Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите, идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
„Ние сме обично готови да примиме без многу мислење дека нашиот јазик си е сиромашен. Што да се прави – треба да се зема отстрана… Ама до колку е тоа вистина? Да не претеруваме кога ја издигаме безусловно таа констатација? Мене ми се чини дека би требало да си речеме вака: да, нашиот јазик, како литературен треба уште многу и многу допрва да присоздава и присобира – тоа е вистина: туку уште посигурна вистина е дека ние не си го познаваме арно јазикот и таков каков што е, и со тоа што тој денеска го има и што може да ни го предложи за употреба.“
Ова го има нагласено Блаже Конески во 1946 година, една година по кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во текст што во текот на неговиот физички живот се чини неслучајно е преобјавен и во 1952, 1977 и 1981 година. За жал, кажаното од Конески тогаш, и 76 години потоа е актуелно, особено за прифаќањето или посочувањето тврдење дека „нашиот јазик е сиромашен“, оти, за жал, ова тврдење сме го чуле/прочитале од поединци и во нашава современост, но и за тоа колку добро, суштински го познаваме нашиот јазик. Најверојатно, реакцијата на прифатена вештачка инфериорност наспроти супериорниот голем друг не го одминува и односот кон јазикот од некои од нас, иако Конески ни го даде примерот дека и кога се пишува и воопшто искажува на јазик на народ од околу два милиона луѓе може да се биде голем, и тоа не само меѓу тој народ туку во светот. Само еден месец пред своето физичко заминување, тој, големиот Конески, со гордост нагласи: „Повеќе од половина век јас пишувам песни на јазик на еден народ што го сочинуваат околу два милиона луѓе.“ Затоа и се запрашувам: зарем примерот и влогот на Конески не ни се доволни?
Не би сакал да генерализирам и не сметам дека е потребно апокалиптично да се гледа на актуелните состојби, а уште помалку дека треба да се настојува така да се претставуваат и да се хиперболизираат. Но неспорно е дека секојдневно се соочуваме со отстапувања од стандардниот македонски јазик онаму каде што е недозволиво (не од институции и личности што научно се занимаваат со јазикот и неговото конкретно остварување – книжевноста, се разбира). Исто онолку колку што е видливо и потценувањето на потребата од лектура и јазична редакција. Ама она што особено ме замислува се присутните размисли од не малку поединци во нашата актуелна стварност дека за новите генерации примарно е што побрзо и подобро да ги совладаат странските јазици и по цена да не го познаваат добро стандардниот македонски, дотаму што трендот е и првите приказни и цртани филмови да им ги овозможиме на некој странски јазик, потиснувајќи го македонскиот… Најверојатно, во некои случаи и со помисла дека тоа ќе им биде потребно за нивната иднина, поврзувајќи ја со некоја „ветена“ странска земја. Забораваме ли дека Конески ни порача: „…и во моменти на ломења, раслојувања и колебања последно што треба да ни паѓа на ум е да ги поставуваме под прашање придобивките на нашата самостојна акција на јазичен план“?
Затоа, во последниве години, дури и нашите генерации се соочуваат со предизвиците од бесмислени ненаучни негирања и напади на нашиот јазик што доаѓаат однадвор, какви што доаѓале и низ децениите и за какви што и Конески нè предупреди дека ќе доаѓаат и во нашево време, постојано ме прогонува една мисла… И ние ќе го одбраниме македонскиот јазик од нападите однадвор, оти научната вистина е непобедлива. Но колку ќе го одбраниме од нападите што секојдневно, можеби и несвесно, му се задаваат дома, во нашата татковина?
