- Новата амбасадорка на НР Кина во Македонија, Џијанг Сјаојан, ги истакна зајакнувањето на меѓусебната почит, промовирањето на меѓусебното разбирање и продлабочувањето на односите помеѓу двете држави, посочувајќи ги досегашните видливи придобивки, како и огромниот потенцијал за соработка
Ми претставува голема чест тоа што претседателот Си Џинпинг ме назначи за осми амбасадор на Кина во Северна Македонија. За време на овие два месеца откако сум тука, длабоко сум трогната од топлината на македонскиот народ и се чувствувам охрабрено од огромниот потенцијал за заемно корисна соработка. Имам целосна доверба во иднината на билатералните односи. Оваа доверба произлегува од огромната сила на долгогодишното традиционално пријателство, истакна новата амбасадорка на Народна Република Кина во Македонија, Џијанг Сјаојан, на свечениот прием по повод нејзиното стапување на должност, одржан завчера во хотел „Мериот“ во Скопје. Во продолжение пренесуваме битни поенти од говорот на амбасадорката Сјаојан на приемот на кој присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, институции и голем број гости од општествениот и јавниот живот.
Со меѓучовечка размена што датира од далечното минато, нашите односи го надминаа тестот на времето и продолжуваат да растат. Кина е меѓу првите земји што ја признаа и воспоставија дипломатски односи со Македонија под нејзиното уставно име. Посетив многу општини и запознав луѓе од различни сфери на животот – службеници, научници, претприемачи, студенти, граѓани од сите возрасти. Споделивме перспективи за развој на билатералните односи. Нивните ставови и поддршка предизвикаа уште поголем импулс во билатералните односи. Оваа доверба произлегува од постојните видливи придобивки и огромниот потенцијал за соработка. Економиите на Кина и Северна Македонија се многу комплементарни. Кина е третиот најголем трговски партнер на Северна Македонија и најголемиот трговски партнер надвор од Европа. Кинеските компании обезбедија над 2.000 работни места и им помогнаа на локалните заедници. По завршувањето на проектот за експресниот пат Миладиновци-Штип, „Синохидро“ не штеди во напорите за автопатот помеѓу Кичево и Охрид, придонесувајќи за подобрување на поврзаноста. „Стратун Јуроп“ извезува текстил за Македонија, а „Голдвинд“ го поддржува зелениот развој на Македонија со испораки на кинески турбини. Ова се само неколку примери. Минатиот месец организиравме настан за вмрежување за развој на туризмот. Меѓусебниот ентузијазам на Кина и на Македонија е јасно докажан.
Оваа доверба произлегува од енергичната меѓучовечка размена. За време на изминатите 12 месеци, откако Кина го укина визниот режим, македонските граѓани имаа остварено речиси 8.000 патувања во Кина. Во моментов македонскиот научник Игор Радев присуствува на фестивал за поезија во Шангај, Горан Костовски дава тренинзи по кошарка во Пекинг, новинарката Весна Дамчевска известува за Кина од тамошните различни провинции, a младите пингпонгари Јован Пармачки и Матеја Смолиќ учествуваат на тренинг-кампови во Ченгду. Вчера ги посетија и со нив играа кинескиот светски шампион Ванг Личин и претседателката на Меѓународната федерација за пинг-понг, Петра Срлинг. Следната недела Драган Атанасов од „Атлантик турс“ ќе присуствува на туристичкиот саем во провинцијата Хаинан. Исто така, повеќе од десет ученици од Кочани освоија награди на меѓународниот младински ликовен натпревар во Џиангсу. Културната, академската и размената во спортот е толку динамична, што речиси секоја недела нешто се случува откако дојдов. За време на моите посети на Охрид, Битола, Куманово, Кавадарци, Тетово и Свети Николе длабоко почувствував дека силата и основата на нашето пријателство лежат меѓу луѓето и во локалните заедници.
Висококвалитетниот раст на Кина ќе донесе повеќе можности за Северна Македонија. Постои една македонска поговорка: „помеѓу зборовите и делата, долг е патот“. Во Кина велиме: „делата зборуваат погласно од зборовите“. За да ја претвориме нашата заедничка визија во реалност, ќе се здружиме со голема решителност и со вистинско дејствување.
Прво, треба да ги зајакнеме меѓусебната почит и доверба за нашите односи да бидат цврсти како Шар Планина. Претседателката Силјановска-Давкова забележа дека нашето пријателство е вкоренето во меѓусебна почит, разбирање и споделени вредности. Кина ќе продолжи да ги поддржува македонскиот суверенитет, територијален интегритет и национално достоинство, играјќи единствена улога во регионалните и меѓународните прашања. Веруваме дека македонската страна ќе продолжи да ги почитува основните интереси на Кина и да го почитува принципот „Една Кина“. Со тоа, не само што ја зајакнуваме суштинската политичка основа за нашите односи туку и ги заштитуваме меѓународниот поредок и правда.
Второ, треба да ја направиме меѓусебно корисната соработка длабока како Охридско Езеро, за да може Македонија да ја искористи својата географска локација на транспортен центар и туристичка дестинација. Ткаењето поблиски врски за соработка им служи на интересите на двата народа. Кина е подготвена да увезува повеќе македонски производи и охрабрува што повеќе кинески претпријатија тука да инвестираат, да ја прошират соработката во инфраструктурата, трговијата, зелениот развој, дигиталната економија, паметните технологии, е-трговијата и градењето капацитети.
Трето, треба да промовираме меѓусебно разбирање за нашето пријателство да стане силно како македонската ракија. И Кина и Македонија имаат богато историско и културно наследство. Скопјe е европска престолнина на културата за 2028 година и седиште на Координативниот центар за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Следната година кинеските уметнички ансамбли, вклучувајќи ги Сичуанската опера и Пекиншката академија за танц, ќе го посетат Скопје. Исто така ќе ја зајакнеме размената меѓу аналитичките центри, младите, спортот, филмската индустрија и општините. Кина го продолжи безвизниот режим за македонските граѓани за уште една година и се надева дека Северна Македонија ќе преземе дополнителни мерки за олеснување на двонасочното патување.
Годината на змијата завршува, а Годината на коњот се приближува. Коњот симболизира виталност, оптимизам, храброст и акција. Со нетрпение очекувам да работам со поголема „коњска“ сила, да создадам повеќе платформи, да промовирам поблиски културни врски и да ја подобрам и олеснам пристапноста за нашите народи, со цел да изградиме заедница со заедничка иднина за човештвото. Искрено се надевам дека за време на мојот мандат ќе ја имам вашата континуирана поддршка. Н.М.

































