Темелите на современата македонска држава беа поставени во Горно Врановци, а неговите жители беа едни од чинителите на македонските државнички темели. Поради одредени политички причини, во втората половина на 20 век старите жители на Горно Врановци се иселуваат во Турција и денес најголемиот дел од нив и нивните потомци живеат во Измир. Според одредени информации, нивната бројка е околу 40.000. И покрај значењето на Горно Врановци, во македонската историографија недостига сеопфатен труд за Горно Врановци, како и за неговите жители
Документи и сведоштва ги чуваат живи спомените за втемелувањето на македонската држава
Горно Врановци, населено место што се наоѓа во областа Гроот, во полите на планинскиот масив Јакупица, има извонредно значење од национален и државен карактер, но во изминативе неколку години е заборавено од македонското општество и институции. Според постојните документи и сведоштва, во ова село од средината на септември до крајот на ноември во 1944 година се наоѓала извршната и законодавна власт на современата македонска држава, односно Президиумот на АСНОМ, Централниот комитет на КПМ, Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, печатницата „Гоце Делчев“ и раководството на ОЗНА. Со други зборови, темелите на современата македонска држава беа поставени токму во Горно Врановци, а неговите жители беа едни од чинителите на македонските државнички темели.
Поради одредени политички причини, во втората половина на 20 век старите жители на Горно Врановци се иселуваат во Република Турција и денес најголемиот дел од нив и нивните потомци живеат во Измир. Според одреден информации, нивната бројка е околу 40.000. И покрај значењето на Горно Врановци, во македонската историографија недостига сеопфатен труд за Горно Врановци, како и за неговите жители.
Сведоците и потомците на историските настани опфатени во научниот труд
За оваа проблематика разговаравме со д-р Драги Наумовски, кој ни посочи дека набрзо празнината што постои ќе биде дополнета со неговиот научен труд за Горно Врановци. Наумовски вели дека веќе еден подолг период научно го истражува Горно Врановци, преку откривање нови и необјавени документи, како и разговори со оние горноврановчани што сѐ уште се живи и се сведоци на некои од историските настани или со потомците на некои од иселениците.
Драги Наумовски досега неколкупати беше во посета на горноврановчани во Измир каде што оствари повеќе средби и разговори, а меѓу другото точно утврди во чии семејни куќи биле сместени извршната и законодавна македонска власт, но и печатницата „Гоце Делчев“ каде што за првпат се печати и најстариот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Сите овие податоци ќе можат да се прочитаат во неговиот научен труд каде што ќе бидат објавени и повеќе оригинални фотографии.
Прва престолнина на современата македонска држава
Во текот на нашиот разговор го запрашавме Драги Наумовски зошто се нафатил со истражување за Горно Врановци. Според него, доколку се земат предвид историските извори, може да се каже дека Горно Врановци е првата престолнина на современата македонска држава, локација што е неразделно поврзана со вториот Илинден и со македонската држава. Оттука сосема е природно да се напише и да се објави еден истражувачки труд за Горно Врановци, вели Наумовски. Од друга страна, постојат и индивидуални причини за овој труд.
– Една стара фотографија, во златна рамка што стои во ходникот, на катот во куќата во селото Лисиче, постојано ми го привлекуваше вниманието. Фотографијата, ќе речете, дека е како и секоја друга фотографија. Но оваа имаше нешто особено, нешто важно за мојот татко и за мене. Располагав со малку информации за оваа фотографија, но дознав дека е поврзана со школувањето во Горно Врановци. Секогаш кога ќе влезам во ходникот ја здогледувам, а што може да се види. Повеќемина деца ученици, сите идентични според фризурата и облеката. Облечени во куси палта или фанелчиња – вели Наумовски.
Според Наумовски, во првиот ред учениците се седнати на столчиња, а меѓу нив во средина е учителот.
– Не можам да заклучам дали фотографијата е пред училиштето или во училницата. Нешто ме копкаше да дознам каде е направена фотографијата, каде се сега тие ученици, колку од нив сѐ уште живи. Меѓутоа ме интересираше и зошто се иселиле во Турција, какви се нивните животни приказни, кои се проблемите со кои се соочиле. Исто така ме копкаше и дали имаат зачувано фотографии или документи од периодот кога живееле во Горно Врановци – рече Наумовски.
Старата фотографија дополнително го поттикнала интересот
Неговиот интерес за Горно Врановци постојано се зголемувал додека размислувал за фотографијата. Затоа се одлучил да трага по учениците од Горно Врановци, го пребарал стариот нотес на татко му и нашол неколку имиња со телефонски броеви, меѓу кои биле Асан Скендеровски, Ибраим Нурчевски, Илмија Н. и неколкумина други.
– Постојано размислував за фотографијата и учениците, а со текот на времето се зголеми и мојот интерес за Горно Врановци. Кои се сопствениците на куќите каде што престојувал Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, каде бил сместен Президиумот на АСНОМ, каде е отпечатен првиот број на дневниот весник „Нова Македонија“, од која куќа во етерот излезе „зборуе радио слободна Македонија“, во која куќа била сместена ОЗНА. Што сѐ се случувало во Горно Врановци во 1944 година. Кој сѐ престојувал и што придонел за македонската државност – вели Наумовски.
Авторот смета дека приказните за Горно Врановци и за неговите жители ќе живеат преку неговата книга.
– Најголемиот дел од децата на фотографијата се починати, како и татко ми, кој почина во 2011 година, но тие живеат преку нивните деца и внуци, кои ми ги раскажаа нивните животни приказни, кои ќе бидат објавени во мојата книга, која набргу ќе биде отпечатена – нагласи д-р Драги Наумовски.