Апел на поглаварите на верските заедници
Поглаварите на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелистичко-методистичката црква и Еврејската зедница ги повикаа сите македонски граѓани да не потклекнуваат пред обидите за нарушување на соживотот во државата.
Во соопштението упатено по денешната средба во скопската епархија се наведува дека треба да се продолжи со продлабочување на меѓусебната солидарност и да се запази почитта едни кон други, кон државните симболи на државата и кон симболите на сите етнички заедници во неа.
– Средбата на разнообразни култури носи можност за облагородување на духот на човекот и за зголемување на креативноста на целото општество. Бог ни дал да живееме во една заедничка држава. Затоа ние, поглаварите на МПЦ-Охридска архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелистичко-методистичката црква и Еврејската зедница ги повикуваме сите македонски граѓани да не потклекнуваат пред некои обиди за нарушување на соживотот, туку сите заедно да продолжиме да ја продлабочуваме меѓусебната солидарност и да ја запазуваме почитта едни кон други, кон државните симболи на нашта татковина и кон симболите на сите етнички заедници во неа, – се наведува во соопштението.
Соопштението е потпишано од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, реис ул улема Шаќир ефенди Фетаи, скопскиот бискуп и епарх струмички г. Киро Стојанов, суперитенден Марјан Димов и Пепо Леви од Еврејската заедница. Н.М.