Свесни дека плановите за дестабилизација на државата од есен веќе се осуетени, за што извесни директни реакции имало и од меѓународниот фактор, кој побарал од првите луѓе на ДУИ да ја прифатат новата политичка реалност во земјата и да не предизвикуваат проблеми, интегративците коват планови како да ја остварат својата цел така што нема да бидат директно посочени како виновници при евентуални некакви конфликтни ситуации, туку би се наметнале како фактор што ги менаџира состојбите во насока на смирување
Чудно раздвижување во регионот по најавите на ДУИ за протести од есен
Реториката што ја употребуваат првите луѓе на ДУИ откако не се дел од владејачката структура недвосмислено упатува на заклучокот дека интегративците не само што не се помирени со фактот дека се во опозиција туку се подготвени „да одат докрај“, за повторно да се вратат на власт, макар тоа значело дестабилизација на земјата. Еднаш веќе го применија истиот метод кога не беа одбрани како владини партнери во 2006 година, па преку креирање внатрешни конфликтни ситуации и со силна помош на меѓународната заедница успеаја да влезат во власта и да не ја напуштат две децении, без оглед на многубројните коруптивни афери со кои се соочуваа нивните функционери. Сега и покрај изјавите на партиските челници дека од септември ќе се борат со демократски средства, сепак сигналите што пристигнуваат од терен се дека многу е мала границата меѓу таквите „демократски“ средства што ги најавува ДУИ.
Не толку одамна високи функционери од оваа партија најавуваа вадење на чизмите од таваните, други агитираа да се одбрани Кичево како воен плен, така што многу тешко ќе се контролираат „демократските методи“ кај сите оние што се офајдија од дводецениското владеење на интегративците, имајќи ги предвид потегнувањето пиштоли и каменувањето на мирниот протест на тогашната македонска опозиција во 2022 година пред плоштадот „Скендербег“.
Затскривање зад радикализирањето
Повторното реотворање на Охридскиот рамковен договор, што го најави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да се озакони принципот „победник со победник“ на изборите, е само обична алиби-алатка. Прво, според повеќе наши соговорници, интенцијата е да се мотивира членството што помасовно да излезе на протестите што ги планираат интегративците. Но во исто време, протестите се и параван зад кој сакаат да се затскријат сите оние на кои им виси над глава повторно отворање на четирите хашки случаи, што од Македонија го бара Советот на Европа, и кои преку дестабилизација на државата сакаат да се спасат од кривичен прогон.
Свесни дека плановите за дестабилизација на државата од есен веќе се осуетени, за што извесни директни реакции имало и од меѓународниот фактор, кој побарал од првите луѓе на ДУИ да ја прифатат новата политичка реалност во земјата и да не предизвикуваат политички кризи, соговорниците сугерираат дека „интегративците коват планови како да ја остварат својата цел така што нема да бидат директно посочени како виновници при евентуални некакви конфликтни ситуации, туку би се наметнале како фактор што ги менаџира состојбите во насока на смирување“.
Некој друг ќе ја заврши работата за ДУИ
Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Павле Трајанов, во изјава за „Плус инфо“, воопшто не се сомнева дека ДУИ ќе работи на есенско дестабилизирање на државата.
– Сигурен сум дека ќе има обиди за дестабилизација на безбедносната состојба во Македонија, особено поради тоа што најавите доаѓаат од повеќе меѓународни фактори. Целта на ДУИ е да изврши дестабилизација на државата само за да се врати на власт. Тоа е нивната стратегиска цел, бидејќи сфатија дека тешко можат да функционираат во опозиција, но исто така се плашат од одговорност на нивни кадри кои низ годините се длабоко навлезени во криминал и во корупција – вели Трајанов.
Според него, ДУИ во моментов нема толкава моќ за да направи голем конфликт сличен на воениот конфликт во 2001 година, но ќе се обиде преку помали инциденти да изврши дестабилизација.
– Ќе го ангажираат криминалното подземје, односно ќе ги вклучат сите оние луѓе што низ годините се занимавале со матни зделки, бизниси, тендери, па и со дрога, убиства, ликвидации. Само таква структура можат тие да ангажираат. А кога станува збор за организирање протести, никој не вели дека не треба да го искористат ова демократско право, но не смее да се случи тие протести да прераснат во улично насилство. Добро е што властите уште веднаш предупредија за можностите за дестабилизација. На тој начин, кога сѐ е транспарентно и јавно кажано, најдобро се превенира – објаснува Трајанов.
Инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово беше „за да се напипаат некои релации во земјава“
Дел од безбедносните експерти гледаат извесна поврзаност во најавите за есенски протести во регионите населени со мнозинско албанско население.
– ДУИ е сега под засилен мониторинг од сите, но најмногу од меѓународниот фактор и во никој случај нема да сака да си ги расипе односите со странците креирајќи некакви дестабилизирачки ситуации. Но ако малку подобро ги анализираме процесите во регионот, ќе забележиме дека се повторуваат како во периодот пред војната во Македонија. Имено, Албанците во Прешевската Долина ги немаше 20 и кусур години, за сега одеднаш да започнуваат нови протести, да бараат права и слично. Знаеме како завршувале нивните протести кога бараат права. Исто е и во Косово, а инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово беше намерно инсцениран за да се напипаат некои релации во земјава. Секакви протести во Косово или во јужна Србија ќе бидат поддржани и од Албанците во Македонија и обратно, односно можно е прелевање луѓе од соседството. И ако некои групи од Прешево или од Приштина утре дојдат во Скопје и предизвикаат дестабилизирачки инциденти, тогаш сите прстот ќе го вперат кон нив, а од сето тоа ќе профитира ДУИ – посочуваат безбедносните аналитичари.
Тие сметаат дека македонските безбедносни служби треба малку пошироко да ги гледаат работите бидејќи ДУИ функционира во поширок контекст.
– Да не заборавиме дека ДУИ произлезе од поранешната ОНА, а таа имаше структури и во Косово, и во јужна Србија, но и во Албанија. Сега, кога овдешното партиско водство е под мониторинг, не е исклучено тие да побараат од нивните соборци да го направат она што тие не можат во овој момент, односно да ја дестабилизираат земјата. Впрочем, доволно е да научиме нешто од случувањата во Диво Насеље пред неколку години. И сега ќе ја употребат истата шема, некој друг ќе ги направи проблемите и ќе пребега преку граница, а ДУИ ќе биде „миротворецот“ што е гарантот за стабилно владеење – констатираат аналитичарите. П.Р.