ДА - за базната енергија и уште поголемо ДА за имплементација на зелената енергија \ Фото: Влада

Треба да градиме! Да не го користиме енергетскиот сектор за да крадеме од народот. Не сум против влезот на странски или домашни приватни инвеститори во Македонија. Јас сум против штетни договори со коруптивни елементи со приватните инвеститори. Некои од моите колеги очекуваа уште во првиот ден да рипнеме против оваа иницијатива, остро како против Чебрен и „Митилинеос“. Мојата порака e дека постои чувствителна разлика меѓу тие ДОГОВОРИ и оваа НАЈАВА!

ВЕТЕРНИТЕ ПАРКОВИ КАКО ПОВОД

 

Со промоцијата на идејата да се изгради голем ветерен парк во Македонија, најавен од новоизбраниот премиер на македонската влада, проф. Х. Мицкоски, се разбрануваа духовите, и тоа главно со негативни констатации. Темата ја презедоа новинарите, но и колегите инженери од секторот на енергетиката. Во почетокот се „надмудруваме“ меѓу нас, но излегоа и јавни претпоставки, кои се засноваат на произволни претпоставки. Првата група на забелешки е насочена кон тоа дека проектот е штетен за економијата на Македонија, затоа што губи профит од три милијарди евра за 30 години експлоатација. Втората група забелешки се дека проектот е полош од претходно најавените (а неприфатени) четири стратешки проекти, „Митилинеос“ со когенеративна постројка и трите сончеви парка.
Јас не видов (може сум пропуштил, не ги следам редовно сите постојни дневни весници и електронски портали) да се пофали оваа најавена иницијатива за инвестирање во Македонија.
Како ја гледаат новата влада потенцијалните инвеститори? ВМРО на чело со проф. Мицкоски е сериозен партнер. Уште во самиот почеток ВЕРУВААТ дека тоа што го кажува и ќе го одржи, ставовите нема да му се менуваат на дневна основа. Силен промотивен сигнал и за другите инвеститори. Уште на првиот ден од создавањето на новата влада. Дали уште се верува во тврдењето дека „ВМРО се изолирани“ во однос на ЕУ-тековите?
Моите ставови во однос на потребите за инвестиции во секторот на енергетиката верувам дека ѝ се познати на јавноста, барем на таа што е заинтересирана за овој сектор. Треба да градиме! Да не го користиме секторот за да крадеме од народот. Не сум против влезот на странски или домашни приватни инвеститори во Македонија. Јас сум против ШТЕТНИ ДОГОВОРИ СО КОРУПТИВНИ ЕЛЕМЕНТИ со приватните инвеститори. Некои од моите колеги очекуваа уште во првиот ден да рипнеме против оваа иницијатива, остро како против Чебрен и „Митилинеос“. Мојата порака е дека постои чувствителна разлика меѓу тие ДОГОВОРИ и оваа НАЈАВА што не беше правилно разбрана. Ме прашаа дали и јас сум коинвеститор во овој фонд. Да, потврдив, и тоа доминантен, со 251 милион евра! (Се надевам иронијата е јасна. Дали некој ќе поверува дека јас имам толку пари?!)
Да биде појасно што сакам да покажам. Во Македонија има издадено 4 (или 5) лиценци за изградба на ветерни паркови со сличен капацитет од 36 MW. Првата, Богданци, во сопственост на АД ЕСМ (за мене Електростопанство на Македонија, за легалистите Електрани на Северна Македонија), е во функција веќе неколку години. Втората, Богословец, исто така е во функција од неодамна, а другите се во изградбa (според податоци од медиумите). Првата е државна, народна, своја, а другиве три приватни. Со овие три инвеститори Македонија има ДОГОВОРНА ОБВРСКА дваесет години да ја откупува произведената енергија со повластена (feed in) тарифа од 89 евра/MWh. Лиценцата (барем за едната имам документација) е потпишана на 31 декември, еден месец пред изборите и формирањето на техничката влада, според одлуката на Владата во комплет со одлуката за Чебрен. Каква ажурност на РКЕ, работеле и на 31 декември!!!
Според најавената инвестиција од 500 милиони евра, претпоставувам дека паркот ќе биде со капацитет од 250 до 300 MW. Голема приватна инвестиција. Но НЕМА ШТЕТЕН ДОГОВОР ЗА ОБВРЗУВАЧКИ ОТКУП на електричната енергија. Нема повластена тарифа. А што добиваме како Македонија – можност да купиме електрична енергија со цена пониска од цената на унгарската берза за вредноста на преносот на купената енергија.
Зошто немало тендер, да се пријават и други? Немало претходни студии, економски елаборати, заштита на животната средина, дозвола за градба? Јасно дека нема! Затоа што нема потреба во оваа фаза. Условите за изградба на нови објекти за производство на енергија се дефинирани со Законот за енергетика, поглавје V. Изградба на нови енергетски објекти! Секој инвеститор што ќе бара од владата ОВЛАСТУВАЊЕ за изградба на енергетски објект над 10 MW, мора да ги исполни тие услови. Ова не се таканаречените „стратешки проекти“ заштитени со посебни закони.
Основна забелешка е дека сопствената изградба би обезбедила три милијарди евра приход, кои сега би се одлеале надвор од Македонија. Таа сума не е точна, но мислам дека не е место овде да ја докажувам со пресметка. И јас сум поддржувач на ставот дека треба самите да инвестираме во сопствени извори на енергија. Ако самите го изградиме овој ветерен парк, во секторот ќе се прелее приход од барем 1,5 милијарда евра за 30 години. Но во денешнава ситуација, на уништени финансиски ресурси, однапред потпишани штетни договори, кои оваа влада МОРА ДА ГИ ПОЧИТУВА, таква инвестиција т.е. кредитно задолжување не е упатно. Има други приоритети.
Ако имам потенцијал да насочам 500 милиони евра кредитно задолжување (при ваква состојба во здравство, железница, пошта, школство), јас би инвестирал во изградба на каскадата од четири брани на Црна Река (Скочивир, Чебрен, Галиште, Орлов Камен). Ветерниот парк можеби ќе трае 30 години, ама ползата од браните е повеќекратна: траат со векови, ја задржувам и ја користам водата на македонско тло, ги користам за балансирање на системот (реверзибилна хидроцентрала/и).
Нам ни забележуваат (и јас сум во таа група) дека сме ги критикувале „стратешките проекти“ („Митилинеос“ и трите сончеви парка претежно на обработлива земја). Зошто сега не го критикуваме овој проект, кој исто така е странска/приватна инвестиција и не го гради Владата преку АД ЕСМ. Постои ОГРОМНА разлика меѓу нив, која критичарите, претежно од политички причини, не сакаат да ја видат. Новава инвестиција на Алкараз за ветерен парк е проект во најава, за кој допрва треба да се дефинираат условите за изградба. За стратешките проекти беа донесени закони и конкретни договори со обврзувачки услови. Тие беа/се преполни со коруптивни елементи, ама надлежното обвинителство молчеше: со образложение дека законите и договорите, иако се направени да содржат коруптивни елементи (има дело), ама не се усвоени од Собранието. Замислете! Пример: Влегле бандити во банка, ги наполниле торбите со пари, ама на врата полиција ги запира со оружје. Овие ги испуштаат торбите и велат „нема дело, не ги држиме торбите во раце“! Ова се тие разлики, за да биде појасно:

