„И во овој пост, следејќи го послушанието за телесниот пост што ќе ни го даде нашиот исповедник, сепак, да се трудиме да не го ставаме акцентот само на она што ни влегува во устата туку и на она што ни влегува во срцата и во душите“
МПЦ-ОА до православните верници: Почнува апостолскиот пост, познат како Петров пост, кој ќе трае до 11 јули
Постот односно привременото одрекнување од одреден вид храна и практикување засилени молитва и добродејанија има огромна важност во Православната црква. Впрочем, посните денови сочинуваат околу половина од годината. Така, покрај редовните еднодневни постови што се практикуваат двапати во седмицата – во средите и петоците, Црквата востановила и четири повеќедневни поста, и тоа:
Великиот пост, кој трае седум седмици, од денот по Прочка – Чист понеделник до Христовото воскресение – Велигден;
Апостолски пост – кај народот познат уште и како Петров пост – чие времетраење варира, во зависност од датумот на прославувањето на Велигден;
Богородичен пост, кој трае две седмици, во пресрет на празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица (14-27 август) и
Божиќен пост, кој трае шест седмици, во пресрет на Рождество Христово – Божиќ (27 ноември-6 јануари).
Постот на светите апостоли секогаш започнува во понеделникот по првата недела по Педесетница (Неделата на сите светии) и трае до празникот на светите апостоли Петар и Павле (12 јули). Оттаму, тој е единствен пост чие времетраење не е константно, туку зависи од датумот на прославувањето на Велигден. Така, во помесните цркви што го следат стариот јулијански календар, како што е случај со Македонската православна црква-Охридска архиепископија, овој пост може да трае најмногу 42 дена, кога Велигден паѓа рано, а најмалку осум дена, кога Велигден паѓа доцна. Годинава имавме доцен Велигден (6 мај), па, оттаму, постот ќе трае само 11 дена (1–11 јули). Во новокалендарските помесни цркви, пак, какви што се на пример нашите соседни Грчка и Бугарска православна црква, овој пост може да трае најмногу 29 дена, а некогаш може и воопшто да го нема, како што е тоа случај и годинава.
Историските сведоштва велат дека апостолскиот пост најверојатно својот почеток го има во еден древен црковен пост што започнувал веднаш по Педесетница. Сепак, поради ретките и невоедначени податоци од овој период, не можат да се извадат прецизни заклучоци за неговиот настанок. Првото несомнено укажување на краток пост по Педесетница го наоѓаме во древниот спис Апостолските установи (крај на четвртиот век). Таму се вели дека по Педесетница верните треба да прославуваат една седмица, а потоа една седмица да постат (Const. Ap. V 20). Во вековите потоа овој пост започнал постепено да се зголемува, па кон крајот на деветтиот век, на некои места, веќе и станал четириесетница.
„Секој треба да пости така што постот ќе му биде и од духовна полза и нема да му штети на здравјето. Оттаму, пред секој пост треба да се советуваме со нашиот парох и со нашиот лекар“, вели отец Даниел Јовановски од скопската епархија
Инаку, во најраниот период постот не бил сврзан со светите апостоли. Но, Црквата секогаш била свесна за потребата еден од нејзините постови да биде во чест на светите апостоли, потреба што извира од тоа што по Слегувањето на Светиот Дух на денот на Педесетница, непосредно пред апостолите да појдат и да го проповедаат благовестието на сите народи (Мт 28, 19), тие за својата мисија се подготвувале токму со пост и засилена молитва. Затоа, во извесна точка во историјата, постот што следува по Педесетница бил именуван апостолски.
Според руската Православнаја енциклопедија, прв што го нарекува со тоа име бил преподобен Теодор Студит, еден од најпознатите монаси од осмиот век. Оттаму и Богослужбен устав од манастирот на Свети Теодор, таканаречениот Студиски типик (средина на деветтиот век), постов го нарекува апостолски. И токму во него е пропишано тој да започнува во понеделникот по неделата на сите светии, како што е останато и до ден-денес. Влијанието на тој типик во сеправославната екумена потоа овозможило именувањето и времето на започнувањето на овој пост да бидат преземени и во подоцнежните редакции на Ерусалимскиот типик, кој денес е во широка употреба во Црквата.
Што се однесува на конкретните правила за лишување од одредени видови храна и за духовната страна на постот, типикот предвидува во понеделник, среда и петок да се пости строго, во вторник и четврток да се јаде храна со масло, а во саботите и неделите е дозволено да се јаде и риба. Во поглед на тоа дали овие правила треба да бидат запазувани строго од сите верници, поразговаравме со отец Даниел Јовановски од скопската епархија, кој ни рече дека овие правила – напишани од монаси и наменети за монаси – треба да ги гледаме како максималната горна граница за строгост на апостолскиот пост.
– Но, бидејќи Црквата му се обраќа на секој конкретен човек посебно и бидејќи сите имаме различни психофизички сили, следува дека не би требало да наложуваме само едно, универзално правило за пост што би морале да го исполнуваат сите. Во таа смисла, не би смееле да бараме строгите правила да ги практикуваат луѓето со хронични болести, децата во преттинејџерска и тинејџерска возраст и луѓето навлезени длабоко во третата доба. Во конечна сметка, секој треба да пости така што постот ќе му биде и од духовна полза и нема да му штети на здравјето. Оттаму, пред секој пост треба да се советуваме со нашиот парох и со нашиот лекар – вели отец Даниел Јовановски.
Притоа, отецот дополнува дека физичката страна на постот е само првиот елемент од постот, но не е и последниот и не е најважниот.
– Воздржувањето од одредени видови храна е душеполезно дело само доколку е проследено со преостанатите состојки на постот: молитва, сокрушеност, добродејанија… Не е тајна дека за некои од оние што се воздржуваат од мрсна храна, овие последниве страни на постот се незначајни или дури и непознати. А, всушност, без нив постот не е пост, туку е диета. Воздржувањето од мрсна храна, значи, е само првото средство и тоа само треба да ни помогне да се доведеме до таква духовна и телесна состојба што ќе можеме да си ги очистиме срцата од секоја нечистотија, од секаква духовна „мрснотија“ и да појдеме вистински на патот на богосозерцанието и богоопштењето. А токму тоа е смислата на постот прекрасно појаснува отец Даниел.
Тој дополнува дека затоа, и во овој пост, следејќи го послушанието за телесниот пост што ќе ни го даде нашиот исповедник, сепак, треба да се трудиме да не го ставаме акцентот само на она што ни влегува во устата, туку и на она што ни влегува во срцата и во душите.
– Каква посна храна и да јадеме во време на апостолскиот пост, таа храна да не ни биде самоцел, туку да ни биде за потстрек уште повеќе да ја посакуваме и да ја вкусуваме најпотребната храна, да го вкусуваме живиот леб што слезе од небото, оној леб што, како што вели самиот Христос, оној што ќе го јаде – ќе живее вечно (Јн 6, 51). Со други зборови и мерките што ќе ги преземаме во овој годинава краток пост, како и сѐ што правиме и во време на пост и во време на оддишка од постот, да ни биде средство што ќе ни служи да ни ја наголемува љубовта кон Бога и кон луѓето и што ќе ни прави што повеќе да посакуваме да се соединуваме со Христа – завршува отец Јовановски.