Повод: 21 февруари – Меѓународен ден на мајчиниот јазик
- Да се откаже еден народ од својот јазик значи да се откаже тој и од самиот себеси и од своите интереси; значи да престане да гледа на себе со свои очи, да суди за себе и за другите со својот ум и разум, а да чека укажување за сѐ отстрана. Еден народ што си го загубил својот јазик личи на еден човек што си го загубил патот и не знае од каде иде и на каде оди и кој не знае зошто оди ваму, а не онаму или таму. Колку во поскоро време еден народ го изменува својот јазик, толку поопасна и очајна е неговата положба, пишува Крсте Петков Мисирков во своето епохално дело „За македонските работи“
- Повеќемина еминентни странски и домашни автори потврдуваат дека мајчиниот јазик е срцето на националниот и културниот идентитет, како и поттик за личен развој. Односно, мајчиниот јазик на една личност е длабоко поврзан со културниот идентитет и наследство, а јазикот ги одразува традициите, вредностите, обичаите и историјата на заедницата или нацијата. Во оваа смисла, негувањето и користењето на мајчиниот јазик им помагаат на поединците да одржат силно чувство за себе и поврзаност со своите корени
Негувањето на мајчиниот јазик, како што е македонскиот јазик, има егзистенцијално значење за зачувување на националните и културните особености. Напишаното се потврдува и од повеќе научни истражувања, кои посочуваат дека изучувањето и негувањето на мајчиниот јазик има позитивни својства во однос на зачувувањето на идентитетот на детето, како и на нацијата. Преку мајчиниот јазик уште во раната возраст децата се поврзуваат со својата заедница и култура, преку развојот на чувството за припадност и позитивна слика за себе и заедницата или нацијата. Податоците на Обединетите нации покажуваат дека низ светот се говорат околу 6.000 јазици, а 43 отсто од нив се сметаат за загрозени. Тоа може негативно да се одрази врз заедницата или нацијата, бидејќи преку исчезнувањето на мајчиниот јазик исчезнуваат и културните особености. Исчезнувањето на мајчиниот јазик може да се спречи преку институционалната грижа, образованието и слично.
Не случајно Крсте Петков Мисирков нагласуваше дека „јазикот е средство со кое ние дознаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот собеседник“, како и дека во „јазикот има одделни гласовни знакови или зборови за сите мисли, чувства и желби на еден човек, затоа јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеано и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго“.
– Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане тој верен на духот на своите предедовци и да почитува ѐe што имаат тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух. Со тоа само се објаснуваат и желбите и усилбите на покорителите да ги направат покорените да се откажат од својот јазик и на негово место да го научат нивниот; исто така со тоа се објаснува упорството на покорените народи да си го зачуваат сето свое духовно народно наследство, а особено јазикот – пишува Мисирков во своето епохално дело „За македонските работи“.
Повеќемина еминентни странски и домашни автори потврдуваат дека мајчиниот јазик е срцето на националниот и културниот идентитет, како и поттик за личен развој. Односно, мајчиниот јазик на една личност е длабоко поврзан со културниот идентитет и наследство, а јазикот ги одразува традициите, вредностите, обичаите и историјата на заедницата или нацијата. Во оваа смисла, негувањето и користењето на мајчиниот јазик им помага на поединците да одржат силно чувство за себе и поврзаност со своите корени. Мајчиниот јазик е и мостот помеѓу генерациите во рамките на една заедница или нација, односно преку заедничкиот јазик се олеснува комуникацијата помеѓу родителите и децата, а преку тоа говорно општење се пренесуваат националните особености и културни вредности од една генерација на друга. Д.Ст.
Првото училиште на македонски јазик
На десетина километри југозападно од Кичево, во револуционерната област Копачка, се наоѓа селото Подвис, каде што на 23 септември 1943 година, во екот на Втората светска војна, за првпат на слободна територија се слушнал мајчиниот збор во првото училиште на македонски јазик.
