, кои се вбројуваат во најголемите работодавци во земјата и кои вработуваат околу 20.000 работници“. Германија e клучен економски партнер на Македонија и оттука секакви тешкотии и проблеми со кои се соочува оваа политички и економски водечка европска држава имаат свој одраз и врз македонската економија.
Сега, кога врвни светски и економски експерти предупредуваат дека „Европската Унија се наоѓа пред неизбежен економски колапс“, а некои дури велат и „економска апокалипса“, поради забрзаната деиндустријализација, падот на животниот стандард и други економски причини, одделно Кенет Рогоф се задржува и на состојбата во германската економија. Рогоф, врвен американски економски експерт, поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд и сегашен професор по јавна политика и економија во Универзитетот „Харвард“, во својата анализа со наслов „Европската економија забавува“ од 28 ноември 2024 година ќе заклучи: „Германија, како и Франција, во уште една година искажува речиси нула проценти економски пораст. За да добие повторно динамизам и флексибилност, германската економија ќе мора да спроведе далекосежни структурни реформи“.
Можниот економски колапс на Германија, колку и да звучи неверојатно дека би можел да ѝ се случи, би можел да претставува застрашувачки удар за македонската економија. На Република Македонија ѝ е потребна ЕУ како европска економска заедница, но и Германија како стабилна и економски перспективна држава, бидејќи сето тоа ќе го повлече и економскиот раст на Македонија,. Затоа не е добро ако се влоши економската ситуација во Германија до степен на длабока криза, а да не зборуваме и за можен економски колапс. Германската и македонската политика имаат свои разлики, но во економијата има значителни блиски релации меѓу двете држави, што е од суштинско значење за Македонија.
Свето Тоевски