Разговор со м-р Маргарита Николовска, психолог и психотерапевтка

  • Изложеноста на хроничен стрес и притисокот за продуктивност во сите работни и животни средини, како и недостигот од одмор, дигиталната преоптовареност, површните релации со другите луѓе и неавтентичното живеење во голема мера негативно влијаат на менталното здравје на луѓето, вели во интервју за „Нова Македонија“ м-р Маргарита Николовска, психолог, психотерапевтка, предавачка и асистентка на Факултетот за психологија при Универзитетот МИТ, која практикува индивидуална и групна психотерапија и психолошко советување со поединци и групи

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во 2021 година речиси, еден од седум луѓе, односно околу милијарда и сто милиони луѓе, во светот живееле со ментално растројство. Иако постојат ефикасни опции за превенција и лекување, повеќето луѓе со ментални растројства немаат пристап до ефикасна грижа. За менталното здравје разговараме со Маргарита Николовска, магистерка по психолошки науки (отсек Клиничка психологија и психолошко советување), дипломиран психолог и сертифицирана психотерапевтка. Таа е предавачка и асистентка на Факултетот за психологија при Универзитетот МИТ, која исто така практикува индивидуална и групна психотерапија и психолошко советување со поединци и групи, координира и учествува во голем број проекти, често е вклучена во хуманитарни акции на заедницата…

