Европската слободна алијанса (ЕФА) на Генералното собрание одржано во Нант, Франција, повика на заштита на македонскиот идентитет во земјите на ЕУ и земјите кандидати, поднесена од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и од ОМО Илинден Пирин ЕФА долго време е застапник на правото на македонскиот народ на достоинство и самоопределување. ЕФА неколкупати изрази најголема загриженост за влошувањето на атмосферата на заплашување и насилство со која се соочува македонската заедница во Бугарија Со мотото „Да се зборува значи да се постои“, ЕФА бара акција за вистинска јазична еднаквост во Европа и да се прекине со културниот геноцид
Јазичните права во центарот на вниманието на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА): Акција за вистинска јазична еднаквост
Јазичните права беа во центарот на вниманието на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА) ,кое се одржуваше во Нант во Бретања, Франција. Само за пример, во текот на изминатите шест години бретонскиот јазик изгуби половина од своите говорници. Ова беше главниот заклучок од студијата нарачана од регионот Бретања од институтот TMO, чии резултати беа објавени на почетокот на годинава. Помеѓу 2018 и 2024 година бројот на луѓе што зборуваат бретонски јазик се намали од 214.000 на 107.000. Исто така, во Бретања, јазикот гало исто така губи. Говорниците се намалија за повеќе од 25 отсто во последните шест години. Ова се катастрофални податоци за овој историски регион што има силен идентитет и културно богатство што се губи поради централизмот на француската држава.
Но бретонскиот не е единствениот европски јазик во опаѓање. Ситуацијата низ целата ЕУ не е позитивна. Во Каталонија, само 12,1 отсто од младите луѓе го користат каталонскиот како свој главен јазик. Во Валенсија секојдневната употреба на јазикот во приватниот живот се намали за 8 поени помеѓу 2017 и 2022 година. Во Галиција 92 отсто од предучилишните одделенија се еднојазични на шпански јазик, речиси елиминирајќи ја можноста децата да учат на галициски јазик. Во Фрисланд генерациското пренесување на фризискиот јазик е во опаѓање: само 12 отсто од населението има добро ниво на пишан фризиски јазик. На Фриули дневниот печат на фриулиски не постои. А употребата на малцински јазици на социјалните медиуми насекаде е речиси анегдотска.
ЕФА не може да ги затвори очите пред овие состојби
Ова се само неколку примери за тоа како Европа се движи кон губење на своето јазично наследство, а ЕФА не може да ги затвори очите пред оваа ситуација. Поради оваа причина, Европската слободна алијанса им даде на јазичните права централно место на Генералното собрание во Нант и ја постави јазичната правда во срцето на дебатата. Со мотото „Да се зборува значи да се постои“ и на Бретон „Комз евит беззањ“ се побара акција за вистинска јазична еднаквост во Европа.
– ЕФА, како партија на самоопределување, ги повикува европските институции да бидат поблиску до милионите граѓани што ги зборуваат стотиците јазици и дијалекти што моментално не се признаени во ЕУ. Се залагаме за правото на употреба на многу повеќе јазици во Европскиот парламент и за правото на граѓаните на ЕУ да им пишуваат на институциите на ЕУ на својот мајчин јазик. Сите граѓани на ЕУ се еднакви и треба да се избегнува секаков облик на јазична дискриминација. Ние се залагаме за Европа што навистина ја прифаќа својата различност и го штити целото богатство што го носи. Се стремиме кон Европа на јазици – велат од ЕФА.
Партиите членки на ЕФА презентираа неколку предлози до Генералното собрание. Повеќето беа едногласно одобрени, истакнувајќи го единството во рамките на ЕФА. Овие предлози ги бранат правата на луѓето во пограничните региони – како што се прекуграничните работници и нивниот пристап до социјално осигурување – поттикнуваат загриженост за еколошките ризици поврзани со кршење на владеењето на правото на ЕУ, го осудуваат мекиот културен геноцид што се случува во некои земји членки на ЕУ преку потиснување на мајчините јазици преку корупција и ја потврдуваат посветеноста на ЕФА на обединета Европа во овие геополитички чувствителни времиња.
Во тој контекст, како што Европската слободна алијанса (ЕФА) на Генералното собрание одржано во Нант повика на заштита на македонскиот идентитет во земјите на ЕУ и земјите кандидати, поднесена од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и од ОМО Илинден Пирин, информираа од МАЕИ.
ЕФА долго време е застапник на правото на македонскиот народ на достоинство и самоопределување, во соработка со неговата партија членка ОМО Илинден-Пирин. ЕФА неколкупати изрази најголема загриженост за влошувањето на атмосферата на заплашување и насилство со која се соочува македонската заедница во Бугарија. ЕФА во изминативе години постојано повикува на признавање, толеранција и почитување на оваа долгострадална заедница, како и на итна осуда од страна на бугарските власти на секое расно мотивирано непријателство кон нив.
