Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кој сѐ може да аплицира за средства од Оперативниот план за вработување на Владата? Какви мерки се планираат и колку пари следуваат по одделен апликант? За граѓаните и читателите на „Нова Македонија“, економскиот тим во нашиот медиум направи кус и полезен осврт. Ги пренесуваме деталите

Осврт кон Оперативниот план за вработување, документ на македонската влада

Владини претставници деновиве најавија нова поддршка за самовработување, за што од буџетот се планирани дури 40 милиони евра, средства што би требало да го помогнат вработувањето на дури 16 илјади граѓани. Она што е особено примамливо, се мерките за вработување млади лица до 29 години, но и мерките за поддршка за вработување лица со посебни потреби.
Деталите од овој амбициозен план се поставени на веб-страницата на Агенцијата за вработување на Македонија, а таму може во детали да се видат плановите и условите што заинтересираните треба да ги исполнат.

Што опфаќаат мерките за самовработување?

Мерката за самовработување лица до 29 години е наменета за невработени лица за да почнат сопствен бизнис и тие треба да имаат завршено основно образование.
Со неа ќе бидат поддржани 610 лица, кои може да добијат по 430.500 денари неповратни средства за основање бизнис, од кои 3.000 денари за трошоци за регистрација, 220-250 илјади денари за дополнително вработување невработени лица во правни субјекти основани од лица со попреченост.
Оваа помош може да ја користат невработени лица постари од 29 години, за мажи до 60 години, за жени до 58 години. Но тука се опфатени и жени жртви на родово насилство над 29 години, потоа и припадници на ромската заедница.
Ако правниот субјект во рок од две години од регистрација престане со работа, корисникот на грантот е должен да врати 60 или 80 проценти од позајмената сума.
Корисникот на грант што ќе ги искористи овие средства и ќе воспостави работен однос на неопределено време, не смее во рок од две години да се врати во евиденцијата на невработени лица на Агенцијата за вработување.
Ако од некои причини лицето што е вработено преку оваа програма замине од работа, работодавецот е должен да вработи друго лице од евиденцијата на невработени лица и да биде вработено до истекот на договорот. Во спротивно ќе биде должен да ги врати парите.

Што содржи мерката за поддршка за самовработување на лицата до 29 години?

Опфаќа млади лица до 29 години евидентирани во АВРМ, а планирани се средства за вработување 720 лица.
Висината на финансиската поддршка достигнува 615 илјади денари неповратни средства, од кои 3.000 денари за трошоци за регистрација на правен субјект.
Корисници на оваа помош може да бидат лица до 29 години што се невработени, но и жени жртви на насилство, невработени млади лица што сакаат да го формализираат својот бизнис, лица од ромската заедница или повратници.
Критериуми што мора да ги исполнат заинтересираните се завршено основно образование, пополнет прашалник, обука „Претприемништво и развој на претприемнички вештини“, да имаат изработен бизнис-план.
Како и во претходната програма, ако правниот субјект престане да постои пред истекот на две години од основањето, ќе мора да врати од 60 до 80 проценти од грантот. Корисникот исто така во тој период не смее да се врати на листата на невработени во Агенцијата за вработување.
Дополнително правниот субјект основан од лице со попреченост што вработило друго лице е должен да го задржи 12 месеци, за лице до 29 години или девет месеци ако е постаро од 29 години. Ако прекине работниот однос, тогаш работодавецот мора да вработи ново невработено лице од евиденцијата на АВРМ.

Какви се условите за мерката за поддршка за самовработување (претприемаштво) – здружување на корисници во ДОО?