Во спомените на првиот наставник во Подвис, Василко Ристески-Лазароски, запишани кај Китановски, можеме да прочитаме повеќе за содржините на наставата: „Децата ги учев во училиштето и работев по програмата што ми беше дадена од организацијата, и тоа: откривање букви за прво одделение, а на другите одделенија најмногу им раскажував за борбата на нашите народи, за нашата организација, нешто малку колку што знаев за нашето минато, а работев и сметање… Како литература го користев и Билтенот на Главниот штаб на НОВ и ПОЈ за Македонија. Постојано ги пеевме борбените песни: ’Еј, што ми е мило ем драго млада партизанка да станам‘, ’Во борба, во борба македонски народе‘, ’А бре, Македонче каде се спремаш‘“. На наставните содржини укажуваат и учениците од првата генерација: „Даскалот Василко ни раскажуваше за потеклото и историјата на Македонија, за борбите чии пукотници се слушаа дури во Подвис, за слободата што беше на прагот“; „Учителот ни читаше извештаи од Билтенот на Главниот штаб, што се состануваше на Лопушник, каде што беше сместена печатницата и Кочо Рацин, кој ги составуваше“. Д.Ст.
Неколку зборови за македонскиот литературен јазик!
Опасноста што го загрозува нашиот народ и неговите интереси од страна на пропагандите е што тие ги користат сите дозволени и недозволени средства да го сотрат во Македонија нашиот јазик, а со него и нашите духовни интереси, и да ги насадат нивните јазици и нивните духовни интереси. Против тоа имаме и право и должност да се бориме. Притоа ние не сакаме туѓо, туку си го браниме своето.
Секој народен јазик си има своја историја и свои современи варијации или дијалекти, поддијалекти итн. Своја историја и варијации си има и нашиот јазик. По таа историја може да се проучи како сегашните варијации се добиени од постари и последниве од еден општ македонски јазик, а тој од една јужнословенска група итн. Исто така по неа може да се проследи на која варијација или на кој дијалект во кое време имало поголема литература.
Создавањето литературен јазик е духовна потреба кај нас, за да им се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси и да се создаде свој литературен и научен центар за да се нема нужда од Белград и Софија. А таа тешка задача ќе се постигне само ако Македонецот од северна Македонија му подаде рака на својот брат од јужна Македонија и оној од Западна на оној од Источна. Подадените раце ќе се прекрстат околу Прилеп-Битола.
Автор: Крсте Петков Мисирков
Претседателката Гордана Силјановска -Давкова изрази поддршка за ширењето на македонскиот јазик
Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова се сретна со директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Кристина Николовска, информираат од нејзиниот кабинет. Николовска ја информира претседателката за неодамна одржаната Петта зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, оценувајќи ја како исклучително успешна, како и за подготовките за претстојната Летна школа, која традиционално се одржува во Охрид. Претседателката, пак, го поздравила формирањето Координативно тело за подготовка на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик и потсетила дека годинава се навршуваат 100 години од излегувањето од печат на грчко-македонскиот „Абецедар“, букварот за македонските деца во Грција.
На средбата се разговараше и за лекторатите и катедрите за македонски јазик. Професорката Николовска презентираше листа на постојни лекторати, оние со долга традиција, но и новоотворени или возобновени, бројот на студентите во нив, реализираните активности и проекти, пројавените проблеми и дилеми и можниот начин за нивно решавање, се вели во соопштението од кабинетот на Гордана Силјановска-Давкова. За обете, иако Законот за употреба на македонскиот јазик е солидна правна рамка за развој на лекторатите и катедрите, потребен е стратегиски пристап во промоцијата на македонскиот јазик и македонистиката, вклучувајќи ја и соодветната финансиска поддршка на ангажираните, што ќе овозможи интерес за вклучување не само лектори туку и професори во наставно-образовниот процес. Претседателката изразила и отворена поддршка и подготвеност за понатамошна соработка во ширењето на македонскиот јазик, литература и култура. Д.Ст.