Оти чинам сите сме свесни за сето она што ни се случува како проблем однатре, упатуваме критики и чекаме некој друг да ни ја заврши работата – повикувајќи се на институции, закони, проекти, акции што некој ќе ги преземе… Но, некој друг! А што може да направи секој од нас како индивидуа? Колку секој од нас размислил дали во своето секојдневје во вистинска смисла го остварува својот влог за почитување на македонскиот стандарден јазик, односно колку се придржува до стандардот кога тоа е потребно? И кога велам секој од нас, не мислам на филолозите, туку на секој поединец од нацијата. Затоа отворено и прашувам: колку секој од нас размислил и помислил колку и самиот тој, свесно или несвесно, можеби придонесува за непочитувањето на македонскиот стандарден јазик во секојдневјето? Оти нема некој што барем еднаш во денот не е во ситуација во која е нужно да се употребува македонскиот стандарден јазик… Или мислиме дека тоа е должност и обврска само на некои други таму, што не ги познаваме – јавни личности, просветни работници итн.? Или, пак, дека македонскиот стандарден јазик го познаваме или нашите деца ќе го знаат само затоа што сме родени говорители и тоа е завршен чин, па некои од нас и си дозволуваат потценувачки да гледаат на предметот Македонски јазик и литература, кој без нималку претерување ќе нагласам – најважен е!
Затоа и дилемата дали кога гордо на социјалните мрежи ќе ја споделиме мислата на Конески дека „јазикот е нашата единствена комплетна татковина“, тоа го правиме само флоскулно и парадно, а потоа забораваме дека секој од нас има долг и обврска кон таа татковина?
Неспорно е дека ни е неопходна национална стратегија, која меѓу другото ќе има цел да се популаризира и актуализира македонскиот стандарден јазик и ќе придонесе тој да навлезе во секоја пора од општеството. И дека е потребно државата суштински, уште повеќе да застане зад оние што се залагаат тоа да се случи, како и за афирмација на македонистиката во странските културни средини. Тоа не еднаш е кажано! Изминатиов период повеќепати се апелираше на потребата од оваа национална стратегија и сакам да верувам дека таа ќе стане реалност!
За тоа што треба да е појдовна точка на таа стратегија, мислам дека не треба веднаш да „талкаме“ по „странските искуства“ барајќи „добри практики“, оти основата ја имаме во текст од Конески објавен уште во 1950 година, под наслов „Македонскиот литературен јазик денеска“. Во него тој говори за сето она што треба да се стори, контекстуализирано во тогашните услови, јасно посочувајќи на секој што има некаква одговорност. И од тој текст ќе увидиме – секој од нас има одговорност! И институционална, и лична! Ја нагласувам личната одговорност, оти имам чувство дека неретки се затскривањата зад колективната одговорност.
Посоченото во тој текст е основата! Приспособено на денешните општествено-политички и културни услови, но со задржана суштина, со конкретизирани активности, практики и институции од актуелниот институционален систем, тоа е она што треба да биде наша национална стратегија.
Но, ако ни се случи таквата стратегија, колку навистина ќе се спроведе и колку ќе даде резултати не зависи само од тоа како ќе биде осмислена и само од институциите што и натаму ќе треба грчевито да се борат и залагаат за нешто што мора да ни е државен приоритет (ама не и само оние што професионално се занимаваат со македонистиката, како досега). Зависи од секого од нас – од секој поединец што е или што би требало да биде говорител на македонскиот јазик! Зависи од степенот на нашата демонстрирана свесност за важноста на нашиот македонски јазик, и за она што сме, и за она што ќе бидеме понатаму! Демонстрирана преку нашата катадневна грижа при употребата на јазикот и со нашиот севкупен однос кон нашата единствена комплетна татковина. Затоа што бесцелно и непотребно е само удирање в гради или натпреварување во дисциплината „плукање во далечина“. Потребно е суштински да покажеме дека ја сакаме и почитуваме нашата единствена комплетна татковина и дека знаеме каков однос треба да имаме кон неа. Оти опоменуваат и стиховите на Конески: „До кај што сум ја пренесол својата љубов, / дотаму е мојата татковина. / А вие, еј! / На што сте смислиле да ја сведете?!“
Но, сакам да верувам и верувам – си ја сакаме нашата единствена комплетна татковина и покрај сите предизвици што ѝ ги задаваме и однатре. А тоа е најважно за да ја зачуваме, браниме и развиваме!
Автор: Иван Антоновски
Авторот е поет, есеист, книжевен критичар, книжевен преведувач и публицист