Стратешки проекти:
– обврска да ја купуваме енергијата со повисоки цени од цената на берзата,
– финансиска државна помош,
– обврска да платиме енергија што и не е произведена, затоа што не ни требала,
– обврска да им го уредиме земјиштето,
– меродавни се арбитражни судови од Париз и Брисел,
– земјоделско земјиште, искористено за колектори, а не за производство на храна.
Ветерен парк во најава:
– нема обврска да ја купуваме произведената енергија,
– нема повластена тарифа за произведената електрична енергија,
– нема финансиска државна помош.
За да му се додели овластувањето за градба на инвестицискиот фонд, Владатa ќе постави услови што се однесуваат на вредноста за изнајмување на земјиштето, комуналии кон општините, обврски за изградба на инфраструктура и сл. Ќе се согледаат доста проблеми што се предизвик за реализација на оваа инвестиција. Сериозен елемент е да се обезбеди доволен капацитет на преносната мрежа и распределба на обврските за балансирање меѓу производството и побарувачката на енергија.

А дали може да се согледаат придобивки за Македонија што произлегуваат од овој проект, а не се спомнати при презентацијата на предлог-инвестицијата? Според мене, има. Еве неколку од нив:
Силен политички сигнал кон потенцијалните инвеститори. Македонија е сериозен партнер.
Алкараз е релативно нов но сериозен фонд во кој членуваат меѓународни финансиски институции. Корупцијата е сериозно спречена. Дали некому му пречи ако зад овој инвестициски фонд како гарант стои и силна кинеска финансиска институција?
Изградбата на потребната инфраструктура во овие три сиромашни општини, за нив е финансиски „ветер во грб“.
Владата преку МЕПСО секоја година ќе наплаќа за пренос над три милиони евра.
Инвестициски фонд – изградба на енергетски објект. Ако умно го следиме, тоа е вежбанка за наш „инвестициски фонд Чебрен“, каде што Владата би била доминантен учесник со 51 отсто.

Не е сѐ така црно како што сакаат да го претстават овој потенцијален проект. Со дрва и камења против него, а сѐ уште не се дефинирани условите.
Да градиме, да не крадeме! Понекогаш и да пофалиме.

Проф. д-р Константин Димитров