Да докажеме пред народот дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор, дека не сме исти со оние што владееја во минатото. Да не заборавиме дека нашата фотелја не е крајна цел, туку должност, должност кон народот, кон Македонија. Сите функционери во нашата партија мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку служба, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното обраќање по повод јубилејот – 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
На одбележувањето што се одржува во Хераклеа, Мицкоски им порача на своите функционери – „не заборавајте кои сте, од каде дојдовте и кому му служите“. Воедно повика на искрена самокритика и совест кај секој член и функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Секој што мисли дека фотелјата е само лична придобивка, потенцира, нека размисли повторно.
ВМРО-ДПМНЕ, напомена партискиот лидер, е вистински чувар на промените кои се неопходни.
-Во овие мигови на промени, апелирам до сите наши функционери и членови: не заборавајте кои сте, од каде дојдовте и кому му служите. Никој не смее да дозволи бахатост или агонија од моќ и корист да го заматат погледот. За да демонстрираме одговорност како гарнитура и да покажеме разлика и тоа кои сме и за што се залагаме, јас нема да престанам да барам отчетност од секој еден од вас. Секое отстпапување од вредностите кои ги застапуваме нема да остане неказнето или неприметено. И ниту еден од вас не е незаменлив, колку и да е близок до мене. Мора да знаете дека ниту една ваша функција, ниту една позиција не ви е сигурна и таму ќе бидете се додека служите и заедно работиме за народот – подвлече Мицкоски.
Според него, несовесното седење во фотелјата носи срам и разочарување, а достојното и пријателско седење на столчето, на гајбата пред кооперацијата или на клупата во маалото, носи пријатели, поддржувачи и вистинска сила за идејата.
-Таму лежи основата на вистинската политичка иднина, на честа и на нашиот образ. Немојте никогаш да забравите од каде потекнуваме, од каде доаѓаме и каде ќе се вратиме по сето ова. Најскапата работа што еден човек може да ја остави на своите потомци, не се парите, не е имотот, туку честа и чистиот образ. Како што мудро знаат нашите да кажат, не смеат функционерите да заборават дека макадамот по селата и улиците е повистински и поавтентичен и помек од килимот по хотелите и канцелариите, заради реалноста која ја има во себе и чекорот на своите сограѓани кои чекорат по него, а фотелјата е секогаш понеудобна од гајбата пред кооперација, заради тоа што таму извира твојата моќ и твојата цел. Токму затоа, сите функционери во нашата партија мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку служба – потенцира партискиот лидер.
Тој ги потсети функционерите од ВМРО-ДПМНЕ дека клупата во нивните маала е местото на кое еден ден пак ќе се вратат, како и дека ќе мора луѓето таму да ги погледнат во очи и со гордо крената глава да кажат: „Јас го направив тоа за вас, јас се борев за вас, и да не се срамите и да се криете од нивните прекорни погледи“.
Мицкоски се осврна и на периодот пред доаѓањето на власт. Истакна дека неговите претходници, СДСМ и ДУИ, го разочарале народот и ги руинирале институциите. Држава, посочи, беше предмет на долготрајно уназадување и разрушување, а седумгодишното владеење на ДУИ и СДСМ остави длабоки рани. Но, ВМРО-ДПМНЕ, додаде, е новата надеж.
-Ние сме промена која не се плаши да се соочи со предизвиците, да ги поправи грешките и да постави правичен ред и правда. Ние не сме тука да ветуваме лесни приказни или брзи решенија, туку сме тука за да ги исправиме грешките и да ги санираме штетите од минатото. Мора да признаеме – периодот што го оставивме зад себе не беше лесен. Последните седум години, до лани, беа години на катастрофално владеење од страна на ДУИ и СДСМ, полно со корупција, предавства и разнишување на нашите институции. Институции кои беа столбови на државата, сега беа рушевини. Вербата на народот беше разнишана, економијата заглавена, политичарите потонати во корупција, стандардот на граѓаните падна. Луѓето беа разочарани, уморни, полни со апатија, страв и неизвесност. И токму поради ова, нашиот влез во власта пред една година беше повеќе од промена на гарнитура. Тоа беше нов почеток и потврда дека народот не заборавил, дека народот не се откажал, и дека сега почнуваме да градиме темели – темели на промени, темели на чесност, темели на работа и правда – потенцира Мицкоски.
Според него, раните што ги оставија СДСМ и ДУИ се гледаа во секоја институција, во секој ќош од Македонија.
-Корупција што ги рушеше темелите на правдата, предавства што ги поткопаа државните интереси, руинирање на институциите. Нашите граѓани останаа разочарани и без надеж. Но, сите тие темни години сега остануваат зад нас. Со непоколеблива волја и со силна решеност, народот повторно ја зема власта во свои раце, а ВМРО-ДПМНЕ застана како вистински чувар на промените кои се неопходни. Целата наша енергија и секој наш чекор се насочени кон обновување и стабилизација на државата. Затоа, да не заборавиме – нашата фотелја не е крајна цел, туку должност. Должност кон народот, кон Македонија – подвлече Мицкоски во обраќањето по повод партискиот јубилеј.
Дополни и дека во секоја историска борба, а особено во онаа на нашиот народ која трае со децении, клучот за успехот лежи во единството и свесноста за одговорноста.
-Не сме тука за да се бориме за фотелји или моќ, туку за да создадеме вистински вредности кои ќе останат засекогаш и ќе ги препознаваат идните генерации. Се сеќавам како по седумте години катастрофално владеење на ДУИ и СДСМ, кога нашите институции беа разнишани, корупцијата цветаше, а идентитетот и националниот интерес беа на удар, многумина помислија дека нема спас за Македонија. Но токму тогаш, во најтешките моменти, ние одлучивме да преземеме одговорност и да покажеме дека има надеж – потенцира Мицкоски.