Многубројните скандали во судството, корумпирани судии, обвинители, непотизам во Академијата за судии и обвинители, без притоа да се преземе сериозна акција за сузбивање на ваквите негативни појави, се уште еден доказ дека голем број луѓе на функции во третата власт се таму само за да одработат нечија партиска агенда, да си го довршат мандатот, и ништо повеќе. Таквиот систем изграден врз гнили темели не може да продуцира резултати и сѐ повеќе ја разјадува државата одвнатре
Барањето за разрешување на јавниот обвинител и интерпелацијата на членовите на Судскиот совет ги разбрануваа правосудните води
Високиот степен на корупција во државата и исклучително ниската доверба во судството се јасни показатели дека правосудниот систем не си ја врши задачата како што треба и ако продолжат таквите практики и во иднина, тогаш македонската перспектива за членство во Европската Унија станува неостварлива од чисто внатрешни причини.
Многубројните скандали во судството, корумпирани судии, обвинители, непотизам во Академијата за судии и обвинители, без притоа да се преземе сериозна акција за сузбивање на ваквите негативни појави, се уште еден доказ дека голем број луѓе на функции во третата власт се таму само за да одработат нечија партиска агенда, да си го довршат мандатот, и ништо повеќе. Таквиот систем изграден врз гнили темели не може да продуцира резултати и сѐ повеќе ја разјадува државата одвнатре.
Очигледно по силниот притисок од јавноста актуелната власт е решена да им стави крај на ваквите појави и да започне процес на сеопфатна реформа на правосудниот систем во насока на постигање на највисоките стандарди на владеење на правото, што вклучува ефикасна и неселективна борба против корупцијата и криминалот од секаков вид.
Деновиве е актуелна одлуката на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, откако претходно во неколку наврати високи владини претставници, вклучувајќи го и премиерот, изјавија дека не се задоволни од неговата работа.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција информира дека Владата го задолжила Министерството за правда да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител. Според Митева, разочараноста на Владата и разочараноста на граѓаните се од системот што не функционира, а секојдневното продолжување на таквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирање на правната држава.
– Аргумент за ваквото нешто е последниот индекс за транспарентност, од кој детално можеше да се види дека конкретно четири точки се случиле за состојбите во обвинителството и судството. Дополнително, последното именување за вршител шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е одлука што е незаконска и надвор од Законот за јавното обвинителство – кажа Митева.
Дополнително, македонската јавност во изминатиот период беше сведок на скандали што го потресоа и Судскиот совет, чии членови, и покрај очекувањата на пошироката јавност да се повлечат од функциите, сепак продолжуваат со работа. Тие сега се исправени пред морална дилема дали самите да се повлечат, откако во Собрание им беше изгласана недоверба за нивната работа. Имаат рок од десет дена од приемот на интерпелацијата, кој почна да тече од вторникот попладне, да достават одговор и да го образложат на собраниска седница.
– Одговорни членови на Судски совет веднаш би поднеле оставка по скандалите што се случуваа, а тие таму се избрани не за да бидат судски скандал-мајстор, туку да оневозможуваат какво било скандализирање на независната судска власт. Еве, уште очекувам да бидат доблесни и да го сторат тоа. Зошто? Бидејќи познато е дека тој што ве избира, ве контролира и може да ве разреши – изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Несомнено овие потези покажуваат дека започнува процесот на генерален ремонт на македонскиот правосуден систем, во насока тој да се врати на своите основи, кои значат вистинско владеење на правото и бескомпромисна борба со корупцијата и криминалот. Тоа се првите чекори што треба да се направат доколку интенцијата е Македонија да стане пристојно место за живеење.
– Ние имаме доволно паметни луѓе во правосудството и токму тие треба да дојдат на местата што ги заслужуваат. Имаме чесни луѓе во правосудството, но тие се дел од корумпираниот систем. Не треба да ги уништиме луѓето туку системот што не функционира, и тоа преку систем на контрола и знаење, преку систем на чинење наспроти нечинење. Поминаа години да се создаде корумпираниот систем и ќе треба многу време да се уништи. Добар старт е – оцени Страшо Ангеловски, претседател на МААК и добар познавач на актуелните состојби во земјава и пошироко.
Тој, на гостувањето во „Само вистина“, се заложи за комплетно системско решавање на проблемот со нефункционалното правосудство.
Индекс на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“
Лошото судство и обвинителство ѝ кумуваат на корупцијата
Индексот на перцепција на корупцијата, кој секоја година го објавува „Транспаренси интернешнл“, покажува дека и годинава Македонија е далеку под минимумот од 50 поени, кои се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата.
Во новиот извештај за индексот на перцепцијата на корупцијата земјава бележи 40 поени, што е за два поена помалку од минатата година, и поради тие причини е забележан пад од дури 12 позиции на табелата, па сега се наоѓа на 88-та позиција.
Според претседателот на „Транспаренси интернешнл-Македонија“, Благоја Пандовски, овие негативни резултати се последица на големиот број скандали што се случија минатата година, особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители. Како што вели тој, неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола што Судскиот совет ја врши врз судиите и 40-те препораки на оценската мисија на Европската Унија, прекршувањето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од скандалите што го тресеа судството.
– Минатата година имавме и докажан случај на корупција од еден врховен судија, разрешување кривичен судија од Кавадаречкиот суд, кој се слушнал со обвинет кому му судел дури 97 пати за неколку дена, и уште неколку случаи, кои се само загребување на површината на судството во кое граѓаните немаат доверба. Слична е состојбата и во обвинителството, кое не е ажурно во гонењето на високата корупција и не ги процесира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата, а и самото тоа беше предмет на скандали со докажан случај на корупција на еден поранешен член на Советот на јавни обвинители – појасни Пандовски.
Слична констатација имаше и со последниот Национален систем за интегритет што „Транспаренси интернешнл-Македонија“ го објави во јануари 2024 година, каде што обвинителството и судството беа оценети ниско во нивната улога во борбата против корупцијата.
– Првиот чекор од долгиот пат во борбата против корупцијата се нејзината казнивост и генералната превенција што казнивоста ја има во општеството. Сѐ додека не се постигне тоа, не можеме да очекуваме позитивни резултати на индексот на перцепција на корупцијата – посочува Пандовски.
Правејќи паралела со резултатите на соседните земји, Албанија и Косово ја престигнаа Македонија во борбата против корупцијата. Албанија сега е на 80-то место со 42 поена, додека Косово има 44 поена и се наоѓа на 73-то место. Црна Гора е најнапред од сите земји на Западен Балкан – на 65-то место со 46 поени. Србија се наоѓа на 105-то место со 35 поени, а Босна и Херцеговина на 114-то место со 33 поени.
Индексот на перцепција на корупцијата ги бодува и рангира земјите/териториите врз основа на проценетата корупција во јавниот сектор на државата, од страна на експерти и бизнисмени.