Фото: „Нова Македонија“

Според нашите соговорници, „сега е моментумот кога е неопходно да се практикуваат методи од широката палета што ја нуди новата доктрина на македонската надворешна политика“, која и се наѕира. Таа нова доктрина е во врска со членот 49 од нашиот Устав и амандман, со кој, за жал, ние се ограничивме од грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и на иселениците од Македонија, како и за помагање на нивниот културен развој и унапредување на врските со нив. Но ние треба да направиме сесрдни напори и во новата доктрина да ни бидат приоритетни формите и методите на грижата за културните, економските и социјалните права на македонските граѓани во странство!

Офанзивна, антиципативна, априори – македонска дипломатија! (3)

Деновиве група новинари од нашата редакција во неколку наврати имаа исклучително квалитетни разговори со адвокатот Тони Менкиноски, правниот застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Впечатокот на редакцијата е дека адвокатот Менкиноски мошне умешно го приближи прашањето за нашиот меѓународен предизвик и предизвикот на нашите сонародници од соседството и нивните секојдневни проблеми со кои се соочуваат, а сето тоа поврзано со индивидуалните и колективните човекови права, како и нашиот интегрален заеднички етнички македонски идентитет, јазик и историја

Од повеќето поенти во брифингот со експертот за човекови права Менкиноски издвојуваме некои становишта и препораки што досега не биле предмет на дискусија во јавноста, а се шанса за еден наш квалитетен исчекор за операционализација на нашите заложби и цели преку дипломатски форми и методи. Во тој контекст во денешното, трето продолжение ја изнесуваме неговата идеја за мерки за мотивирање, поттикнување или помагање на секој што е на страната на македонската кауза, поточно на вистината и правдината, а се осмелил и охрабрил јавно да го каже тоа, и тоа пред релевантни странски или меѓународни институции.

Сведоци сме дека македонското малцинство во соседството постојано е на удар на асимилаторски политики, на погазување на основните малцински права, а во дел од нив и на негирање на нивната етничка определба. Преседанот што пред три децении Македонија како држава го направи така што напросто се ограничи од грижата за малцинствата во соседните држави (амандман на чл. 49 од Уставот со кој грижата за положбата на нашинците надвор од Македонија е ставена во ограничувачки контекст, како што е „мешање во суверените права на други држави во нивните внатрешни работи“), резултираше со отворен и забрзан процес на асимилација на Македонците во соседството, без оглед што некои од овие земји се членки на Европската Унија и се обврзале на почитување, незагрозување и унапредување на малцинските права. Затоа, клучно е матичната држава Македонија да покаже грижа за сите нашинци од другата страна на границата, во соседството, иселениците, како и дијаспората, да ги обедини под своја закрила и да испрати јасна порака дека никогаш нема да се откаже од нив.

Да го смениме нашиот досегашен приод во врска со правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и на иселениците од Македонија

– Ако се сеќавате, неодамна Томас Вајц се пожали дека добива смртни закани од бугарски екстремисти. Тој лично потврди во јавноста дека бил цел на напад, на силна кампања за оцрнување, го нарекувале пристрасен и корумпиран и го обвинувале дека имал повеќе разговори со Македонија отколку со Бугарија. Што е најстрашно, тој ги потврди смртните закани кон него од екстремно десничарски групи… Помина извесно време од оваа изјава, нема никакви реакции ниту од Европарламентот ниту од меѓународните судови. Ете, токму тоа, меѓу другото, е улогата на нашите дипломати. Треба да го повикаат него или да имаат контакти со одредени медиуми или уредници, на пример во Шпанија, во Франција, во Италија, да го поддржиме Вајц или да му помогнеме. Секој што е на страната на нашата кауза, поточно на вистината и правдината, а се осмелил и охрабрил јавно да го каже тоа, и тоа во релевантни институции, ние треба да го мотивираме, да го поттикнеме или да му помогнеме – вели адвокатот Тони Менкиноски, правниот застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), истакнувајќи уште еден аспект на есенцијално потребен ангажман на нашата дипломатија.
Тој додава дека сега навистина е моментумот кога е неопходно „да се практикуваат методи од широката палета на новата доктрина на македонската надворешна политика, која и се наѕира. Таа нова доктрина е во согласност со пренебрегнувањето на членот 49 од нашиот Устав со амандман со кој, за жал, ние се ограничивме од грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и на иселениците од Македонија, како и за помагање на нивниот културен развој и унапредување на врските со нив. И ние треба да направиме сесрдни напори за да ни биде приоритетна грижата за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Македонија во странство!
Менкиноски посочува уште на еден пример или, поточно, повеќе случаи во Македонија до скоро не покажала ниту интерес за силно замешателство и поддршка на нашинците во Бугарија, а спротивно на тоа, Софија во еден многу сомнителен предмет, со фашизоидни елементи демонстрирани од бугарското малцинство во Македонија, се замеша во поддршка на поединци во државава.
– ОМО Илинден Пирин имаше толку предмети, а Македонија со години ниту се вмеша во некој предмет во Европскиот суд за човекови права ниту, пак, во делот кога требаше да се извршуваат овие пресуди. Од друга страна, Бугарија имаше еден никаков предмет, тоа е предметот „Радко“, кој беше на тенка линија, бидејќи се граничеше со фашистичко величење на бугарски личности и настани од историјата… А и во еден таков „климав предмет“, Софија имаше свој претставник, односно бугарската држава се вмеша во предметот.