На годинашново Собрание бил разгледан извештајот за минимални стандарди за малцинствата во ЕУ од 2018/2036 (INI), при што бил „разгледан фактот дека Македонците се староседелско население на територијата на Бугарија и Албанија и покажуваат посебни културни црти, одржуваат долгорочни и лојални врски со државата и се доволно репрезентативни, иако помали по бројност од остатокот од населението на таа држава“.
– Потврдено е пред сè дека Македонците се силно мотивирани да го зачуваат она што го сочинува нивниот заеднички идентитет, вклучувајќи ги нивната култура, нивните традиции и нивниот македонски јазик, потврдувајќи дека Македонците ги исполнуваат критериумите за малцинство според горенаведениот извештај на ЕУ и дека Македонците се предмет на државно организирани систематски политики на асимилација, дискриминација и негирање на нивните човекови и малцински права – велат од МАЕИ.
Според истиот извор, „ЕФА ги осудува бугарската политика на негирање на постоењето на македонската нација и блокирање на членството на Македонија во ЕУ“.
– Исто така ЕФА ги осудува бугарската политика на асимилација и дискриминација на македонското малцинство во Бугарија, бугарската политика на етничко таргетирање на македонското малцинство во Албанија за вештачко создавање бугарско малцинство преку масовно доделување и продажба на бугарски државјанства од ЕУ, напорите за асимилација, притисок врз властите и финансиски поткупи – јасна злоупотреба на членството на Бугарија во ЕУ – нагласуваат од МАЕИ.
ЕФА ја осудува понатамошна употреба на ова неодамна создадено малцинство за уценување на Албанија и легитимирање на асимилацијата на македонското малцинство, потоа правните постапки поддржани од бугарската држава против Македонската алијанса за европска интеграција, која има за цел да го замолчи политичкиот глас на македонското малцинство во Албанија, како и издавањето лажни сертификати за бугарско потекло од страна на одредени албански општини – и покрај тоа што немаат законска надлежност да издаваат такви документи – со цел добивање бугарски пасоши преку коруптивни средства.
Европската слободна алијанса бара од Бугарија да се откаже од своите услови за европска интеграција на Македонија, кои се спротивни на Копенхашките критериуми, и да ја укине блокадата за пристапување на Македонија во ЕУ, да им ги даде на Македонците во Бугарија истите права што ги бара за Бугарите во Македонија, во согласност со принципите на правда и еднаквост, веднаш да ја запре својата агресија врз македонското малцинство во Албанија и заедно со Грција и со Албанија да ја потпише и целосно да ја спроведе Европската повелба за регионални или малцински јазици, вклучувајќи активна поддршка за македонскиот јазик и култура за Македонците и другите малцинства.
– Од институциите на ЕУ се бара повторно да се отвори прашањето за малцинствата во постмониторинг-процесот за Бугарија и да се обезбеди целосно почитување на Копенхашките критериуми, европската комисија да го истражи третманот на македонските малцинства во Бугарија, Албанија и Грција, да се бара идните текстови на ЕУ експлицитно да го споменуваат „етничкото македонско малцинство“ во главниот текст, а не во фусноти или нејасни термини, да се создадат механизми што ќе им овозможат на малцинствата да ги принудат институциите на ЕУ, како што е Комисијата на ЕУ, да дејствуваат во врска со системските повреди на правата, да се третира преседанот на ЕСЧП еднакво и да не се користи за оправдување на неактивноста, особено кога малцинствата немаат правни ресурси, да се признае македонскиот јазик како малцински јазик и да се поддржи неговата институционална употреба, да се признае дека барањата за регистрација за пристап до грантови финансирани од ЕУ им го негираат еднаквиот пристап на македонските граѓани на ЕУ, да се повика Европската комисија да ги преиспита и отстрани барањата за регистрација за апликации за грантови од горенаведената причина и да се гарантира правото на самоопределување и самоизразување за Македонците и во Бугарија и во Албанија, се наведува во резолуцијата.
Во образложението се нагласува дека овој предлог се потпира на извештајот на ЕУ за минималните стандарди за малцинствата (2018/2036(INI)) и е одговор на растечкото потиснување на македонскиот идентитет во Бугарија и во Албанија, како и на неуспехот на ЕУ експлицитно да го спомене етничкото македонско малцинство. Таму се посочува дека е потребен нов пристап за да се обезбедат видливост и вклучување во рамките на човековите права на ЕУ.
Тони Гламчевски, нашспецијален известувач од Нант