Наменета е за невработени лица евидентирани во АВРСМ со минимум основно образование, со која ќе бидат опфатени 400 лица од кои 220 до 29 години.
Планирани се 861 илјади денари за правен субјект во кој се опфатени брачни партнери постари од 29 години.
Сума од 1.230.000 денари ќе ѝ биде доделена на брачна двојка до 29 години, а од овие пари 3.000 денари се за трошоците за регистрација.
Корисници на оваа финансиска поддршка се невработени лица, мажи и жени, жртви на родово насилство, на семејно насилство, невработени Роми. Прифатливи се и бизнис-планови од жени од рурални средини што ќе отворат бизнис од земјоделска дејност.
Условите, како и за претходните мерки, се слични, завршено основно образование, пополнет прашалник, завршена обука, изработен бизнис-план.
Кандидатите заедно ќе ги поминуваат сите чекори од постапката за користење средства од ова мерка, а ако едно од лицата се откаже, тогаш се откажува и правото на другото лице.
Правниот субјект се регистрира како ДОО – Друштво со ограничена одговорност од две лица и секој ќе има 50 проценти удел во него.
Ако престане со работа пред истекот од две години од основањето, ќе мора да врати 60 или 80 отсто од грантот, ниту пак корисниците ќе смеат да се вратат на листата на невработени во АВРМ.

Какви мерки има за компаниите?

Планот предвидува и посебна поддршка за креирање нови работни места што ќе поттикнуваат вработување на невработени лица во микро, мали и во средни претпријатија.
Се планира опфат на 1.570 невработени лица од евидентираните во АВРСМ, и тоа на лица до 29 години, но и над 29 години, корисници на помош и Роми.
Поддршката за вработување ќе се движи од 800 илјади денари до 1.250.000 денари во зависност од бројот на одобрени вработувања.
Висината на грантот за вработување на едно лице до 29 години достигнува 250 илјади денари. За корисници на помош, Роми, лица со попреченост и за долгорочно невработени лица, висината на грантот е 220 илјади денари, додека за невработени лица постари од 29 години висината на грантот достигнува 160 илјади денари.
Корисници на грантот се микро, мали и средни претпријатија и граѓански организации што планираат нови работни места.
Работодавецот што вработува невработено лице од оваа програма мора да го задржи нововработените лице 15 месеци за млади до 29 години, или 12 месеци за постари од 29 години. Исто така не смее да го намали вкупниот број на вработени на неопределено време што го имал на денот на аплицирање, но ниту бројот на лицата опфатени со мерката. Во случај на смрт или пензија има рок од 30 дена да вработи ново лице.

Какви мерки може да користат лицата со попреченост?

Меѓу мерките на овој Оперативен план е предвидена и посебна мерка за поддршка на вработувањата лица со попреченост, која обезбедува средства за опфат на 150 невработени лица евидентирани во АВРСМ.
Со оваа мерка, за вработување лице со попреченост на неопределено време, се доделуваат 20 просечни нето-плати, за слепо лице 40 плати, додека за адаптација на работно место се доделуваат 100 илјади денари. За набавка на опрема се доделуваат 200 просечни плати исплатени во Македонија.
Работодавецот што ќе вработи лица со попреченост е должен да обезбеди соодветни услови за работа, не смее да го намали вкупниот број на вработени во рок од три години од вработувањето лице со попреченост, должен е редовно да исплаќа плата, а вработените лица да работат во согласност со договореното.

Што друго предвидува Оперативниот план?

Покрај мерките за поддршка за нови вработувања, планирани се и повеќе мерки за обуки, чија цел е да ги подобрат вештините на невработените лица.
Планирани се обуки на работно место кај конкретен работодавец, за што е во план да се обезбедат пари за вработување на 245 невработени лица евидентирани во АВРСМ. Овие лица ќе добиваат месечен надомест од 12 илјади денари со осигурување до три месеци додека трае обуката од страна на агенцијата, додека работодавецот ќе добие вкупно 25 илјади денари по обучено лице.
Се планираат и обуки за барани занимања со кои ќе се опфатат 600 невработени лица, и за нив се планираат 12 илјади денари месечно и осигурување, додека спроведувачите на обуката ќе добијат 30 илјади денари по обучено лице.
Предвидена е и мерка Обуки за возачи за Ц, Ц+Е и Д-категорија, за вкупно 200 невработени лица, кои ќе се реализираат во лиценцирани автошколи.
Обука за стекнување основни вештини како изучување странски јазици со која се планира опфат на 320 лица, како и обука за компјутери каде што ќе бидат опфатени 400 лица, но и обуки за претприемаштво, бизнис-планирање со која ќе бидат опфатени 500 невработени лица. Е.Р.