И преку еден ваков пример, повторно сакам да потенцирам – битно е ние Македонците да го смениме нашиот приод, да поттикнеме наша нова стратегија. Дефанзивната стратегија е нешто што нас нѐ правеше на надворешен план вакви какви што сме, но офанзивната, проактивна стратегија, ќе смени многу нешта. И за наша среќа, таа наша нова стратегија е во согласност со новата геополитичка карта на мултиполарниот свет. И тоа треба обемно да се искористи!
И да не заборавам да нагласам, навистина нашите македонски здруженија во Грција, во Бугарија, во Албанија, секаде каде што се, силно помагаат во целата оваа битка во изградба и аплицирање на оваа стратегија за заштита на македонските национални интереси. Да, тие здушно го прават тоа. Но, моја непосредна забелешка е дека ние од матицата, од Македонија, не треба да придонесуваме или да поттикнуваме тамошна поделба во тоа ткиво, со партиски етикетирања и внесување на „вирусот на политикантски раскол“ во иселеништвото, делејќи ги поединците таму на „леви“ или „десни“, припадници/симпатизери на една или друга партиска опција (во матицата). Во своето работење избраните лидери на припадниците на македонскиот народ во соседните земји, односно кај нашите иселеници од дијаспората, контактирале со властите во матицата Македонија, без разлика кој бил на власт. Единствено што тие сакале е да ги продлабочат своите канали на комуникација и конкретната соработка помеѓу македонската заедница надвор од Македонија со матицата, а не партиски да фатат приклучок. Затоа, третманот кон нив по партиски основ е нонсенс и што побрзо треба да се пренебрегне ваквиот однос – истакнува адвокатот Менкиноски, кој има навистина продлабочени познавања за односот на македонските иселеници кон својата држава.


Повик до претседателката Силјановска-Давкова

Ние сме во право, но треба сите да си ја сработиме работата

Со засилен состав по повеќе основи и отсега со дипломатија со искуство, знаење, дипломатски вештини на наши дипломати од кариера, особено за соседните земји, со именување човечки ресурси, да го направиме неопходниот и квантитативен и квалитативен исчекор на дипломатијата, да направиме значајно продлабочување на антиципативните капацитети на дипломатијата, со однапред осмислена стратегија и доктрина во функција на државен и национален пробив низ стегите што ни ги наметнаа Атина, Софија и Брисел во форма на повеќе асиметрични меѓудржавни договори и надвор од меѓународното право

Нашиот соговорник, адвокатот Тони Менкиноски, правен застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), во разговорот ни нагласува дека доскорашниот лидерски состав на македонската дипломатија нас нѐ доведе до тоа сега да се браниме.
– Бугарија офанзивно бара ние да го смениме Уставот. Каква контрадикторност? Каква глупост! Имате Венецијанска комисија. Таа не е шега. Венецијанската комисија како тело на Советот на Европа по иницијатива однадвор се грижи за сите закони што се носат во одредени држави. Таа датира од 1990 година, по падот на Берлинскиот ѕид, во време на итна потреба за уставна помош во Средна и Источна Европа. Официјалното име на комисијата е Европска комисија за демократија преку право, но бидејќи состаноците се одржуваат во Венеција, Италија, вообичаено се нарекува Венецијанска комисија. Таа е составена од независни експерти од областа на уставното право, а мислам дека и претседателката на државата била членка на Венецијанската комисија. Длабоко сум уверен дека во 2008 година Венецијанската комисија има донесено извештаи за Бугарија во кои вели дека Бугарија е таа што треба да го смени Уставот, не ние. Тоа го видовме во медиумите, објавија „Нова Македонија“ и Канал 5 и многу други луѓе го кажаа тоа во 2012 година. Томас Хамамбер го забележува истото тоа во 2010 година, дека Бугарија е таа што треба да го смени Уставот, не ние – одговорно тврди Менкиноски.
Адвокатот истакнува дека затоа неколкупати го повторува тоа.
– Ние сме во право, но треба да сите си ја сработиме работата. Никој не е предодреден за местото на кое работи. Кога сте вие избиран и менуван функционер, тоа значи дека граѓаните им даваат доверба на избраните да менаџираат со нивните права. А за да ги заштитите тие права на граѓаните, треба да ги дадете најдобриот ефектен исход и решение. Повик до претседателката на Македонија, бидејќи била членка на таа комисија, да го почне и да го вади ова, да кажува дека во 2008 година, во согласност со извештајот на Венецијанската комисија, не Македонија туку Бугарија требало да го смени Уставот, во правец да се признае македонското малцинство. А не сега ние имаме една обратна ситуација. Аргументите се на наша страна, треба само да ги презентираме пред меѓународни форуми, не треба да ги премолчуваме тие аргументи, тие се многу добри аргументи. Морам да истакнам дека за тоа премиерот е многу јасен. Второ, морам да кажам дека неговата функција како премиер застана зад браникот на македонските работи. Но премиерот е премиер, тој е извршна власт. Меѓународните односи и меѓународната политика се во рамките на претседателката и во рамките на Министерството за надворешни работи – истакна адвокатот Тони Менкиноски, правниот застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Д.Ст.