Може ли да ни ги опишете суштинските пристапи за тоа што е ментално здравје?
– Постојат различни дефиниции и пристапи за истото тоа како концепт. Според СЗО, менталното здравје е состојба на благосостојба во која поединецот: ги остварува сопствените способности, може да се справува со вообичаените стресови, може да работи продуктивно и ефективно, способен е да придонесува за својата заедница. Важно е да се каже дека истото тоа не е само отсуство на болест, туку е состојба на благосостојба на човекот во која води креативен живот што го исполнува, а истовремено е корисен за заедницата. Моделот на психолошка добросостојба на Керол Риф, наречен и Еудаимонски модел, го става фокусот на смислата и развојот, не само на чувството на среќа. Овој модел има шест димензии, кои ќе ги споменеме во продолжение. Едната е самоприфаќање, што опфаќа реалистично и прифатливо гледање на себеси. Другата е воспоставување позитивни односи со другите, што подразбира доверба, блискост и емпатија. Третата е автономија, што, меѓу другото, значи донесување одлуки според личните вредности. Четвртата е способност да управуваме со околината, која подразбира чувство дека управуваме со животните околности и дека не сме немоќни да правиме промени. Петтата е да се има цел во животот, односно чувства за насока и значење во животот. Шестата е личен раст што опфаќа отвореност за учење и развој на личноста. Постојат и други теории во врска со менталното здравје, а заедничко е што овој концепт опфаќа дека човекот ги исполнува своите потенцијали и живее исполнет живот што е добар и за него и за заедницата.
Кои се најзначајните фактори што денес најчесто го загрозуваат менталното здравје?
– Од она што психички најмногу нѐ погодува во денешницата, прво би ги издвоила изложеноста на хроничен стрес и притисокот за продуктивност во сите работни и животни средини, како и недостигот од одмор. Како да живееме во една трка, вител, и на работните места и дома. Сѐ повеќе луѓе работат на две работни места, па и повеќе, и кај нас и во западните земји. На работните места од нас се бараат продолжени часови работно време, максимално вложување, ефикасност и продуктивност, што самото по себе е стрес.
Понатаму, истото тоа се пренесува и во семејството, а од децата се бараат дополнителни активности надвор од училиштето, во кои секој момент треба продуктивно да го искористат, детето да не го губи времето на „глупости и игра“. Со тоа детето нема да биде слободно, туку ќе мора да работи на своите вештини и способности и да се подготви за свет во кој, кога ќе влезе во машината, ќе мора да се снајде. Немаме, не добиваме, не си даваме, време за одмор, бидејќи работата не може да чека, затоа што – ако нешто не направиме – друг ќе го направи и ќе нѐ замени. А мора да бидеме незаменливи во време на финансиска и економска несигурност. Се наоѓаме под постојан притисок на работа, финансии, учење и семејни обврски. Од друга страна, хроничниот стрес е најчест предиктор (фактор) за анксиозност, депресија и таканареченото прегорување. Кога сме под постојан стрес, постојано се лачи кортизолот, што ни ги нарушува нервниот систем, имунитетот и сонот.
Уште една причина за нарушување на нашето ментално здравје е дигиталната преоптовареност, и тоа од најразлични фактори. Тоа може да биде, на пример, нереалното претставување на социјалните мрежи, а со тоа и кревање на критериумите на успех и среќа, кон кои природно тежнееме, на високо, нереално и недостижно ниво. На социјалните мрежи, животите на другите даваат чувство дека сите други се посреќни и водат поисполнет живот од нас. Друга причина за дигитална преоптовареност е постојаната достапност што се бара од нас: на работните места, во социјалните кругови на кои им припаѓаме, во семејството. Се смета за незамисливо, неодговорно и некултурно, ако, секое време, направиме нешто од следново: не одговориме на мејл или на прашање од работното место, ги оставиме пријателите на „син“ (seen), не одговориме на повик на член од семејството на мобилен телефон и притоа не дадеме извештај каде сме и што правиме, ако за време на одморот не го дадеме реткото слободно време за разговор со блиските…
Треба да внимаваме кога и кому (на, дел – сите, не/познати) му го посветуваме времето, особено слободното. Ова особено важи за социјалните мрежи ако треба да одговориме на, професионални или лични, прашања. Ако не се штитиме себеси, ќе ни ги нарушат личните граници, време и енергија. И покрај оваа дигитална постојана поврзаност, повеќето луѓе денес страдаат од недоволна емоционална поврзаност и поддршка од другите луѓе, бидејќи, на овој начин, квантитетот на интеракции негативно влијае на нивниот квалитет.
За жал, гледајќи нѐ нас, истото тоа, уште од мали, го прават и децата, и тие се споредуваат, за да не почувствуваат дека се помалку вредни или маргинализирани. Во минатото, неприфаќањето од околината било налик на протерување – жигосување, па, пред сѐ, оттогаш датира потребата да бидеме прифатени, а оттаму допадливи, чие задоволување се загрозува со зачестеново користење на социјалните мрежи, во кои секој се труди да се претстави во најдобро светло и да остави допадлив впечаток кај другите. Нагласувам дека нашето ментално здравје го нарушува и живеењето, кое не е автентично, кое не е според нашиот личен систем на вредности.
Како се поврзани живеењето според личните вредности и менталното здравје?
– Менталното здравје не зависи само од тоа што ни се случува туку од тоа дали начинот на кој живееме е усогласен со она што ни е најмногу важно. Личните вредности се како внатрешен компас, тие нѐ управуваат, но и нѐ опишуваат, често сакаме да се изразиме преку нив и задоволство ни е кога другите нѐ опишуваат преку нив, како на пример: тој е многу праведен, правдољубив или таа е личност со отворен ум, ќе те разбере. Вредностите често остануваат во несвесното и оттаму нѐ управуваат, така што многу луѓе не се свесни за својот систем на вредности. Освен што вредностите несвесно нѐ мотивираат и ни даваат насока што е важно, истите тие одредуваат како ги донесуваме одлуките и со нив му даваме смисла на животот. Кога живееме во согласност со сопствените вредности, почесто чувствуваме внатрешна кохерентност, смисла и насока, но и психолошка стабилност. Кога постои неусогласеност меѓу вредностите и реалниот живот, се јавуваат хроничен стрес, внатрешни конфликти и чувства на празнина или исцрпеност.
Истражувањата во позитивната психологија и терапијата за прифаќање и посветеност, т.н. AЦT (Acceptance and Commitment Therapy), покажуваат дека живеењето во согласност со вредностите е посилен предиктор (фактор) за добросостојба отколку краткорочната среќа. Вредностите се поврзани со целта и смислата на животот. Менталното страдање често не доаѓа од „слабост“, туку од живот под притисок (постојан) да бидеме нешто што не сме, од професија, работа или улоги што се спротивни на личните вредности, од исполнување на надворешните очекувања што го потиснуваат автентичното „јас“. Сето ова може да се манифестира како анксиозност, прегорување, депресивност, чувство на отуѓеност. Овие последици може да имаат најразлични причини, но менталното здравје може да биде нарушено и од неавтентичното живеење, кое не е во согласност со личните вредности.
Како да препознаеме дека е нарушено нашето ментално здравје?
– Во најголем број случаи, во секојдневното живеење, нарушувањето на менталното здравје не се случува одеднаш и драматично. Најчесто тоа е еден долг процес во кој промените се случуваат малку по малку и постепено. Затоа и не ги забележуваме самите и веднаш. Некои чести знаци се: постојана исцрпеност, умор за кој не знаеме од каде доаѓа, нетолерантност кон околината и раздразливост, особено ако дотогаш не сме биле такви, тешкотии со концентрацијата, особено при работа и за содржини што претходно ни биле интересни. Други проблеми што укажуваат дека нешто се променува во нашето ментално здравје се нарушен сон (тешко заспивање ноќе, будење ноќе и останување без сон неколку часа, кошмари), преоптовареност дека нема да постигнеме сѐ, дека мора многу да брзаме за да стигнеме, потреба за итност дури и за работи што не се итни. Луѓето можат да почувствуваат и безнадежност, повеќе да не им се радуваат на работите што им предизвикувале радост, да се повлекуваат и од луѓе и активности што претходно ги сакале. Симптоми се и промени во исхраната, немање апетит со денови, прејадување, постојано јадење или грицкање некаква храна и слично. Важно е да се знае дека овие знаци не мора да значат дијагноза, туку сигнал дека ни е потребна поддршка.
Предмалку наведеното не важи за семејни или други (лични – професионални) трагедии или шокантни настани, осознавање – живеење како тешко болен, генетски пренесени нарушувања… Во овие случаи, можно е менталното здравје нагло да се наруши, вели во разговор за „Нова Македонија“, психотерапевтката м-р Маргарита Николовска.

Живко Здравкоски