Боб Менендез има на совест колосални прекршувања на норми и поведенија кога станува збор за Македонија. На почетокот на 2000 година тој застана во поддршка на резолуциите што грчкото лоби ги предложи за усвојување во неколку сојузни држави, па имаше и неуспешен обид тоа да се случи и во Конгресот. За нас е важно да се навратиме на тие години на „политичката активност на Менендез со индикатори на длабоко коруптивно работење, кое американските судови деновиве и го докажаа“.
Имено, во истиот контекст, потсетувајќи се на „неговата активна улога во безобѕирното ретуширање на античката македонска историја во полза на Грција“ и следејќи го натаму текот на настаните, ќе дојдеме до потпишувањето на Преспанската спогодба и ќе стане многу појасно за низа елементи што го идентификуваат коруптивниот начин на кој таа е постигната
Повод: Кој е американскиот сенатор Боб Менендез – осуден за мито, кој своевремено ја ретушира античката македонска историја, во полза на Грција
Сенаторот од Њу Џерси, Боб Менендез, е прогласен за виновен по 16 точки поврзани со шема во кои примал мито, вклучувајќи златни прачки и „мерцедес-бенц“, во замена за помагање странски влади. Поротата го осуди Менендез за сите обвиненија по повеќе од 12 часа размислување во текот на три дена. Судењето траеше девет недели.
Менендез, порано шеф на моќната Комисија за надворешни односи на Сенатот, сега се соочува со децении затвор. Овој влијателен сенатор некогаш седеше и на богата грчка софра, а ја искомпликува и номинацијата на Филип Рикер за амбасадор на САД во Македонија. Дали и неговото противење, затоа што наводно „Рикер бил премногу на македонска страна“, па морал да си ги досреди тезите, било поради став формиран со помош на грчкото лоби и евентуално грчки кеш или добар одмор?
Во секој случај, правната аналогија води во таа насока, бидејќи во доказната судска постапка (за гореспоменатиот случај против сенаторот Менендез, со невообичаено многу совпаѓања со настаните поврзани со „македонскиот случај“) имаше доволна тежина за судот него да го прогласи за виновен.
Демократските пратеници го повикаа да се повлече од Конгресот.
– Сенаторот Менендез сега мора да го направи она што е правилно за неговите избирачи, Сенатот и нашата земја и да поднесе оставка – се наведува во изјавата на лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер.
Говорејќи пред новинарите по неговото осудување, Менендез остана на ставот дека е невин.
– Никогаш не ја прекршив мојата јавна заклетва. Никогаш не сум бил само патриот на мојата земја – рече тој пред судот во Њујорк во вторникот.
Неговиот адвокат Адам Фи рече дека е „изненаден и разочаран“ од пресудата на поротата и вети дека ќе се жали „агресивно“.
ШОКАНТНО НИВО НА КОРУПЦИЈА
Обвинителите рекоа дека случајот претставува „шокантно ниво на корупција“.
– Ова не беше политика како и обично, ова беше политика за профит. Сега кога поротата го осуди Боб Менендез, неговите години на продажба на својата канцеларија на оној што ќе понуди највисока понуда конечно завршија – рече Демијан Вилијамс, адвокат за јужниот округ на Њујорк.
Менендез се изјасни за невин на судењето. Неговите адвокати тврдеа дека подароците што тој ги прифатил не се квалификуваат како мито, бидејќи обвинителите не успеале да докажат дека тој презел какви било конкретни дејства како резултат на нивното примање.Неговата сопруга Надин Арсланиан Менендез исто така се соочува со обвиненија во случајот за поткуп, но нејзиното судење беше одложено за да може да се подложи на третман за рак на дојка. Таа се изјасни за невина. Неговите адвокати се обидоа да ја префрлат вината на г-ѓа Менендез, прикажувајќи ја како финансиски проблематична личност што се надевала „да добие пари и средства на кој било начин“.
Во меѓувреме обвинителите се потпираа на сведочењето на експертите, мејловите и СМС-пораките на Менендез за да покажат дека сенаторот прифатил раскошни награди од странски влади.
Тие рекоа дека подароците вклучуваат златни прачки во вредност од над 100.000 долари. Некои од прачките им беа предадени на поротниците како доказ во судскиот процес. Поротниците исто така слушнале дека агентите на ФБИ пронашле повеќе од 480.000 долари во готовина во домот на Менендез, од кои некои биле полнети во пликови и палта.
