Дипломатска вештина „а ла Грек“:

Од сета парадоксалност на содржината на Преспанскиот договор, меѓународно-политичкиот амбиент и последиците што се создадоа по неговото потпишување и (не)спроведување (имплементиран е само во Македонија), можеби „најфасцинантен“ парадокс е оној што Грција секогаш успева да се претстави како најголемата и единствена жртва, а да ја претстави Македонија како апсолутен виновник, иако ние во целост ги спроведуваме обврските наметнати од Преспанскиот договор, а Грција – ништо

Промената на личните документи на македонските граѓани, пред сѐ на пасошите, со „преспанското име“ на државата, помалку или повеќе веќе тече со редовна динамика и се чини дека е надмината кризата создадена на 12 февруари 2024 година, кога истекоа петте години од ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, што беше и еден од предвидените рокови во договорот меѓу Македонија и Грција, со кој, наводно, беше надминат спорот со името на македонската држава, наметнат од јужната соседска држава. Грција, доследна на својата проблематичност, не сакаше да попушти ни за продолжување на рокот за замена на документите, поради техничката невозможност (недостиг од обрасци за патните исправи) одеднаш да им бидат заменети пасошите на сите граѓани на Македонија. Замената на личните документи со новото име на државата веројатно беше последната недокрај спроведена обврска на Македонија од Преспанскиот договор. Сите други – од промена на името на институциите до избрусените шахти со изгравираниот знак на сонцето од Кутлеш – беа предвреме најажурно спроведени.

Секако, Грција кај себе не ги смени ни патоказните табли пред границата со Македонија, на кои сѐ уште пишува „Скопиа“ и тоа обично невидливи од „бујната вегетација“ покрај нив. Трите меморандуми, забележани во Преспанскиот договор колку да се каже дека е одржан некаков стандард за реципроцитет, карактеристичен за меѓународни договори, грчката администрација веднаш ги затури по фиоките, а деновиве грчкиот премиер Мицотакис отворено се фали дека нема да бидат ратификувани во парламентот и ќе ги чувал како аргумент за преговори (?!).

Македонија – виновник, Грција жртва!?

Од сета парадоксалност на содржината на Преспанскиот договор, меѓународно-политичкиот амбиент и последиците што се создадоа по неговото потпишување и (не)спроведување (целосно имплементиран е само во Македонија), можеби „најфасцинантен“ парадокс е оној што Грција секогаш успева да се претстави како најголемата и единствена жртва. Во контекст на истата „фасцинантност“ е и онаа вештина на грчката политика и дипломатија пред меѓународната јавност да ја обвини Македонија за неспроведување и желба за раскинување на договорот, за кој и самите грчки политичари отворено признаваат дека единствената негова цел е национално-идентитетско поништување на Македонците преку обезименување на државата.
Грчкиот премиер Мицотакис, откако македонската претседателка Силјановска-Давкова изјави дека нејзино човеково право е да ја нарекува својата земја Македонија, постојано потсетува дека „европскиот пат на Македонија поминува низ Грција и дека нашата земја може само да профитира од добрите односи со Грција, во спротивно може да наиде на проблеми за влез во Европската Унија“. И дека очекува наметнатото име на државата со Преспанскиот договор да се одрази и во (само)именувањето на македонската нација. Иако таквото очекување на Мицотакис нема основа ниту во Преспанскиот договор, тој и понатаму тврди дека Македонија и претседателката го прекршуваат договорот.

Фото: „Нова Македонија“

Новата македонска претседателка, како професорка по уставно право го критикуваше и укажуваше на сите асиметрии и недоследности на Преспанскиот договор, кој, во меѓувреме, на контроверзен начин стана уставна реалност. Како предизвик, дури и од дел од македонската јавност, на претседателката постојано ѝ се наметнува прашањето за почитувањето на таа уставна реалност, наспроти нејзините претходно искажани експертски ставови. Но во контекст на дебатата за прекршувањето на Преспанскиот договор, Силјановска-Давкова исфрли соодветен аргументиран предизвик и до меѓународната јавност, поставувајќи го прашањето дали тоа што Македонија не ги започнала преговорите со ЕУ, и покрај исполнетите рокови од договорот, не претставува негово прекршување како од Грција, но и од самата Унија.

Претседателката Силјановска-Давкова: Јас имам прашање за себе, за Грција и за сите други!

– Понекогаш и слушам некои предупредувања и закани, но јас вака велам – точно е дека во меѓународното право важи начелото дека треба да се почитуваат договорите, но еве мислам секогаш кога бараме од другиот да стори нешто, логично е во една вин–вин логика да се запрашаме што сторивме ние. Јас мислам дека сите што биле во Грција можат да видат дека токму името што од нас бараат да го почитуваме, тие никаде не го истакнале. Сѐ уште има Скопје, Skopia, дури го има и акронимот на повеќе места, да не зборувам за меморандумите. Еве, кога веќе ме прашавте, само да кажам дека за мене најважниот меморандум (кој треба да го ратификува Грција, н.з.) е оној за помошта при евроинтеграциите. Значи затоа очекувам со пример да се стори нешто и, еве, да укажам на уште нешто што исто така не се истакнува. Имено, ние ги сменивме и документите за внатрешна употреба, меѓутоа токму во однос на овие постапки, таму има во Преспанскиот договор, се вика, дека ќе почне примената, односно ќе треба да го оствариме ова пет години по неговото стапување во сила, ама пишува и по отворањето на првото поглавје. Јас имам прашање за себе, за Грција и за сите други дали ние отворивме некое поглавје и дали тоа не е исто така превид, не велам прекршување. Дали тоа не е исто така отстапување од Преспанскиот договор? – праша реторички претседателката Гордана Силјановска-Давкова.