На двајца бизнисмени, Ваел Хана и Фред Даибес, им се суди и под обвинение дека го барале сенаторот за незаконска помош на египетската влада и обезбедување милиони долари од Катарскиот инвестициски фонд. Третиот бизнисмен, Хозе Урибе, се изјасни за виновен и сведочеше против Менендез на судењето. Во замена за митото, обвинителите рекоа дека Менендез помогнал да се обезбедат милиони долари американска помош за Египет, каде што Хана имала врски со владини претставници.
Менендез моментално се кандидира како независен кандидат додека води кампања да го задржи своето место на изборите во ноември. Повеќето демократи во државата се оддалечија од него минатата година по објавувањето на обвинението во кое беа прикажани златни прачки скриени во неговиот дом. Енди Ким, демократски конгресмен од Њу Џерси, рече дека пресудата претставува „тажен и мрачен ден“ за неговата држава.
– Го повикав сенаторот Менендез да поднесе оставка кога овие обвиненија првпат беа објавени, а сега кога тој беше прогласен за виновен, верувам дека единствениот начин на дејствување за него е веднаш да поднесе оставка од своето место. Луѓето на Њу Џерси заслужуваат подобро – наведе Ким во изјавата.
Пред дваесетина години три американски сојузни држави донесоа резолуции во кои беше истакнато дека „Античките Македонци биле Хелени, а денешните жители на Северна Грција, Македонија, се наследници на Хелените“… Звучи познато нели, токму како што ова беше „забетонирано“ со Преспанската спогодба…
АНТИМАКЕДОНСКА ПОЛИТИКА ПОТТИКНАТА ОД ГРЧКОТО ЛОБИ
Боб Менендез има големи гревови и кога станува збор за Македонија. На почетокот на 2000 година тој застана во поддршка на резолуциите што грчкото лоби ги предложи за усвојување во неколку сојузни држави, па имаше и неуспешен обид тоа да се случи и во Конгресот. За нас е важно да се навратиме на тие години и на „политичката активност“ на Менендез, затоа што ако се следи текот на настаните, ќе дојдеме до потпишувањето на Преспанската спогодба и ќе ни стане многу појасно на каков коруптивен начин е таа постигната. Ништо не е случајно.
„Античките Македонци биле Хелени, а денешните жители на Северна Грција, Македонија, се наследници на Хелените“, беше наведено во резолуциите усвоени од Илиноис, Мисури и Калифорнија. Идентични резолуции беа предложени на усвојување и во Тексас и Њу Хемпшир, со кои етничките Македонци се прекрстуваат во Грци. Во тие необврзувачки резолуции беше истакнато дека „Филип Втори и Александар Македонски се Хелени, културата и јазикот се како тие на Хелените и дека тие, исто како и Хелените, верувале во 12 бога од Олимп… Историјата на Античките Македонци во последните 3.000 години беше хеленистичка и таа продолжува во денешни денови“.
Дали ви звучи ова познато? Дали го добивме токму ова со Преспанската спогодба? Одговорот е – да!
Од меморијата на печатените медиуми:
Како некогаш Никола Димитров ја бранеше Македонија?
Тогашниот амбасадор во Вашингтон, Никола Димитров, како известувач од Северна Каролина за „Дневник“, ми изјави дека „во неколку наврати изразил сериозна загриженост за ова прашање во Стејт департментот и во Националниот совет за безбедност при Белата куќа“ и притоа укажал на штетните последици и барал соодветно постапување.
– Прашањето што биле Античките Македонци е прашање што не може да го одговори еден законодавен дом со политичка резолуција, туку науката и историјата – изјави во 2004 година Димитров.
Реагираа и македонските Американци, кои рекоа дека се навредени затоа што резолуциите го негираат нивниот етнички идентитет. Во писмото до гувернерот на Илиноис, Џорџ Рајан, тие рекоа дека „македонската заедница во Америка е составена од околу 800.000 граѓани со повеќе од 30 црковни заедници, 50 македонски училишта и 100 македонски центри низ САД“.
Да заокружиме – зад сето ова застана и сенаторот Боб Менендез! Обвинет и осуден за корупција, влијателен политичар што дебело наплаќал за своите услуги. А, во овој антимакедонски инженеринг, поттикнат од Панмакедонската организација на американските Грци, зад кои стои владата во Атина, случајно или не се појавуваат и имињата на амбасадорите Никола Димитров и Филип Рикер. А, целата операција елегантно е завршена, односно Македонија е запечатена со Преспанската спогодба. Дали таа е крајот? Х.И.